November 5, 2016

Dоctоr Strаngе (2016)

За некои од последниве, а и за сите наредни Marvel филмови, сум возбуден исто колку и за секој нов Star Wars филм еднаш годишно до крајот на времето. Значи, тоа е вкупно нула возбуда и интерес. Затоа и не знаев ништо за Doctor Strange пред да завршам во кино, освен некоја груба идеја за ликот базирана на општото труење со маркетинг што не сум успеал да го исфилтрирам. Ликот го имам најмногу три пати видено во стрип и се појавил како некој спореден дел од приказната. Но, мојата блага хомоеротска љубов кон Бенедик Камбрљмбренгч рече "зошто да не". Сум седел на секакви срања во кино, еј.

Сепак, Doctor Strange испадна толку многу забавен што сум изненаден колку бев изненаден од тој факт. Хари Потер е на суперхеројските филмови. Не само поради магијата, туку и способноста да те откачи од вистинскиот свет на сличен начин цели два саати. Толку различно пристапува кон овој Марвелов универзум што комплетно заборавив дека дели континуитет со просечноста на Ant-Man


Промената на сетингот е веројатно освежувањето што мораше некогаш да се случи. Доктор Стивен Стрејнџ е врвен неврохирург со его поголемо од листата на Marvel за филмови во следните десет години, кој по сообраќајна несреќа завршува со сериозни повреди на рацете. Не само што никогаш повторно нема да свири клавир, туку не може ни да се избричи сам. Нешто како лош мамурлак, само трајно. Чувствувајќи се изневерен од модерната медицина, заминува да си го бара лекот во едно светилиште во Непал каде што налетува на волшебни мистици кои си играат со архитектура во други димензии која би направила Нолан и Ешер непријатно да разменат погледи. Стрејнџ завршува заплеткан во нивното манипулирање со магии додека речеш "мултиверзум".

А, кога постои мултиверзум, постои и задолжителната мрачна димензија која им овозможува позадина на негативците и моќ за нивното делување. Во овој случај, тоа приликата за Мадс Микелсен уште еднаш да блесне како брилијантен негативец. Барем со неговите актерски атрибути, зошто сценариото за жал некогаш успева да потфрли, но визуелниот аспект од филмот е она што го турка како возбудилив во таквите моменти до самиот крај. Мала забелешка имам и за полу-разработената романса меѓу Стрејнџ и ликот на Рејчел МекАдамс, меѓутоа не се сеќавам дека било кога им успеа тоа во филмовиве, така што океј е, претпоставувам.

Шармот на Камбербеч очигледно може секој филм да го направи подобар. Кембербеч знае совршено да ги изглуми сите емоции познати на човештвото и е феноменален кога испорачува досетлив хумор. Среќа, Doctor Strange не се потпира само на него, туку има малку повеќе супстанца за разлика од повеќето слични филмови. Речиси сите актери тука добро се вклопуваат. Тилда Свинтон е исто одлична како Последниот Ербендер. 

Значи, ете. Doctor Strange сепак испадна добар и покрај моите сомнежи. Веројатно би бил допадлив и за публика што не е баш наклонета кон суперхерои, зошто едноставно е различен и без обиди да прирасне за постоечкиот Марвелов филмски универзум. Се разбира, бонус сцените на крај го прават токму тоа, нели тоа им е и намената, меѓутоа до тој момент повеќе слушав за Тони Старк од разгаламени копиљаци околу отколку од самиот филм. Едвај чекам да го гледам пак. 

Види такоѓе: 

No comments: