March 22, 2015

Игра на месецот: Ori and the Blind Forest

2D платформерите направија сериозен камбек последниве години. Мислам, доколку воопшто може да се нарече камбек. Повеќе е "станаа популарни во последниве години". Или јас почнав да ги приметувам. Не знам, избери едно од овие, битно има платформери сега, океј? Еве, само на Steam има над 400 игри со "platformer" таг во моментов. Не сум некој фан зошто брзо знаат да ми здосадат, па така што играм нешто ако ептен, ептен успее да допре до мене. Барем да допре до мене за да фрлам некое евро и никогаш да не инсталирам. Затоа, за Ori and the Blind Forest се одлучив за торент, чисто за да не ми се трупа Steam колекцијата со едвај допрени наслови. 


Ori and the Blind Forest ја симнав во агонија предизвикана од сознанието дека треба да обновам хардвер за воопшто да можам да ја пуштам Alien: Isolation. Oткако изгубив пола саат додека сконтам дека ова што е под бирово почнува повеќе да припаѓа во музеј. Ori дојде како утешна награда, сосема спротивна од тоа што планирав да го играм деновиве. Мал, рачно нацртан платформер, со преубава музика и приказна што во еден момент ти ја грее душата, а во следниот веќе си бришеш солзи и мрсули со ракавот од пижамата. Четири години во изработка, конечно објавен пред две недели. До сега, една од највозбудливите игри за 2015.

Графиката е она што прво ме привлече кај Ori. Тек потоа следуваат гејмплејот и феноменалната нарација. Боите се веројатно најубавите што некогаш сум ги видел кај ваква игра, деталите се перфектни, речиси и да нема ништо што се повторува во мапата. Иако стилот не е баш аниме, на моменти делува како да ги играш најубавите филмови на Ghibli студиото. Таква некоја атмосфера има цело време.

Гејмплејот е стандарден. Трчаш и скокаш низ нивоата, собираш различни ствари, повремено пукаш во непријатели и налетуваш на препреки и заклучени врати кои се отвараат со клучеви распрскани наоколу. На почетокот почнува прилично лабаво, меѓутоа како што прогресираш понтаму, станува малку покомплицирана. Препреките се позаебани, а треба и да си го средиш фокусот малку ако не сакаш да пробуваш десетина минути да скокнеш од ѕид на ѕид. Ако воопшто успееш да се сконцентрираш покрај целата убавина пред тебе и музиката што те мекнее во позадина. 

Скроз позитивно изненадување. Прекрасна мала игра. Вреди за моменталната цена, меѓутоа ќе ја почекам на попуст, зошто пазарев други што планирам да ги играм, бла бла, изговори. Не можев да изберам скриншоти, така што бујрум на официјалната галерија. Или уште подобро, видео во кое е прикажан гејмплејот и отприлика ова што го зборам погоре.

Види такоѓе: 

2 comments:

SHTIRAK said...

Фантастична игра! Но...
На моменти ми сметаше сличноста во дизајнот на околината со Rayman Legends и неубаво направени, нацртани негативци. Бувот и дебелото човече беа направени одлично, незнам зошто не посветиле повеќе внимание и на другите карактери.
На моменти поминувањето на некоја мисија изгледа скоро невозможно и треба беспрекорен тајминг и рефлекси за да се помине (дрвото што се полни со вода например).
Ми се допадна комбинацијата на контроли, маус и тастатура (наместо само тастатура како во повеќето вакви игри). btw немам пробано со гејмпад дали може...
Без врска е што после завршување неможеш да се вратиш и да играш и истражуваш уште.
Играта е толку заразна што 2 дена не престанав да ја играм дури не ја свртам... =)

Бојан Николов said...

Работи и со гејмпад. Особено ако имаш xbox контролер. За други, она емулаторчено, зошто малце се хаос контролите.

Ја уште не ја завршив, ама ќе ја играм пак, тоа сигурно. :)