January 17, 2016

Оскарот на ДиКаприо

Ако воопшто Оскарите важат за некаков престиж и можат да послужат како мерка за квалитет, сите што ја постираа сликата со ДиКаприо и мечката со коментар кој беше делумно смешен првите дваесет пати од The Revenant, ќе може да поспијат мирно. Дури и ДиКаприо конечно да добие Оскар, целата ситуација е веќе таква што ќе изгледа само како утешна награда. Може ти е забавен неговиот ненаградуван статус и овојпат веројатно ќе влезе на оскаровската листа, но вистинското признание тука е тоа што зад него има остварување кое во историјата ќе биде запишано како безвременска класика.

Леонардо ДиКаприо го глуми Хју Глас (исторска личност за која искрено, првпат слушам), лик од експедиција која собира крзно во 1820 во некоја дива американска вукојебина. Експедицијата е нападната од индијанско племе и приморана да ги повлече преживеаните кон сурова, бескомпромисна природа каде што ако си малку несреќен може да те нападне и мечка, доколку претходно си успеал да си го спасиш скалпот. Такво побудалено гризли брутално ќе го претепа ДиКаприо кого судбината ќе го одведе во погрешното шумско маало. Додека ДиКаприо го дава перформансот на неговиот живот, мечката го млати како да ѝ го украл медот, во крвава сцена на која и самиот Тарантино би останал без здив. 


Без да навлегувам во детали и спојлери, полу-живиот товар ДиКаприо е намерно оставен од неговите луѓе да умре сам. Но, инстинктот за преживување и желбата за одмазда го фрлаат во неферска борба против непријател кој е многу поголем од мечка, дивата и ладна околина каде што едвај нешто функционира во негова полза. Тестот за истрајност е крајно строг, а работите што Глас ги прави за да стигне до смрдливиот Том Харди (одлична глума патем, секоја чест), успеваат да ти ги изгребат сите сетила. Некогаш ќе сочуствуваш со грутка во грлото, ќе опцуеш во нервоза, дури и ќе посакаш да си ги истуриш цревата, но никогаш нема да сакаш се одвоиш од тоа што го гледаш пред тебе. 

Одисејата на ДиКаприо е една од највпечтливите човечки судбини што сум ги видел на филм во последно време. Комплетно е инвестиран во преживувањето и преродбата на Глас што на моменти е морничаво.

Ињариту уште од самиот почеток на филмот не губи време да те закова во секој кадар и тоа го прави маестрално. Birdman беше феноменален да, но овде работи со камерата како тој лично да ја има измислено режијата и кинематографијата. Од технички аспект, ова чиста перфекција. Секој кадар е толку внимателно истретиран, што на моменти помислуваш дека главните улоги се река и шума. Визуелно The Revenant е хипнотизирачки убав филм и изгледа толку реално што ќе те натера да се обидеш да го вдишиш чистиот ладен воздух.

The Revenant е еден од најдобрите филмови за 2015 и доживување кон кое мораш да пристапиш сам за да се увериш во неговата големина. Нема зборови што прецизно би можеле да го доловат, барем јас немам. Дозволи си да бидеш воодушевен.

No comments: