По Under the Dome си направив договор со себе дека веќе нема трошење време на идиотски серии. Иако од The Blacklist не очекував многу, сега мислам дека тие 40 минути можев да ги потрошам многу поквалитетно. Пример, да ја средував листата на глупи серии на кои сум потрошил време, подредувајќи ги по азбучен ред. Мислам дека редно време е да прекинам да ги следам новиве бљувоштини и да ги грабнам добрите што сум ги пропуштил. Ете, The Wire, да речеме. Затоа и Agents of S.H.I.E.L.D. ќе добие една или две епизоди за да ме купи.
The Blacklist е очаен изговор за шпиунски трилер, со толку погрешни ствари што не знам од кај да фатам со набројување. Прво, почнува како идеја настаната на напушена седенка со The Silence of the Lambs. Само што наместо Ханибал Лектер, го има Џејмс Спејдер и е поранешен агент по кој ФБИ трага со години, зошто нели, преминал на другата страна на законот. Да, и само што сам се предава, ама сепак ќе соработува со полицијата преку една единствена агентка. Името на серијата доаѓа од неговата листа на опасни криминалци за кои "полицијата не е ни свесна дека постојат". Вау. Тоа е тој сериозно опасен Џејмс Спејдер со шеширче и црн мантил. Шала на страна, Џејмс Спејдер е брилијантен тука и единствениот кој се потрудил околу серијава. Не би можел истото да го кажам за другите актери, сценаристи или режисерот.
Приказната во пилотот во никој случај не е видена претходно. Како само им текна главниот терорист да е од друга земја, накурчен на Америка и да се заканува со бомба. И, да киднапира ќерка на битен генерал! Негативецот е инаку православен србин и се вика Ранко Замани. Некако математикава со името не ми испаѓа? Не се ни потрудиле да истражат. Не е само ова проблемот, приказната има толку дупки што течат онака срања од сите страни.
Серијата моментално има 8.0/10 рејтинг на IMDb. Доколку некогаш си помислил да се ослониш на IMDb оценка како релевантен фактор за квалитет, ќе ти ја линкам The Blacklist (и Prometheus секако, ама тоа е веќе друга тема). Проверував дали Дејмон Линделоф го пишувал сценариото. Толку ми стана репер за лошо што се плашам дека стои во позадина на секое вакво дно.
И, не ми е јасно како вакви серии опстојуваат. Тоа е веројатно таа евтина забава што комотно може да си тера со години. Секоја епизода за себе, не се замараш до следната недела. Person of Interest е фин пример. Си почнуваат трета сезона, алал. Верувам дека и ова ќе опстои. Ако ништо друго, го имаат Џејмс Спејдер да ги гура. Меѓутоа, не е доволен за да дадам втора шанса на ова, јебига.
No comments:
Post a Comment