Имам измешани чувства за новава The X-Files мини-серија. Го загледав мит-аркот пред некоја недела и некако ми е тешко да се адаптирам сега на ова. Првата епизода почнува супер, со нарација од Молдер како во старите денови. Зборува за НЛО појави низ историјата, се расфрла со некои статистики и завршува со тоа дека денес луѓето само се смеат на вакви ствари. Ова ми создаде некаква сигурност за пристапот кој The X-Files ќе го има во 2016, за теренот на кој се обидува да игра и публиката кон која го пружа материјалот. Оргиналната шпица, препознатливата режија, па дури и деталите како имињата на локациите каде што се одвива дејствието, потврдуваат дека и покрај тоа што серијата е свесна за предизвикот, се труди да си ја сочува автентичноста. Но, по краткиот вовед, целиот чад создаден од носталгија почнува да се расчистува и открива нешто кое можеби и не е толку... стегнато.
Поминати се многу години. Телевизијата е сменета. Публиката е исто така различна, дури и таа што растела со The X-Files. А, деценискиот јаз најмногу се чувствува кај самите актери. Духовни никако не може да ме убеди дека е повторно Молдер. Не само што изгледа како да довозел неотрезнет од Californication, туку и ентузијазмот го има заборавено некаде во четвртата сезона од истата серија. Не може некој што очигледно ги чита репликите од картон позади камера да биде убедлив. Самиот Духовни делува како да му е смешно тоа што му го дале како сценарио, па добар дел од забавата со новиве епизоди на The X-Files ми доаѓа баш од ова.
Симпатично е. Симпатично до степен да изгледа како пародија на себе, со што целото присуство на серијата во 2016 го прави да биде добро од што е лошо. Андерсон не е многу подобра, но барем се труди да ја глуми Скали од 90-ти. Ако е тоа добро воопшто. Или, едноставно тоа е лимитот на нејзиниот талент, па само ми изгледа така. Хемијата меѓу нив двајца не е ни отприлика како порано. Дојдени се само за лесни пари и тоа е тоа. Најсмешни ми се моментите каде што треба да прочитаат нешто сериозно, а тоа звучи толку апсурдно и исфорсирано, па чекам во секој момент и они да се прснат од смеење. Некогаш чекам и Чарли Ранкл да се појави од негде, но ни тоа не се случува. До толку е Духовни надвор од ликот или јас премногу го асоцирам со некој друг?
Што се однесува до приказната, тоа е еден посебен циркус. Наместо да се надоврзе на оргиналната митологија, изгледа како да сака да се измоча врз сè што нè наведоа да веруваме пред години. Иако осеќам дека на крај и ова што се обидуваат да го исфураат сега пак ќе се склопи со стариот фолклор, некако ми е премногу вадење од газ. Нели, малку? Не можеш да ме убедиш дека сè што се случувало претходно е некој ваков голем заговор. Веќе еднаш видовме голем заговор и супер функционираше. Инцијално е крајно контрадикторно, но пак се надевам дека Крис Картер е свесен за ризикот. Мене сигурно нема да ме разочараат, колку и да сум фан, зошто си најдов друг начин на кој се забавувам со овие епизоди.
Ако остане овој ненамерен хумор до крај, јас сум задоволен - сум си изгледал супер лесна серија. Одамна пројде времето кога се потресував за тоа кој стои зад сите заговори, за Синдикатот, за сестра му на Молдер и неколку пати излегов доволно среќен од тоа што триста вакви мини-серии нема да успеат да ми го нарушат тоа. Секогаш кога овој Молдер тука ќе спомне "Обама" или "Сноуден" или ќе референцираат некоја модерна технологија што ја немало тогаш, ми се полни душава. Затоа и останувам да догледам до крај. Смешно е од многу погрешни причини, можеби и намерно е така, можеби е и заговорот што треба да го откриеш ти, како публика. Вистината е таму некаде, еј. Гледаш, не можам да плукам по The X-Files.
No comments:
Post a Comment