January 4, 2015

Mimic маратон

Mimic трилогијата доаѓа директно од купот со потценети СФ хорори. Дури и како за филмови од Б категорија, каде што се често на дното на таквите листи. На ден во кој само дефибрилатор за време на земјотрес би те извадил од кревет, звучат како добра идеја за маратонско гледање. Не е дека немав подобар избор од ова, ама сакав да си го освежам сеќавањето на она што го памтев како добро. За првиот бев во право, за вториот не баш, а третиот го гледав првпат и сигурен сум дека тоа ќе биде и последното гледање. 

Првиот Mimic е од 1997, еден од раните обиди на Гилермо Дел Торо, филм кој го оставил без спокој следните четири години, кога му било конечно дозволено да го направи последниот рез. Баш тој и го гледав, Director's Cut верзијата. Не го памтам детално претходниот за сподерба, меѓутоа не верувам дека бил толку лош, колку што не се поклопувал со визијата на Дел Торо. Mimic има одлична режија, богати, детални кадри кои и покрај мрачната атмосфера успеваат да бидат шарени и живописни. За жал, предоцна било да го поправа сценариото или талентот на актерите. 


Наспорти популарното мислење, Mimic е баш оргинален филм. Мислам, базиран е на кратка приказна, но разликата од изворниот материјал е доволно голема за да пројде како оргинален концепт на платно. Три години пред главното дејствие на филмот, лебарки низ Њу Јорк се носители на смртоноста болест која главно ги напаѓа децата. Тим ентомолози со генетски инжинеринг и наука излезена од Џурасик Парк, создаваат нов инсект кој со ензимот што го ослободува им го забрзува метаболизмот на злобните лебарки, убивајќи ги ефикасно. Но, госпоѓата Мира Сорвино и нејзиниот сопруг научник чие име не беше битно за памтење, не се свесни дека нивниот нов вид на бубачки, "Judas", успева да преживее и после холокаустното требење на лебарките и покрај тоа што е дизајниран да умре после неколку месеци. Не само што има преживеани примероци, туку и еволуираат со огромна брзина и се ослонуваат на мимикрија, имитирајќи го и својот најголем предатор - човекот. Јас сум сосема океј со овој изговор за хуманоидна лебарка што напаѓа и лови во темни метроа. 

Mimic можеби не е Alien, но е доволно напнат, визуелно убав и ги има сите елементи од жанрот. Крајниот продукт не е најдоброто нешто што ќе го гледаш, меѓутоа ќе биде едно од најдобрите што ќе ги пропуштиш ако не се решиш. Mimic 2, инаку direct-to-video продолжение од некој небитен режисер,се обидува премногу да биде кецот, само што сега наместо метро, групата несреќни Ш класа актери се заглавени во некое школо. Нема приказна што се развива, туку се фрла директно во акцијата, со претпоставка дека гледачот знае од каде е дојдена гнасната џиновска мутирана лебарка што (пази го пресвртов!) се обидува да се пари со главната актерка. И таа, и остатокот од актерската екипа се тотални анонимуси кои верувам дека се "режирале" самите себе, импровизирајќи го и сценариото. Не изгледаше волку очајно филмот пред неколку години кога првпат го гледав, или е сериозно многу лоша копија на кецот. Еј, кецот дури има и млад Џош Бролин. Тука имаш детектив кој решил да позајми нешто од Молдер, и "да убаци нешто свое". Толку е смешен што веќе почнав да се надевам дека третиот дел ќе биде подобар. 

Дваесетина минути откако го пуштив третиот, Mimic: Sentinel веќе почнав да се сомневам во мојот избор за провод попладнево. Претпоставувам дека сите актери, заедно со режисерот и целата екипа, волонтерски работеле на филмот, чии вкупно два сета биле покриени со пари од продажбата на видео касетите од двојката. Можеби единствениот на платен список бил Ленс Хенриксен, кој во периодот кога е сниман филмот, веќе беше етаблиран како главна ѕвезда на вакви лоши продолженија. Некој решил дека ќе биде добра идеја да направат Mimic филм од перспектива на лик преживеан од болеста од првиот дел, кој перверзно го набљудува и слика комшилукот како во Rear Window, бидејќи не може да го напушти домот. И, нели, неговиот објектив никако да ги фати убиствата на лигавата монструозна човеколика лебарка кои се случуваат пред неговите очи (не и пред нашите), па никој не му верува (дури ни јас), па се тегнат (јас се тегнам и зевам), бла бла... додека дојде моментот кога сите ќе бидат загрозени, нели. Можеби битниот момент се случил во оние петнаесетина минути што ги дремнав, ама пак се разбудив на сцена на исто место. Станот на дечкото со лошата глума. Немаше ни обид за тензија или хорор, освен сомнеж дека сум пуштил некој сосема трет филм. 

Mimic: Sentinel за жал ја има фрлено последната лопата земја на франшизата која некогаш можеби имала потенцијал. Иако покрај кецот верувам дека тоа е тоа од приказната, цврсто верувам дека ако некогаш ова падне во вистински раце, може да испадне уште нешто ново интересно. Исто како што верувам дека еден ден, кога Холивуд ќе ги изрециклира сите познати ствари со култен статус, ќе погледне и кон Mimic, па ќе ги нашили антените како ебана лебарка.

No comments: