January 23, 2016

Леа во Star Wars Rebels

Ах океј, нели заврши втората сезона на Star Wars Rebels? Како го пропуштив тоа дека прават пауза? Ете, сезоната уште не е готова, но тоа не значи дека станува подобра. Дури и кога ќе се осмели да понуди гостување на лик од оргиналната трилогија како што е Принцезата Леа. Продолжува да страда од истото плитко искористување на познатата митологија претворајќи се во обичен безобразлук. Има ли некој таму што го контролира ова? Ако веќе решаваш да направиш приказна со Леа, барем потруди се биде значајно. Вака не придонесе ништо за развојот на серијата, се појави само колку да ги продадат млада верзија на новите играчки од The Force Awakens. Не сме глупави, Дизни.


"A Princess on Lothal" како да ја гледав на друг јазик. Дојде Леа кај главните ликови од Rebels, им донесе некакви нови бродови со цел да ги поддржи бунтовниците, нападнаа AT-AT вокери во еден момент и имаше многу Стормтрупери. Леа не направи ништо забележително, често стоеше со скрстени раце додека останатите околу неа беа со сериозни изрази на лицата. Толку стана досадна сезонава што успева само на визуелниот дел да ми го задржи вниманието. Што се случи со креативноста и потенцијалот од прва сезона? На кој јазик се напишани епизодиве, на Ширивук?

За новата актерка која го позајмува гласот на Леа немам некоја забелешка, дефинитивно не е Кери Фишер која одамна не звучи како тинејџерка, а претпоставувам била и поевтината варијанта која ги чинела Дизни многу помалку кокаин. Доколку имаат малку храброст, ќе ја оправдаат епизодава со корисна Леа некаде понатаму, ако веќе се толку решени да го шмукаат "сигурниот" универзум. Трејлерот за остатокот од вторава сезона го покажува баш тој правец. Покрај уште едно соочување со Вејдер и Асока за кое се надевам дека ќе им биде последно, има одвратно анимиран Јода и Кајло Рен сејбер, ама зелен. Зелен сејбер како на Кајло Рен, еј. Знаеме дека е Star Wars серија Дизни, не мора до толку мавтање во лице со тоа.

No comments: