Освен со стари кунг фу филмови и чат-пат неколку од поновите што се со слична тематика, не сум многу запознаен со кинеска кинематографија. Не ни знаев дека имаат, т.е. дека немаат огромни скапи научно-фантастични блокбастери. Всушност, The Wandering Earth што премиерата ја имаше оваа година е првиот таков високобуџетен што баш ме чуди како тој голем пазар чекал толку долго. Веројатно на некој му текна дека наместо да увезуваат филмови ко Transformers од запад, може да си напраат домашен голем, бучен и шарен визуелен спектакл.
The Wandering Earth е адаптација на кратка приказна на еден од најпонзатите кинески научно-фантастични автори, Лу Сисин. Се надевам дека правилно му го изговарам името, се мислев помеѓу Сиксин и Чичин. Да бидам искрен, не ни зборувам толку многу кинески, Гордон Лу ме научи само неколку кунг фу потези. Како и да е. Во иднината во која се случува The Wandering Earth, Сонцето е веќе при крај, па човештвото решава да ја одвози целата планета во друг сончев систем. Патувањето е испланирано да трае 2500 години, а до тогаш огромен дел од луѓето се приморани да живеат под земја во градови што личат како да се отцепени од Blade Runner универузмот.
Визуелниот стил на филмот црпи огромна инспирација од различни научно-фантастични холивудски школи и наслови. Барем упорно така ми изгледа, а се сомневам дека сличноста е случајна зашто очигледно е малку штелуван да биде привлечен и за западната публика. Можеш да насетиш слична струја и кај самата приказна и како некои делови од сценариото се "холивудски" презентирани. Што види, не е ич лошо. Баш е симпатично да го набљудуваш како такво снопче од идеи, концепти и инспирации.
The Wandering Earth повремено посакува да биде голем со идеите и експериментирањето со различни елементи од жанрот, ама никогаш не успева да се издигне многу над сопствените специјални ефекти. Тука воопшто не штеди и не престанува да биде импресивен. Секој кадар е пребогат со детали и понекогаш го краде вниманието од приказната која и онака повремено е тешка за следење. Можеби само и делови од филмот се чудно исечени и уредени. Не знам дали е намерно и како се навикнати да ги прават стварите таму во Кина, ама обично кога ликови во филм ќе стигнат од ситуација А до ситуација Б онака магично, заклучуваме дека е лошо.
За среќа, големата приказна го држи филмот под контрола, онака доволно за да не ги осетам тие два саати или да почнам да се предомислувам за иницијалниот фин впечаток. Наративните маани ситни во однос на другото што го нуди The Wandering Earth како забавно филмско искуство. Дури и кога таа "голема приказна" ќе зализга малку, има толку многу детали што припомагаат како сигурносен појас и се грижат да остане на зацртаната траекторија. Ама, ако веќе си успеал да замижиш пред научното мамбо-џамбо тогаш веројатно немаш гајле и тука.
Ликовите се претежно се присутни како средство за експозиција, да го раскажат она кое специјалните ефекти не можат во целост. Стварно се потрудив да ми биде гајле и да се фокусирам на тоа што им се случува, ама во ниеден момент филмот не ми понуди било каква емотивна врска со нив. Намерно или не, The Wandering Earth ги третира како спореден дел, не толку интересен и лесно предвидлив. Сепак, крајно сум слаб на филмови со епски катастрофи, а овој ми нуди нов и забавен агол на темата, па потешко фаќам кусури.
Oва е веќе вториот најпрофитабилен филм во Кина, вклучувајќи ги странските. Очигледно супер ги погодува елементите од увозните блокбастери и ги радува кинезите. Може не сакаат Star Wars и црнци, ама си сакаат вакви мегаломанштии. Филмот е доволно популарен и на западниот пазар, па баш ме занима дали со ова се создаде прилика за уште други вакви научно-фантастични остварувања. Ова тука е исклучително кул, технички висококвалитетно и со освежувачка идеја, па заинтересиран сум да дознаам што друго има оваа школа да понуди. Баш ми е жал што немавме прилика The Wandering Earth да го гледаме во кино.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment