Мислам дека е време оваа трансплантирана тастатура да исчука еден љубовен пост за Фолтин. А, секогаш кога ќе треба да пишувам за нешто толку големо колку нив, ништо не сака да излезе преку прстиве. Дури и непријатно ми доаѓа. Сакам да пишувам за веројатно најдобриот активен македонски бенд во моментов, бенд за кој ми беа потребни години за да го разберам. Не знам како претходно на свирките на кои бев случајно затекнат не успеав да остварам конекција со музиката што ја свират. Дури и студиските ствари што исто така случајно ми улетуваа, не ме допираа посебно.
Летово, конечно магијата што ја создаваат Фолтин успеа го најде патот до мене. Во најубавиот можен сетинг, после полноќ, на мала плажа со фин народ, факели, перници за одмарање на пијаните газови, бранови... Совршена прилика и комбинација за бенд како Фолтин да почне да ти зборува на начин на кој што не можеш да не си спремен да чуеш. Дури и прекинот на струјата кратко пред настапот, не успеа да ја сруши атмосферата за тоа што следеше. Од моментот кога почнаа со свирење, се затрескував во секоја следна песна. Да продолжеа да свират без престан цел тој викенд, ќе останев пред бина и ќе продолжев со несмасното мрдање.
За дочекот на 2015, ги гледав пак. Иако атмосферата не беше толку интимна како летото во Охрид, пак ми ги предизвикаа истите чувства, хипнозата и трансот. Сега веќе бев спремен, со дискографија преслушувана изминатите месеци. Можев да ги урлам стиховите кои им се на јазици што ги разбирам, да се радувам на "мојата" песна. Тогаш и ми се потврди дека го имаме најуникатниот бенд на домашната сцена. Бенд што звучи толку многу светски.
Музиката не би се обидел да ја дефинирам, па затоа ќе одам со нивниот "званичен" опис - псевдо-емигрантско кабаре. Среќен сум што воопшто ги "открив", дури и вака покасно. Постојат од 1997, имаат шест албуми и еден заеднички проект со Никола Коџабашија и Гоце Стефковски. И, секој албум успева да звучи оргинално и различно, а да биде "фолтински". Баш тука е мајсторијата на бендот. Криво ми е што уште не успевам да го најдам "Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо" и мора да се задоволам со пиратски даунлоуд. Ги пребарав сите можни места низ градов кај што би можело да го има и упорно не го наоѓам. Знам дека тиражот не е распродаден, знам кој е издавач и штета е што дистрибуцијата некаде заринкала.
Не можам доволно да го препорачам бендот на тие што уште не успеале да чујат што има да каже. Веројатно најдобрата идеја е да се искуси енергијата што зрачи од Фолтин во живо. Јас само знам дека со нетрпение го чекам следниот концерт.
Може сепак една селекција за крај? Океј, ајде: "To Whom Do You Belong Now?", "Lo-Lee-Ta-Too", "120", "Аманаман", "128", "Muriel Mule" и "Двојка".
No comments:
Post a Comment