November 26, 2015

Сivil Wаr на Марк Милар

Кога пред седум години првпат читав Civil War најоптимистичката желба ми беше да ја видам приказната во некаква анимирана адаптација. Ни на крај памет дека суперхеројскиот тренд ќе земе таков замав после години и дека конечно ќе дочекам филмска варијанта на мојот омилен Marvel ивент. Трејлерот за Captain America: Civil War е тука, и иако различен од она што е на хартија, изгледа како да се поклопува со суштината и идеите на Марк Милар. Стрипот е пообемен, таму се сите популарни тимови и херои, а за жал Marvel Studios ги имаат филмските права за само дел од нив. Но, некако сакам да верувам дека ова сепак ќе е тој дефинитивниот филм, што ќе удри печат на сè што правеа последниве години. На крајот, доволно сум пристрасен да уживам во еден од последните суперхеројски филмови за кои ми остана ќеф да ги изгледам. 


Немав време за да ги поминам сите стотина броеви кои ја надополнуваат Civil War приказната, па ги пројдов само главните неколку. Искуството не е исто без деталите околку, меѓутоа содржината е сосема доволна да го покрие примарното - војната која избива помеѓу оние кои се обидуваат да го одржат редот, криејќи ги своите идентитети со маска. Откако аматерска позерска група суперхерои ќе проба да го превземе законот во свои раце ловејќи негативци кои се преголем залак за нивните способности, се случува инцидент со стотици недолжни жртви по што јавноста бара официјално регулирање на суперхероите. Старк смета дека ова е логичен чекор во насоката на функционирање, но Кеп ја брани тезата дека тоа би било напад врз нивниот интегритет и слобода. Актот за регистрација поминува и сите оние кои одбиваат да се приклучат завршуваат на спротивната страна на законот. 

Бруталната војна ги вкрстува групите кои ги предводат Кеп и Старк, наведувајќи ја публиката да одбере страна за која ќе навива, но реално не постои вистински избор бидејќи Милар има еднаков третман за двете. Двајцата се во право и се обидуваат да го одбранат тоа до крај, а сепак сивата теоријата некогаш е невозможно да ја забележиш. Додека играат "кој прв ќе попушти", има жртви и од двете страни. По тие седум броеви, кои претежно се сконцентрирани на самата војна, па приказната се одвива брзо и тензично, има уште една голема жртва која ако добро разбрав ќе ја видиме и во филмот. Не може таква војна без последици, а според филмскиот план на Marvel сосема има смисла. Но, да не се расфрлам со спојлери. 

Civil War е феноменален. Ако имаш време одбери и други наслови од ивентот (не мора сите, има некои што не се толку интересни) освен главниот, и фрли се на читање. Вистинско уживање е да видиш како изгледаат Авенџерс, Икс-Мен, Фантастик Фор и Панишер кога се закрвени. Се надевам дека не е предоцна Панишер и Дердевил да имаат мало камео во филмот доколку дозволи приказната, зошто и онака се дел од тој универзум. Не барам затвор во Негативната Зона, тоа сигурно нема да се случи, но една сцена со нив би била совршена.

Види такоѓе:

No comments: