April 25, 2019

Недела-две со The Elder Scrolls Online

The Elder Scrolls Online е една од игрите што не знаеа дека го фаќаат последниот силен MMORPG бран. Ама, за разлика од многуте што малку потонаа, ESO некако фино се одржува последниов период и покрај тоа што насмасно се насука кога искочи. Никогаш до сега не ја ни пробав, се чудев дури и како уште постои. Зимоска мислев дека Guild Wars 2 ќе ми биде матичнотo MMORPG прибежиште, ама ме изгуби многу бргу. Не успеа да ми го приближи светот за да го разберам, само ме шеташе од точка А до точка Б за да ги правам истите ствари до бескрај. Џабе брцнале да крадат концепти од RIFT кога имплементацијата им е досадна и непривлечна.  

Сеедно, некако морав да сe пукнам со некое ново MMORPG. ESO изгледаше супер привлечно на попуст, а освен тоа се изнаслушав само пофални зборови изминативе месеци за тоа како конечно ја средиле и имала голема пријатна возрасна заедница. Не знам каква била играта претходно, излезе пред некои пет години. Памтам само муабети дека е тажен бродолом, ама ова што го затекнав тука не само што е јако стокмено, туку гледам дека спремаат и нови повозбудливи ствари. Жив, здрав производ и еве се чудам како Bethesda не ги градеа приказниве сингл плеер на Skyrim енџинот како Fallout 3 / New Vegas, наместо да ја портираат истата игра на повеќето постоечки електронски уреди.


Добар дел од времето The Elder Scrolls Online е сингл плеер искуство. Не ни имаш потреба да се групираш со други ако не сакаш. Ме пушти директно во Morrowind експанзијата и целата приказна што ја играв таму беше како "вистинска" The Elder Scrolls игра. Можеби затоа што визуелно не ни изгледа како традиционална MMORPG игра, пред сè. Другите играчи со кои го делиш светот се насекаде околу тебе, меѓутоа благодарение на суптилниот интерфејс и прикладниот дизајн на опрема, толку се добро вклопени што некогаш едвај се разликуваат од NPC ликовите. 

Не сфатив колку било кул ова додека не го видов тука. Научен сум бројки и букви да ми се фрштат од сегде во вакви игри. Кога немаш такви дистракции многу е полесно да се изгубиш, а тоа веројатно клучниот момент за игра што себе се нарекува The Elder Scrolls. Види, ваквите игри ги користам за да се претопам во тој свет, не да сум полуприсутен и во нашиов како со оној симулатор за тепање кентуари што е Guild Wars 2. Тоа ми е редок луксуз на овие години и некако ESO успева да ми го сервира и по неколку саати овие недела-две.


Квестовите се одлично напишани, дури и оние кои не се дел од главната приказна. Не мораш ништо да следиш, можеш само да се шеташ низ преубавите зони, да уживаш во музиката и да оставиш авантурата сама да проба да те најде. Има толку многу начини да ја играш играва што комплетно ми се свиѓа и е баш како што треба да биде наслов од жанрот. Пред некое време решив да бидам магионичар со лак и стрела и со две деидриски суштества што ќе напаѓаат за него. Повремено фрлам и громови и имам афинитет кон алхемија. И, супер ми оди. Сакам да берам цвеќиња во игри и да правам напитоци и отрови од нив. Мислам дека таа амбиција ја стекнав некаде во раните WoW денови и ова е сериозно за некој што во вистински живот не прави разлика меѓу лале и хризантема.

Единствено нешто што некогаш ми смета е тоа што цел Тамриел скалира и се адаптира на твојот левел. Ова не било вака кога излегла играта, од скоро е промената. Во било која зона и да отидеш, сите опасности се отприлика исто силни колку тебе, често дури и послаби. Супер е за секое делче од приказната и светот да ти се достапни и да не си ограничен во слободата на движење и делување, меѓутоа ми фали оној момент кога си едноставно преслаб за некаде. Тоа е тој предизвик што те мотивира за да им се вратиш на ебаните диви свињи што те убивале дур си го береш цвеќето и да направиш гулаш од нив.


Сепак, од друга страна ми одговара зошто едноставно не би ни имал време да левелирам така традиционално. Ако некогаш за два саати можам да завршам по два три квеста во три различни зони додека сум шетал за да ги разгледам - супер. ESO си ја завршила работата кај мене. Секогаш сум бил истражувач во вакви игри, бројките на наметката или чизмите помалку ме занимале, ама пак некогаш ми фали нешто да ми биде потешко достапно. Не е дека нема предизвици во играта, ама ете си носам некои навики и преференци од други места.

Не можам уште да се решам за тоа како се осеќам околу тоа што ESO во некои моменти од главната приказна на Х зона те мести како најбитен. Многу попријатно се осеќам кога сум некој помалку битен сељак што не прави многу разлика во светот, туку си ја брка својата работа и сосема случајно е инволвиран. Зашто ако сите сме посебни тогаш никој не е. Таа грешка ја направи World of Warcraft кога сите ги седна до Трал во Cataclysm и продолжи со херојската мастурбација до ден денес. Сакам кога сам ќе се изборам за позиција во MMORPG, а не играта да ми ја подари. Затоа и ја обожавaм RIFT, никогаш не те направи најглавниот лик во приказната. За репутацијата во Телара требаше да се испотиш сам и тоа за пред други играчи, не за пред NPC-ја.


Па, дали вреди воопшто The Elder Scrolls Online во 2019? Да, апсолутно да. Како што кажа едно типче што го сретнав таму, немало подобро време за играње ESO од сега. Играта е преполна со топ содржина и играчи, заедницата е фина и гостопримлива и сите радосни се во исчекување на новата експанзија Elsweyr која меѓудругото ќе донесе и змејови во јуни. Се осеќа дека ова го работи тим што се грижи да шитне квалитет и да те задржи како муштерија. До сега не осетив дека сум намагарчен и тоа ми е многу битно. Да, продаваат разни ствари, содржина, козметички додатоци, ама основната игра која се плаќа еднократно вреди за секое евро.

Удобно ми е овде и планирам да останам некое време. Имам уште многу, многу за играње, немам ни една зона целосно комплетирана. Единствено што може да ме извади во друга игра е Classic WoW летово дека ете, трзам на таа носталгија и Азерот. Не знам каква е ESO кога ќе стигнеш до маскимум левел, не ни сакам да читам - се трудам да ја искусам играта со минимално (пред)знаење. Групната содржина не е лоша, ги има стандардните данџни и PvP инстанци, единствено би сакал отворениот свет да беше малку подинамичен и спонтан.


Засега, целата групна содржина во отворениот свет се случува на определени места што можеби станува досадно понатаму. Барем мојот впечаток е таков. Од друга страна, видов некое видео од Elsweyr каде што цела група играчи тепаат огромен змеј. Па, доколку ги рашират низ цел Тамриел и се појавуваат така од нигде како во Скајрим, ова ќе биде најдобрoто MMORPG искуство во 2019. Како и да е, ова е една од ретките игри последниве години за кои сум се радувал онака искрено детски што ќе ги играм кога ќе си дојдам дома. А, тоа да го приредиш на волкаво магаре е стварно вештина.

Види такоѓе: 

No comments: