May 23, 2015

Mad Max: Fury Road (2015)

Џорџ Милер со Mad Max: Fury Road само што објасни што се случува ако вбризгаш неконтролирана доза на адреналин директно во осумдесетите. Буквално го фаќа за уши Мајкл Беј да му покаже како се прави акционен спектакл. Се надевам дека и Џос Видон посматра од некое ќоше и си прибележува во тефтерчето. Fury Road вози директно во материјалот на двајцата младичи погоре, растерувајќи ги нив и останатите колеги од патот, како би се ослободил простор за најѕверското блокбастерско остварување во последниве неколку години. А, во некое далечно идно време, кога ќе дискутираме за најдобри продолженија и филмови од оваа декада, ќе гледаме на Оптимус Прајм и Мајкл Беј со уште поголем потсмев. 


Fury Road е двочасовно возење под гас до даска низ пустина во свет кој е во зрела фаза на еколошки колапс. Не се обидувај да бараш логика во временската линија на настаните од претходните Mad Max филмови, прифати ја приказната таква каква што е, и опушти се удобно во практични ефекти и каскадерски вештини. Дозволи си да ти замириса на бензин и нитро и навикни се да плукаш песок. Сите клишеа на нарација се прегазени. Но, и покрај целата таа визуелна катаклизма, Џорџ Милер успева да биде кохерентен и да ги хармонизира стварите. Сè што ќе видиш во Fury Road, безобразно те мава по сите сетила и пак те остава без зборови и насмевка.

Тешко ми е да го доловам искуството што го овозможува Fury Road. Скоро да е спиритуално. Импресионира од секаде, со секој поминат километар низ пустелијата. Кога нема никој зад воланот, ти ги напнува рецепторите со глетки што длабоко ти се вкоренуваат во истиот момент. Колку и да трае, посакуваш да возат до последната капка бензин. Еден од оние ретки филмови што би можел да ги гледам пак отпочеток одма откако ќе завршат. Веројатно и повеќе пати. Додека не оќелавам и не ми побели кожата. Fury Road ќе остане безвременска класика. Ремек дело што е примитивно и модерно во исто време. Практично ги зема сите елементи на кои е потпрен светот на Макс и ги напрегнува онолку колку што може да издржи филмска лента.

Сакам продолжение од ова. Не сум сигурен што точно сакам и можам да видам, ама ми беше малку. Сакам да видам што е останато во брилијантниот ум на Џорџ Милер, ме интересира уште колку може да стисне на педалата. Дури и повеќе од ова истото ќе ме направи среќен Бобо. Желбата очигледно ќе ми биде исполнета со она што деновиве се најавува како Mad Max: The Wasteland, така што подобро да си го врзам појасот.

2 comments:

Anonymous said...

мене ми е преценет...го гледав до пола само, зашто пати од сите недостатоци кои ги имаат денешниве филмови - неинтересен главен лик, лошо изрежирана акција, итн...

не знам што е со денешниве глумци, некако ми немаат харизма ич не се симпатични (коа ќе ги споредам со старине, дали акција, комедија, итн...) никаков впечаток не ми оставаат. Том Харди и овдека ми беше ''дрвен''...а кога не ти е гајле што се случува со главниот лик автоматски филмот ти станува одма досаден.

А под акција у денешно време изгледа се подразбира брзо менување кадри, со што ем немаш добра прегледност што се случува у моментот ем се сецка акцијата нема флуидност. (Тери Гилијам ја имаше оваа забелешка за THe Dark Knight.) Нека си фаќаат режисериве прибелешки од хонгконгшкине филмови на Џон Ву кога се акциони сцени у прашање.

Што знам...денешниве филмови ја немаат по мене онаа атмосфера, симпатични/кул глумци/ликови, добра акција од порано... МИслам, THe Raid кецот им одржа лекција по олд скул акција на Expendables како треба да изгледа, џабе сите тие ѕвезди коа не можеш/не знаеш да ја доловиш магијата од порано...

I could be wrong i say (шо би рекол Фогхорн Легхорн петелон)

Бојан Николов said...

Мене акцијата ми беше супер. Во споредба со други ствари што ги гледав во последно време, и ствари што биле толку лоши за денес да ми бидат репер за лоша режија... Многу "поорганизиран" од Автоботи и Десептикони во пустина, или армија роботи во Њујорк. :)

За главните ликови немам замерка. Може фокусот беше повеќе на Фуриоза него Макс. Макс практично беше Том Харди, па повеќе влечеше импресии од претходни ствари него што ги заслужува тука, ама пак некако ми се вклопи супер. Акцентот беше на многу други детали, доволно импресивни за да не ми пречат тие десетина реплики на Макс.

За The Expendables се сложувам. Двојката функционираше некако, ја исцеди последната капка носталгија (главниот selling point) и толку. Тројката не ни го гледав. Првиот пат (двојката) ми беше супер, после некако.. мех.