Крајот на Skyfall го најави сето она што го очекував од Spectre. Се чинеше дека најпосле тој модернизиран Casino Royale облик полека се претопува во потрадиционален Бонд, каков што беше отсутен од ерата на Броснан. Сцената со која отвара Spectre, самоуверено ја нагласува виталноста на Крег и визијата на продуцентите за таква класична изведба и функционира совршено. Врвна режија и сурово насилство во сценографија која предизвикува чудна носталгија што во одредени моменти си помислуваш дека и Роџер Мур ќе се ѕирне од под некоја маска. По воведната песна на Сем Смит што пола свет стигна да ја исплука (јас сум некаде на средина), следуваат два часа солиден материјал, кој во неколку наврати се гуши во обидите цврсто да се потпре на сопствениот фолклор.
Spectre целосно ја имплементира Бонд формулата. Егзотични локации, бркотници кои ја нарушуваат сообраќајната безбедност на истите, гаџетите на Кју, две згодни девојки и злобен мегаломан како негативец со сопствено скривалиште во изолирана вукојебина кој нормално има свој хенчмен со кој Бонд физички ќе има прилика да се пресметува со голи раце. Ако добро се сеќавам, Крег никогаш немаше порачано водка-мартини со истите зборови како неговите претходници и не се ни преставуваше каков нив, па Spectre се има погрижено и за тие детали. Но, кога ќе се обидеш таа формула да ја скрпиш во континуитет како што тука прави Сем Мендез, треба да си малку попретпазлив за публиката да не ги види конците кои би можеле да го направат целиот впечаток банален. Токму тоа и се случува во Spectre, во повеќе наврати. Филмот премногу се труди да се надоврзе на последните три, без некоја битна цел, а за сметка на многу работи кои страдаат колатерално. До тој момент бев убеден дека го гледам најдобриот Бонд на Крег.
Пресвртот кој бил замислен да намигне кон верната публика која е запознаена со историјата на најголемите душмани на 007 воопшто не е толку изненадувачки зошто како прво во името е, а како второ, не трошиш актер како Кристоф Волц на некој што не е Блофелд, така што добар обид Мендез, ама сите знаевме. Она што ме затекна неспремен беше другиот дел од "подарокот", врската на Блофелд со Бонд. Зошто? Нели беше доволно од личните емоционални ролекостери во Skyfall? Крајно нефективно за целата приказна, ни малку потребно, а само додатно искомплицира едноставни ствари. Пренакитувањето и кичерајот не запреа тука, па пресметката со Блофелд ми приреди уште неколку превртувања очи без кои доживувањето ќе ми беше многу попријатно.
За тоа што Бонд може магично да разнесе толкав комплекс или да пука во неколку тони и да сруши хеликоптер не ни сакам да почнам. Од една страна е Бондовски, но премногу старомодно дури и за ваква разводенета варијанта на модерен Бонд како Spectre. Приказната која оди паралелно додека непослушниот Бонд хара низ Европа, како да е тука само да потсети дека ова не е филм снимен пред 35 години. И, да се оддолжи што Кју беше отсутен во првите два филмови. Со тоа немам проблем, Вишо е одличен како Кју само што не сум навикнат да го гледам ликот во срцето на акцијата. Фајнс е феноменален како М, се надевам дека во случај Крег да го предаде смокингот во следниот филм, ќе ги задржат овие двајца.
Во главно, Spectre е океј. Ми ги исполни очекувањата, дури и повеќе од тоа, ете бонусот се некои непотребни глупости, но е чиста забава што ми го круниса труењето со Бонд месецов. Го разбирам хејтот, ги видов и позитивните и рецензиите каде што се распнува филмот, меѓутоа овој пат ја завземам страна на Бонд и покрај тоа што пребрзо одјава со Медлин Свон кон зајдисонцето.
No comments:
Post a Comment