July 14, 2016

Аction Соmics #959 и иднината на Супермен во DC Rebirth

За Action Comics #959 се возбудив уште кога ја видов насловната страна. Супермен држи повреден или мртов Кларк Кент во раце. Колку е заебано, нели? Приказната уште се отплектува бавно. Толку бавно што повторно се искористени елементи од The Death of Superman, но со оглед на тоа дека целата поента на "Path of Doom" аркот е да се донесе "покласична" верзија на Супермен во Rebirth универзумот, текот е некако природен. Супермен се бори со Думсдеј пред сè, а размерот на целиот хаос дозволува вакви финти без да изгледаат исфорсирано.


Најинтригантниот момент во целиот арк е другиот Кларк Кент кој ги нема моќите на нашиот Кларк Кент, но ги има сеќавањата. Отприлика. Јасно ми е веќе дека неговото присуство е тука само за да го врати тој таен идентитет на Супермен и да го расчисти оној заеб на Лоис од 52 универзумот каде што го открила пред цел свет. Сега кога новиот свет во исто време гледа и Супермен и Кларк Кент, лесно е да се претпостави што ќе се случи. "Натрапникот" Кларк умира веројатно уште во следниот број и нашиот си го враќа тајниот идентитет како трапав новинар во Дејли Планет.

Мистеријата од каде е дојден тој Кларк можеби и не е толку важна. Неговата улога е веќе доволно голема исто како предизвикот кој го носи. А, Џургенс засега успева феноменално да се справи со сè што му доаѓа на патот. Ме интересира само што ќе се случи со Лутор. Не ми е убедлив неговиот хероизам. Кој верува во ова? Никој. Ако Супермен се сомнева во неговите намери, што сме ние попаметни? Затоа чекам да го откачат и Лутор некако или барем некој да му го откорне металниот Супермен костим со кој толку многу сака да парадира низ Метрополис.

Останува уште Лоис да ја решат некако и да работите да се вратат во некаков "нормален" тек, барем онолку колку што возможно после сите настани. Justice League Rebirth #1 го вклучи и Супермен, па динамиката со останатите членови станува сè позанимлива. Ќе го следам и овој наслов, во главно поради Супермен, зошто Бетмен никако не успева да ме придобие. Аркот со Готам кој оди моментално е досаден. Го ставам тоа на пауза додека не си присоберат повеќе броеви. Чекам All-Star Batman, тоа барем изгледа интересно. Дадов шанса и на Wonder Woman, првиот број беше сосема океј, особено за нова публика како мене. Flash исто ветува многу, но за тоа во некоја следна прилика.

No comments: