January 16, 2016

Да, многу е лош Fantastic Four...

Полош и од Ant-Man. Решив да се жртвувам и да го изгледам новиот Fantastic Four филм за ти да не мораш. Браво Бобо, ти бестрашен хероју неопеан! Нема на што, нема на што. Уште при првиот трејлер нешто изгледаше многу чудно и погрешно тука. Позадината зад тоа е долга и комплицирана за објаснување, но може да се сведе на тоа дека режисерот Џон Транк имал една визија за филмот, додека студиото сосема друга. Па така, крајниот резултат што ја разочара публиката е некаде помеѓу обидот за Кроненбергски хорор и класичен суперхеројски филм со малку помрачен тон. Додај ги и проблемите со недостаток на буџет и преснимување на еден куп сцени од готовиот филм и станува појасно зошто сето ова изгледа толку очајно.


Почетокот е фин и покрај сите клишеа и дупки, но постојано се чувствуваат конфликтите во текот на продукција зошто Fantastic Four никогаш не успева да најде нешто цврсто за фаќање. Повеќе е како колаж од сцени и дијалог на кој е потрошено помалку време отколку на мојов пост и слободно можеш да го впериш прстот и да ги накривиш сите инволвирани во ова. Ликовите се лишени од секаков мотив и логика, се однесуваат како да се дојдени од Prometheus, а онаму каде што сценаристите пробале да им дадат некаков карактер стои само еден шашав неуспешен обид. Еве, и да ги тргнеме на страна сите катастрофални аспекти, отсуството на шармот, мрзливоста на актерите и плитката приказна, пак останува еден сериозно голем проблем. На кого би требало да му се допадне филмот? 

Сигурно не е наменет за посветените фанови на стрипот, некако е дистанциран од изворниот материјал. Не можеш да го препорачаш на деца зошто е премногу насилен и исфорсирано мрачен. А, ниту пак на возрасна просчена публика зошто нема никаков елемент на забава. Старите Fantastic Four, без разлика колку и да беа лоши, барем имаа некаква идеја и причина за постоење. Тука не успевам да видам ништо такво. Се движи праволиниски напорно од самиот почеток, со по некоја интересна сцена по пат, ете фини беа тие две минути кога ќе бидат откриени новите моќи на главните протагонисти, за на крајот нагло да се изврти кон длабока провалија. 

Дум е веројатно најлошо дизајнираниот негативец во историјата на суперхеројски филмови, полош и од Фриз во Batman & Robin. Дизајнот не е толку лош колку последната битка која нели, секогаш ја очекуваш во жанрот. Обично трае предолго, натрупана е со ефекти и демолирање згради и тоа е оној дел каде што зеваш, но тоа по секој шаблон е составен дел од ваков филм. Сети се на еден исто така лош пример, Age of Ultron. Епа тоа го нема тука. Завршува пред воопшто да сконташ дека се борат и скокаат директно на официјалното создавање на тимот и смислување име. Ова ли немаа пари да го довршат или што беа проблемите при снимањето? Не дека ќе го направеше филмот помалку срање, но дури и јас како мрчаторска публика го очекував. Ах, да. Fantastic Four не се труди да допре до никаква публика. 

Некаде прочитав дека Fantastic Four е 100 минутен трејлер за филм што никогаш не се случува. Не можам да се согласам повеќе. Ако си љубопитен да видиш што се случува кога летаат срања на сите страни во холивудската штампарија за филмови, ова е тој солиден примерок каде што работите може да се видат кристално јасно.

No comments: