По GoldenEye продолжив со гледање и на другите три Бондови со Пирс Броснан. За првпат мислењето малку ми е сменето овие години, веројатно носталгијата за тоа време игра улога, а може приликата и овој мој актуелен Бонд занес си го направија своето. Се сомневам дека баш овие три филмови стануваат подобри како што течат годините, па најзгодно би било доколку свежите заклучоци ги препишам на мојата моментална перцепција.
Она што најмногу ме изненади овој пат е Tomorrow Never Dies. Имав еден период кога го сакав поради играта, па потоа го отпишував како лош и еве сега успеа да ми остави сосема различен, позитивен впечаток. Темата е премногу чудна за Бонд филм, дури и смешна ако ја загледаш добро, но некако успева да се протне Бондовски и покрај тоа што реализацијата е повеќе напната акција отколку шпионски трилер, зошто филмот ја зема цела акција од GoldenEye, ја пумпа и ја експлодира насекаде. Под вода, по покриви, на паркинзи, по газот на Тери Хачер, секаде. Забавен е секоја минута, па на моменти ќе заборавиш дека главниот негативец, сопственик на медиумска групација, се обидува да направи војна помеѓу Кина и Велика Британија за да може да добие екслузивни права за пренос. Не само тоа, туку мести и други катастрофи за да може да ги покрива.
Tomorrow Never Dies ги прави најпретераните моменти, дури и за Бонд, да изгледаат симпатично. Ќе се насмееш под брк кога ќе ја вози колата со мобилен што нема полифонски мелодии, зошто еј, Q може да изведе таква технологија и 90-тите да ја пречекаат со раширени раце. За жал, некој мислел дека Die Another Day во 2002 ќе може да помине со нешто слично, ама ќе стигнам и до таму. Ако успееш да пројдеш низ неколку фино изведени ствари кои немаат врска со реалноста (самиот Бонд за почеток нема, ако веќе...), Tomorrow Never Dies е супер материјал со кој комотно ќе можеш да се изгасиш оптегнат два саати.
Две години подоцна, во 1999, доаѓа The World Is Not Enough. Првата половина е прилично стегната, почнува остро и тера солидно до моментот кога ќе се појави Дениз Ричардс, мојата симпатија од тоа време. Освен некои физички атрибути, нема никаков талент за глума и е неподнослива во секоја сцена. Како сум можел да ја сакам? Мех. Има неколку пресврти што пробуваат да искомплицираат едноставна приказна, но во ниту еден момент филмот не ти го граба доволно вниманието за да успеат како што веројатно била намерата. Ниту па заканата не е толку сериозна за да ја одржи тензијата. Она што го прави филмот да е некако важен е последното појавување на легендарниот Дезмонд Левелин како Q, кој тука ненамерно ја предава улогата на Џон Клиз со тоа што гине во сообраќајка кратко по завршувањето на филмот, на 85 години.
Решен да не го допрам The World Is Not Enough во следните пет години, без оглед на тоа колку е добра Софи Марсо, го пуштив Die Another Day. Пробав некако да си го отворам умот и да заборавам дека е еден од најлошите филмови што сум ги гледал, се тешев со тоа дека единственото лошо е само невидливиот Астон Мартин, дека остатокот е можеби океј. Сцената која го отвара филмот не е лоша, Бонд е заробен, негативецот делува доволно заканувачки... И, за кратко почнува најлошата Бонд песна и тука ми текна што ме чека. Издржав некаде до пола кога веќе јубилејниот Бонд почна да се претвара во комбинација од пародија на себе и футуристички цртан филм. Додека се будев од палатата од мраз и климаксот на невидливата кола, ја затекнав сцената со цунамито. Никогаш повеќе, никогаш. Хали Бери е ужасна, сцената со ласерите е смешна, обидите за хумор се тажни. Се оди во затвор за ваков криминал, ало.
Веројатно е добро што EON се откажаа од Броснан за следниот Бонд. Колку и да сакав да го видам пак, не верувам дека имаше некаква шанса да го врати достоинството на серијалот. Финансискиот успех на Die Another Day можеби ќе ги инспирираше продуцентите да отидат уште подалеку од смешни вселенски оружја што пукаат зраци на Земјата. Но, околностите за среќа се наместија така за да франшизата сепак да добие некаков рестарт. Превисоката сума што Броснан ја побарал за продолжување на договорот, некој со здрав разум што приметил дека филмовите премногу се потпираат на лоши специјални ефекти и можеби Тарантино кој тврди дека ја убедил фамилијата на Флеминг да се адаптира Casino Royalе. Тарантино има изразено желба да го режира филмот, но строго црно-бел, сместен во 50-ти како книгата и со Броснан. Е, сега замисли тоа како би можело да испадне...

No comments:
Post a Comment