January 20, 2016

Batman: Bad Blood (2016)

Да речеме дека Џеј Олива е човек што очигледно учи од сопствените грешки. По онa коматозно дно Assault on Arkham, се искупи во моите очи со одличниот Batman vs. Robin. Затоа и некако бев возбуден околу Batman: Bad Blood. Сепак, Олива до сега имаше само едно промашување, па ќе си земам за право да префрлам дел од вината и на лошиот маркетинг за Assault on Arkham кој можеби поинаку ги постави очекувањата. Еве, ајде да простиме и да заборавиме, не уништи ничиј живот, така? На крајот, изгледа никој не го ни памти Assault on Arkham, освен јас.

Исто како тогаш, и овој пат Олива се обидува да создаде Бетмен приказна со малку Бетмен во неа, но овој пат целиот товар паѓа на остатокот од Фамилијата. Најтвинг, Демијан, Алфред и ликови кои мислам дека DC првпат ги користи во овој анимиран универзум, Бетвоман (не го броиме Mystery of the Batwoman тука, така?) и Бетвинг (Лук Фокс, не Дејвид Завимбе). Со таа разлика што сега некако е пофункционално и покрај тоа што веќе етаблираните ликови страдаат од прогрес кој реално е да го очекуваш во нешто што е означено како продолжение. Но, изведбата на нивната динамика и коегзистирањето во еден ваков преполн материјал е солидна, па сите недостатоци лесно стануваат занемарливи во однос на тоа.


Приказната е оргинална, барем не е базирана на некој голем стриповски наслов, но може да се насетат некои ситни влијанија од Batman & Robin на Морисон, присутни само колку да намигнат кон публиката и да го зацврстат темелот врз кој Bad Blood се обидува да го гради сопствениот идентитет. Иако негативците не претставуваат некаква пресериозна закана, има неколку интересни идеи чија мистериозност филмот ја користи за да создаде пресврти додека ја турка приказната кон финалето. Освен тоа, во ниту еден, било каков Бетмен филм, нема да сретнеш калуѓерки со катани и М16-ки, па дел од поените за Bad Blood ги давам баш поради ова. Таков Б-филм момент може многу лошо да излезе во нешто вакво, но тука се вклопува природно. Или, па е само толку кул сам по себе што би функционирал секаде, не знам. Ставете лоши калуѓерки со автоматски пушки и на други места, па ќе видиме. 

Изненаден сум од и квалитетот на сценариото. Дијалозите не предизвикуваат грчеви и дијареа, па има дури и некаков хумор што е сосема океј. Можеби Демијан не се разви како многу лик од првиот пат кога беше анимиран, очигледно се решени да одат со оваа негова верзија и да го зацементираат како таков, но успешно се вклопува и веројатно има уште многу пред себе пред стане досаден. Време е Најтвинг да добие и самостоен анимиран филм, сега кога веќе се уфрлаат нови ликови, старите би можеле да добијат малку поголемо светло, зар не? Би гледал Најтвинг филм, фала. Дури и самиот во Bad Blood кажува дека сака да се ослободи од сенката на Бетмен, така што ете, време е.

Анимацијата е супер како и претходниот пат. Некако им легна овој псевдо-аниме стил, го навикнавме сите и се надевам нема да експериментираат многу во иднина. Актерите се отприлика истите oд Batman vs. Robin и Son of Batman, плус мојата драга симпатија од младоста, Ивон Страховски, која замисли, имала кариера и после Chuck

Крајот на Bad Blood испадна многу похрабар отколку што очекував. И, покрај тоа што се работи за универзум во кој секој лик што доживеал кобна судбина може лесно да се врати, сепак некои заслужуваат малку одмор. Следно од DC е адаптацијата на Batman: The Killing Joke, еден од моите омилени Бетмен стрипови. Изгледа се враќаат Марк Хамил и Кевин Конрој, па DC чим сте решиле да го правите ова, барем направете го достојно. Алан Мур доволно пропати. 

Види такоѓе:

No comments: