Тоа што гледав филмска адаптација на Civil War ми е доказ дека никогаш не си престар за да веруваш во чуда. Скромната желба од пред осум години да ја видам приказната макар и како цртан филм денес е претворена во една реалност што се вика "најдобриот филм на Marvel Studios до сега". Идејата дивергира од хартијата каде што е родена, но е доволно испочитувана за Captain America: Civil War да функционира беспрекорно во контекст на медиумот, а и универзумот каде што егзистира. Битното е дека постои нова регулатива за костимираните душебрижници која не сите ја пречекуваат со восхит. Тоа е и причината за Кеп и Тони да се најдат на спротивните страни кои не се баш најрасположени разликите да ги решат со дијалог.
Верував дека Civil War ќе биде добар. Барем поради мојата вечна љубов кон стрипот. Она што не го очекував, е навидум доволно густата содржина да биде попрскана со детали кои ќе ја надополнат уште поелегантно, а притоа да изгледа природно и да ја одржи цврстината без да попушти по рабовите. Civil War е повеќе од Captain America филм. Во исто време е The Avengers, Iron Man и филм за сите оние херои кои не добија самостоен третман. Од десетина такви, има место за секого и филмот не изгледа воопшто присилено или пренатрупано. Вистинска мајсторија е да изманеврираш нешто вакво во два и пол часа без сопки.
На наједноставен начин, Civil War го донесе Блек Пантер во Марвеловиот филмски универзум и го вклопи толку добро да се чувствуваш како отсекогаш да бил тука. Секако дека ќе добие самостоен филм, меѓутоа веќе неговата приказна и мотиви се доволно воспоставени за да биде дел од групното гушкање. Но, на веќе бесно залетаниот филм, дополнителната адреналинска инјекција доаѓа од Спајдермен. Кога повторно најавија Питер Паркер (трет во последниве десет години), зевав три дена од досада. Сега можам да се заколнам дека ова е најдобриот Спајдермен што се појавил на филм. Овие дваесетина минути овде се подобри од секоја негова претходна адаптација.
Од друга страна, Вижн делумно отскокнува од "организираниот хаос" на Civil War. Не го сконтав во Age of Ultron, големи се шансите и да го преспав делот каде што го довлечкаа во филмот, а зошто не планирам да го гледам пак, ќе оставам да ме придобие со некое следно појавување. Ент-мен беше океј. За разлика од филмот. Очигледно некои од овие суперхерои подобро функционираат во мали количини, кога не се дел од самостоен филм. Ент-мен ми е од класата на Хокај и Фалкон. Како таков, одлично си го наоѓа сопственото место и тука. Отсуството на дел од Авенџерите речиси и да не се осеќа. Простор дефинитивно би имало и за нив, особено за Хулк, меѓутоа тоа е веќе финансиски предизвик.
Civil War одлично го третира и акциониот дел. Пред сè, нели, ова е акционен филм. Уште во првата сцена со која почнува филмот веќе ти е јасно дека тој аспект е детално обработен. Брканиците, тепачките и општо целата кореграфија течат природно и реално, но доволно стриповски за сепак да го задржат духот на тоа што го гледаш. Ме држеа буден цело време, а тоа ми е особено битно. Според шаблонот, на крајот нели треба да има огромна акциона сцена со која кулминира филмот, па мило ми е што Civil War успеа да го заобиколи тоа. Или барем, да го протне посуптилно од претходно.
Франшизата има иднина. Според новите играчи кои овој филм ги постави на теренот, изгледа солидно. Не знам колку имам снага за уште од ова, но ова малку ми ја врати довербата. Можеби нема да се нацртам прв во кино на Doctor Strange, ама затоа со задоволство би чекал четириесет минути во редица за пуканки за овој нов Спајдермен. Или Баки. Дајте му филм на Баки, прв сум кај и да треба.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment