October 27, 2015

GoldenEye и почетокот на новата Бонд ера

Во исчекување на Spectre, деновиве си го вежбам британскиот акцент со постари Бонд филмови. Го поминав и Skyfall уште еднаш, само за да си потврдам дека е еден од најдобрите од целиот серијал. Да, малку се помоча врз најдобрата фан теорија на сите времиња која вели дека Џејмс Бонд е кодно име доделено на различен агент, но одлично успеа да се справи со модернизацијата на формулата која беше отсутна во претходните два. Не дека цврсто се држев до тоа, меѓутоа ќе беше многу покул доколку имаа поинаков пристап кон тој некаков виртуелен континуитет. Ова е сепак дискусија за некоја следна прилика, сега дозволи ми да се фокусирам на мојот омилен Бонд. Џејмс Бонд. (ова веќе станува старо Бобо, мора да го промениш во иднина)

Благодарение на пиратската содржина на телевизиите додека растев, Бонд беше постојано присутен. Секоја телевизија имаше афинитет кон одреден актер, така на што на една ги даваа сите со Роџер Мур, додека на друга доминираше Шон Конери. Тие со Тимоти Далтон, чичкото ќе ги свртеше поретко, кога неговата полноќна инстроспекција веројатно достигнувала критична точка, па не било битно што ќе оди, дури и да е истиот "ИГРАН ФИЛМ" два пати по ред. Кој дреме пред телевизор тоа време, нели. 


GoldenEye ми беше првиот неслуачен контант со Бонд, во истиот тој период. Ги памтам рекламите, ги памтам трејлерите, најдобрата музичка тема, буквално беше насекаде. Набргу Пирс Броснан стана и омилениот Бонд на детето растено во фамилија каде што агентот ужива посебна почит. Нов Бонд, за генерација од која и јас бев дел. Понатаму посвесно го трошев времето на серијалот, имав многу прилики да ги анализирам актерите и филмовите, да го менувам и оформувам вкусот, но секогаш на крајот заклучокот е ист - Пирс Броснан е Џејмс Бонд. Харизмата и шармот на Броснан ќе ти ги експлодираат јајниците. Доколку немаш, ќе намигне и спонтано ќе ти пораснат. Потоа кажи им збогум. Освен тоа, кој друг Бонд толку самоуверено држи оружје? 

Новата ера на Бонд, која започна и заврши со Броснан го има вратено серијалот назад од провалијата каде што се држел за карпи уште пред Тимоти Далтон. Осумдесетите носат поинаков вид на акција. Сталоне, Шварценегер, Брус Вилис. Британскиот агент е малку истуркан настрана, студиото влегува во некои легални компликации, па неговата судбина станува неизвесна. Кога конечно долгиот спор доаѓа до некаква светла завршница, Тимоти Далтон ја бакнува улогата за збогум и го најмуваат Пирс Броснан. Замислен како наследник на Роџер Мур, конечно ја добива дозволата за убивање во остварување кое е замислено да го живне серијалот, за прв пат отстапувајќи од оргиналниот материјал на Флеминг. 

Уште трае паранојата од Студената Војна, па GoldenEye се потпира на Русите како стандардниот непријател во западната фикција. Приказната е класична Бонд приказна, со мисија наменета само агентот што без пардон ќе заведе психијатарот задожен за неговата евалуација. Го користи и тогаш најпопуларното технолошко достигнување, интернетот и неговите паранормални својства, хакирањето како врачарска вештина, со цел да биде помодерна од било кога претходно. Извини, зевав додека мислеше на Moonraker. Каменот доаѓа од блиску, па покрај Советските душмани, Бонд е соочен и со поранешен колега со своја агенда, одигран од актер кој денес освен тоа што е познат по обиди за силување на хобити, има репутација за некој кој умира секаде каде што ќе се појави. 

За првпат, М е заменет со жена. Џуди Денч е веројатно и единствениот М што ќе го памтиш кристално јасно додека Ралф Фајнс не си го најде местото од Spectre па натаму. Од моментот кога првпат влегува во кадар и собата станува претесна за нејзиниот челичен авторитет, те доминира и тебе и Бонд и цел MI6 во следните неколку филмови. Секоја чест. Или, пробај заборави ја сцената на почетокот со браната? Или сателитот што се крева од езерото. Дури не ти пречи ни тоа што Бонд дрифта ебен тенк по урбани улици. Акционите сцени се толку добро изрежирани што ги прават ударите во воздух на Шон Конери да изгледаат смешно на моменти. Да, свесен сум дека е различна школа на режија и создавање филмови, само се обидувам да дадам дополнителна тежина на нешто за кое сум исклучително пристрасен. 

Успехот на GoldenEye е заслужен за мојата генерација да има толку популарен Бонд. До толку популарен што порано кружеа гласини дека Броснан со договор бил ограничен да носи костум и вратоврска во другите филмови кај што се појавува. За жал, ова е веројатно единствениот сериозно добар Бонд филм со кој може да се пофали дека е на листата во блиско друштво со Goldfinger и The Man With The Golden Gun. Можеби требаше да го проверам овој факт дали воопшто е во некаква листа од овој тип, но еј, во мојата е. Кариерата како Бонд ја заврши неславно, квалитетот исчезна како невидливиот Астон Мартин во Die Another Day. Тоа што се случи помеѓу беа каши од приказни кои ете, не успеаа да го искористат целосно потенцијалот на најдобриот Бонд кој порачал водка-мартини. Знаеш какво.

No comments: