Одамна престанав да ги бројам Спајдермен филмовите и да се обидувам да бидам во тек. Освен првите два на Сем Рејми, другите сите беа со дискутабилен квалитет. Барем тие што ги гледав дури и до пола. Затоа и за Homecoming бев најрамнодушен на светот, онака без тронка грижа и интерес за гледање, иако лани после Captain America: Civil War имам други работи изјавувано на интернет (исто така имам кажано дека и Iron Man 2 е добар филм, така што ова земај го со резерва). Сепак, следното што го знам сум седнат во кино на нов Спајдермен со повеќе пуканки отколку што можам да си фрлам во фаца и неочекувано ми е забавно.
Сега сите што се жалеле дека недостасува стриповски Спајдермен на филм, може малку да си ги смират цицките. Можеби не е најпрецизната адаптација, ама барем нема 40 годишен емо Тоби Мегваер и не гледаме по седми пат како умира Бен Паркер. Има мрчаторски тинејџер Питер со средношколски проблеми излезени како од романтична комедија стара 20 години каде што гикови не се кул, Тони Старк како ментор кој Homecoming го користи како сигурна удобна прегратка во која често пати се пика и наративот, лесен неисфорсиран хумор за разлика од филмовите со интелигентни ракуни и не толку зборливи дрва, како и солиден негативец што супер се вклопува во идејата на филмот.
Питер и Старк се забавен динамичен тандем, меѓутоа за сметка на тоа филмот страда од било какви предизвици. Во ниту еден момент не осетив дека Спајдермен се наоѓа во опасност од која нема да се извлече зошто има хајт-тек костим кој го прави скоро неуништлив, а кога ни тоа нема да успее правилно да го искористи, долетува чичко Тони да го вади од гомна. Што секако, линеарноста и предвидливоста кај овој тип на филмови ќе те потсетат дека во еден момент Питер ќе остане без играчките на Старк и ќе мора да се потпре на сам себе и неговите плаво-црвени шпикозни за конечно да го победи неговиот најголем негативец во моментот. Немаше потреба да предупредам за спојлери околу ова, нели?
Костимот ми се свиѓа. Особено начинот на кој што го доби во Civil War. Не дека барам реализам во филмовиве, меѓутоа идејата е многу попристојна од онаа во минатите филмови каде двајца сиромашни бедници имаа перфектно скроени Спајдермен костими што изгледаа прилично скапо, а не се сеќавам дека им ги поклони некаков плејбој, милијардер, гениј и филантроп со истенчен вкус за суперхеројски фешн дизајн.
Костимот ми се свиѓа. Особено начинот на кој што го доби во Civil War. Не дека барам реализам во филмовиве, меѓутоа идејата е многу попристојна од онаа во минатите филмови каде двајца сиромашни бедници имаа перфектно скроени Спајдермен костими што изгледаа прилично скапо, а не се сеќавам дека им ги поклони некаков плејбој, милијардер, гениј и филантроп со истенчен вкус за суперхеројски фешн дизајн.
Мајкл Китон е супер како Валчр, освен тоа што не поштеди никој со шаблонскиот монолог кој е секогаш испорачан од негативци во вакви филмови. Мотивот на Валчр е издржан, нема супермоќи и глупави делузии да превзема градови и светови, туку едноставно сака Спајдермен да престане да му се меша во криминалниот бизнис кој го тера со остатоци од технологијата од претходните MCU битки. Сосема фер. Фина насока за Питер, кој на почетокот на филмот се досадува со решавање ситни криминали и ситуации кои му изгледаат како такви низ градот, додека упорно се обидува да добие некаква валидација од Старк. Добра промена е и тоа што Спајдермен филм се случува во некој друг град во САД, макар била и една акциона сцена.
Marvel никогаш до сега не промашиле со главен актер во MCU, па ни со Том Холанд. Веројатно ќе биде типот што ќе направи и оние малку што се сеќаваат на Ендру Гарфилд како Спајдермен, да го заборават засекогаш, иако тоа беше пред колку? Ми се чини како месеци да се пројдени. А, Homecoming можеби нема да ми има никаква вредност при второто гледање како што приметив дека случај со повеќето Мarvel филмови, ама барем во моментот е крајно интересен. Не би можел истото да го кажам за Ant-Man. Еј, го гледав и Transformers: The Last Knight во кино пред некој ден, ама никој нема да ми верува дека и тој ми беше океј. Дури ни јас не си верувам на себе веќе.
No comments:
Post a Comment