January 3, 2016

Викторијанскиот Шерлок

Кој чекор го превземаш кога сакаш серија како Sherlock, со веќе етаблирана брилијантност, да изгледа уште поспектакуларно за специјална пригода? Со оглед на тоа што серијата е ретко присутна, "The Abominable Bride" е два пати поспецијална епизода отколку што би била во некои поинакви услови. Неизбежно е тој момент да биде прописно нагласен. Ако оваа современа инкарнација на Шерлок функционира беспрекорно, не можеш да останеш воздржан од љупобитноста која очигледно го прогонувала и самиот Мофат - како би се снашол детективот во некое потрадиционално опкружување какво што е викторијанскиот Лондон? Под сликата нема спојлери, така што слободно повели натаму.


По кусо утврдување на позициите на ликовите, Шерлок и Вотсон се соочени со нов мистериозен случај кој е навидум од натприроден карактер. Амбиентот и ерата во која се затекнати, дополнително го зајакнуваат ефектот на приказна за одмазнички дух, создавајќи приказна која е совршена за ден во кој би го напуштил ќебето само доколку останеш без никотинските залихи. "The Abominable Bride" умешно кокетира со нијансите кои ги носи редовниот концепт на серијата, а некогаш целосно ги судира двете верзии и самоуверено застанува зад самата идеја на ваквата специјална епизода. Смело, но доволно резервирано за да не изгледа како евтин трик, и функционално, зошто се истакнува како продолжение на тековните епизоди, и покрај тоа што веројатно може самостојно да се потпре на тоа што е. 

Иако епизодата е крајно возбудлива, особено со пресвртите кои сигурно нема да ги очекуваш, самиот случај е можеби најпредвидливиот што Шерлок некогаш го решавал во серијата. Не е воопшто страшно ова нели, само некако полесно се гледа низ густата магла. Но, како свежа доза од генијалноста на Камбрљањџенг и Мартин Фримен каква нема да имаш до 2017, супер е. Од друга страна пак, кога е волку ретко, внимателниот третман е очигледен и директно одговорен за општиот квалитет на серијата.

Се надевам дека доколку во иднина вакви специјални епизоди станат традиција, ликовите повторно ќе се вратат на своите "старомодни" корени. Лично, доволно сум приврзан за модерната варијанта за да би ја трампал за било што друго, но вакви интересни отстапувања се секогаш добредојдени кога ја збогатуваат целата слика.

No comments: