Вербата во новиов филм ја загубив уште кога Том Џејн се повлече од филмот и го отстапи местото на Реј Стивенсон. Излезе сосема неприметно кон крајот на минатата година. Не привлекувајќи никакво внимание, успеа некако да се протне низ публиката и критиката. Наводно, филм правен само за фановите на The Punisher. За жал, до мене не успеа да допре, а се сметам за голем фан.
На прв поглед, делува како совршен The Punisher филм. Има стриповска атмосфера (нешто што често недостасува кај филмовите базирани на стрип), има вистински негативец (Jigsaw) кој навистина постои во стриповите, има доволно акција... дури и Micro го има. Почнува со брутални акциони сцени, баш како што прилега на The Punisher, без никаков вовед во приказната, бидејќи на некој начин е продолжение на The Punisher од 2004. Единствено, има мал флешбек каде што семејството на Френк Кесл гине како во стрипот, а не како во филмот од 2004. Jigsaw е комплетно стриповски направен и ми се допаѓа како функционира на филм, без никакви претензии да се направи ликот “реален”. Плус Доминик Вест е одличен.
Најголемиот проблем е самиот Френк Кесл, односно Реј Стивенсон. Премногу стерилен и неубедлив, а згора на тоа го докусурува и лошата костимографија. Черепот на костимот речиси и да го нема, а носи и некаков лош панцир со ролка што го прави дури и смешен. Зошто не зеле пример од The Punisher MAX стрипот? Тоа е најдобриот изглед за Панишер што го имам видено до сега и е најадекватен за на филм. Не би рекол дека ова е ситница, баш напротив, Френк Кесл треба да изгледа кул, не да носи ролка.
Покрај тоа што главниот елемент на филмот е комплетно сјебан, ни приказната не е воопшто поштедена. Претпоставувам дека сценариото е пишувано набрзинка, затоа е неконзистентно и полно со маани, што ја прави приказната тешка за следење. А, да не почнувам за клишеата кои може да се видат во било кој филм. Значи имаме филм кој не нуди ништо повеќе од просечна акција со Стивен Сегал, со тоа што Стивен Сегал е многу подобар од било што во Punisher: War Zone. Punisher: War Zone не е ни забавен за гледање, туку досаден е и трае предолго. Има купче беспотребни сцени каде што спласнува целиот интензитет, но и без тие резултатот би бил просечен акционен филм. Се надевам дека ако планираат уште еден дел, ќе земат во предвид што навистина сакаат фановите и како треба да изгледа еден The Punisher филм...
Ако мора да го оценам, нека биде 5/10.
1 comment:
Рецензијава на крај се сведува на „не го гледај филмов“ =)))
П.С. Не е дека ќе го гледав, ама после ова дефинитивно нема сигурно да го гледам... :P
Post a Comment