January 10, 2016

Импресиите од Тhe Еxpansе

Пробав да гледам The Expanse во оној период пред некоја недела кога влијанието на The Force Awakens очигледно ми го имало нарушено расудувањето за други работи. Тоа го сфатив дури сега, откако за малку ќе се простев од серија која во "нормални услови" не би сакал да ја пропуштам. The Expanse е можеби единствената серија од фабриката за срања на SyFy од која сум издржал повеќе од две епизоди, а да не се вика Battlestar Galactica. Или Stargate, ама и двете беа прикажувани кога телевизијата се викаше Sci Fi Channel. Поентата ми е дека не е лоша како што ми изгледаше првиот пат, океј? Или вториот, кога ја изгасив на пола втора епизода.  Не само што не е лоша, туку ова е научно-фантастичната серија што се појавува еднаш во десет години и после сите ја плукаме кога ќе ја заебат некаде во трета сезона или ќе ја откажат после една (Gorram!). 


The Expanse е базирана на серијал книги од двајца автори кои го користат псевдонимот Џејмс А.С. Кори. Вселенска опера која мајсторски си игра со елементи на политички трилер и некаков neo-noir, сместена 200 години во иднината каде што луѓето го имаат колонизирано Сончевиот систем и се поделени на фракции чие примирје може да биде нарушено додека си рекол "астероиден појас". Спориот наратив, непријатната тензија и постојаното пумпање на мистерии се само дел од она што ја прави The Expanse серија вредна за целото твое внимание. Визуелно изгледа скапо и професионално, наспроти огромниот дел од асортиманот на SyFy кој изгледа како целиот буџет да дошол од кусурот за кокаинот на сопствениците на каналот. Том Џејн ми е единствениот познат актер тука и е феноменален како сомнителен детектив кој не бира начини за да си ја заврши работата, меѓутоа и остатокот од актерската екипа е одличен. Не само што се талентирани, туку и самите ликови отстапуваат од досадните клишеа и не се трудат да се објаснат самите себе кои се и што се на публиката, како тоа што бессрамно го прават сериите од типот на Dark Matter, на пример. 

Приказната е бавна на почетокот, на моменти дури и конфузна, не ти е јасно кој со кого е пријател и каков заговор се кова во позадина, но со секоја епизода се лупи по еден дел од откритие кое едвај чекам да го видам на крај. Не знам колку The Expanse го почитува изворниот материјал, но очигледно е добар и доволно слоевит за да функционира солидно на телевизија при ваков третман. Изненадувачки е како ваков проект добива толкава љубов од толку чкарт телевизија. Ова им е можеби најамбициозното нешто од Battlestar Galactica навака и искрено се надевам дека нема да ме разочара со остатокот од сезонава. Претпазливо пристапив кон ова (два пати!) и мило ми е што сум задоволен. 

Ако ништо друго, The Expanse ми ја врати вербата во научна фантастика сместена во вселената. Мислев дека  времето на вакви серии е одамна поминато, но ете, ако го направиш како што треба, ќе функционира. Додека не излезе новата Star Trek серија, го прогласувам ова како најдоброто од жанрот оваа деценија. Слободно потсети ме ако имаше нешто друго, а ми се промакнало.

No comments: