Showing posts with label cSFs. Show all posts
Showing posts with label cSFs. Show all posts

June 1, 2015

Crapwerk Sci-Fi Special #4

Пред неколку години почнав серијал на постови со најглупавото можно име на светот, Crapwerk Sci-Fi Special. Чим "серијалот" издржал три дела со истото име, сигурно ми звучело добро тогаш. Последниот таков пост е пред повеќе од шест години. Очигледно не бев редовен со темата толку колку што планирав да сум. Деновиве изгледав три филмови што ми ја вратија идејата за продолжение Crapwerk Sci-Fi Special (агхх...). Како и повеќето четврти продолженија, ова ќе биде непотребно и делумно оддалечено од темата на претходните. Обидот за свежина е со филмови што се занимаваат со патување низ време. Најзабавна тема ми е во фикција, дури и во најлошите ствари сум наоѓал нешто интересно. Барем успеваат да ме задржат фокусиран до крај. Овој пат препораките се понови, од 2014/2015, но сепак стапнуваат во таа Б категорија. Ниту еден не е Timecrimes, ама барем два вредат за второ гледање.



Инспирацијата ја црпи од култната Twlight Zone епизода, "A Most Unusual Camera". Тројца ликови кои ги прават најнелогичните постапки што сум ги видел на филм во последно време, ќе најдат машина што може да прави фотографии 24 часа во иднината. Поради правила и глупави претпоставки кои сами ќе си ги наметнат, се обидуваат да ја поклопат секоја фотографија од нив, заслужувајќи си ја секоја несреќа што ќе ги снајде. Режисерот развива фин концепт, меѓутоа некогаш треба повеќе креативност за да ти издржи повеќе од петнаесет минути. Искупувачкиот момент е во сценографијата и неколку кадри што го прават Time Lapse (барем) визуелно пријатен. И да, ако не ти смета тажната глума на онаа од The Flash, филмот има уште еден елемент што го прави океј за гледање. Остатокот, претежно е исфорсирана тензија.


Какво пријатно изненадување ми беше ова. Со тоа не мислам дека ми го раснесе мозокот со наука, талент и уникатни идеи, туку со финиот тек и ликови на кои нема да им урлаш за стварите што ги прават. Лесен, забавен и најтинеџерски што може. Наивноста и тоа што не претдендира да држи сериозен тон го прават толку поднослив. Дури не ми сметаше ни тоа што користи непотребна и застарена found footage финта. Almanac ги користи "стандардните" правила за патување на време. И, иако некаде пукаат логиката и парадоските, држи каква-таква конзистентност до крај. Одлично ги балансира сите елементи што ги содржи. Задолжително гледање ако приказни за патување низ време и мрзливи недели ти ставаат осмех на фацата.


Уште кога излезе, од постерот и описот мислев дека е нешто поакционо, како Looper. Затоа и не ме завлече, ама некако ми делуваше како логичен чекор после горните два. Најубавото испадна за крај. Феноменален, со одлични актери, сценарио и уникатна идеја. Итан Хок океј, ама вистинската ѕвезда тука е Сара Снук. Го краде цел филм. Не знам како претходно не сум ја сретнал, брилијатна е. Веројатно нејзиното време допрва доаѓа. Predestination ме начека неспремен за тоа што го видов, и ме изненадуваше со пресврти секогаш кога ќе решеше да го забрза темпото. Филм што не ти дозволува да прашаш зошто и како, туку те остава да уживаш во концептот што се расплетува пред тебе. Внимателно со истражување на филмов пред да го гледаш, зошто секаков спојлер може да го заебе доживувањето. Еден од најзанимливите лански што ги пропуштив.

May 3, 2009

Crapwerk Sci-Fi Special #3

Замислата ми беше еднаш месечно да објавувам по еден Crapwerk Sci-Fi Special, но некако не успевам во тоа, нели? Повторно имав проблем околу избирањето за долната тројка филмови. Дали да бидат црно-бели Б-филм класици од 50-тите, дали филмови од последнава деценија, или стандардно, моите омилени – Б-филмови од осумесетите и почеток на деведесеттите. Се решив за последнава група, бидејќи ми е омилена и одбрав филмови кои обработуваат сосема различни теми. Мора малку да избегам од киборзи и пост-апокалиптични филмови, па затоа за следниот cSFs ќе спремам нешто поразлично. Ајмо...

2019: After the Fall of New York (1983) Италијанска продукција, интересен почеток, со нарација која ветува многу повеќе и пластична минијатурна верзија од пост-апокалиптичен Њујорк што боде очи, но му дава шмек на филмов. Првите 3 минути. А, очекував навистина многу од филм во кој после нуклеарна катастрофа, завојуван остаток од човештвото и ниту едно родено дете во последните петнаесет години, рип-оф на Снејк Плискин оди во разрушениот Њујорк да го бара чарето. Битно ги искористиле сите костими од локалниот театар...

Universal Soldier (1992) Што е Б-филм без Долф Лундгрен и Жан Клод Ван Дам? Баш размислував кој ми е омилен филм со Ван Дам, и сфаќам дека не ми текнува на некој подобар од Universal Soldier. Ван Дам и Лундгрен се војници (од иста страна) на мисија во Виетнам кои завршуваат мртви убивајќи меѓусебе. Благодарение на таен владин проект, двајцата се вратени во живот како машини за убивање, контролирани како роботи, со избришани сеќавања и кодови наместо имиња. Работите се извртуваат кога дел од сеќавањата ќе почнат да им се враќаат. Одличен акционен СФ, еден од најдобрите од жанрот. Класика. Еден од оние филмови што би можел да ги гледам во било кое време и да не ми биде досадно. Има уште неколку продолженија, имам нешто гледано но не би можел да кажам кој дел е кој. Најверојатно поради тоа што припаѓаат во Z movie категорија...

Tremors (1990) Дали е случајно, не знам, ама секогаш сериски убијци, чудовишта и вонземјани напаѓаат мали и мирни гратчиња низ Америка. Овој пат, гратчето Перфекшн е мета на огромни црви, Грабоиди, што живеат длабоко во земјата. Уникатна идеја, напната атмосфера и актерска екипа која глуми одлично и го прави филмот да биде тоа што е. Еден од најдобрите филмови со чудовишта што сум ги гледал. Може да послужи како пример за тоа како треба да се прават вакви филмови. Има уште три продолженија (ги немам гледано сите), плус серија од 2003. Еве нешто што заслужува да се изгледа маратонски (серијата не, некако се сомневам во квалитетот).

December 19, 2008

Crapwerk Sci-Fi Special #2

Деновиве значително ми се редуцирани обврските што ме спречуваа да седнам и да искуцам асален пост на Crapwerk, па решив конечно да го продолжам Crapwerk Sci-Fi Special-от, односно рецензиите на култни СФ филмови од Б-продукција снимени во осумдесетите и девеесетите, златната ера на ваквите филмови.

Долго размислував кои филмови да се содржат тројката која следи подолу и решив да се одлучам за филм кој е еден од најпознатите претставници на овој жанр и два други кои воопшто ги немав гледано до пред некое време. Да почнеме...

Class of 1999 (1990) Приказната иако е уникатна, голем дел на елементите во филмов се позајмени од The Terminator и Mad Max 2: The Road Warrior. Од 1992 година, низ средините училишта во САД, почнува да владее општ хаос, предизвикан од опасни криминални банди составени од ученици кои се во постојани вооружени пресметки. Во 1999, бордот за заштита во образованието со помош на компанија за производство на киборзи, вметнува тројца професори (киборзи, да) кои имаат за цел да ги превоспитаат непослушните средношколци кои се пукаат наоколу облечени во кожи и возат автомобили како во The Road Warrior. Професорите-киборзи работата си ја "сфаќаат" многу посеризно, па завојуваните банди ќе мора да се здружат за да преживеат. Супер е филмот, има доволно акција, глумата не е толку очајна и е лесен за гледање. Го препорачувам на сите СФ фанови. Дефинитивно најдобриот филм од оваа тројка на рецензии.

Cyborg (1989) Некаде во периодот околу овој филм, започна ерата на доминација на Жан Клод Ван Дам. Типот буквално владееше со светот, сними купче добри филмови и потоа кариерата почна да му оди во надолна линија, за денес воопшто да не постои на сцената. Во пост-апокалиптична иднина (а каде на друго место?), владее чума која прети да ги уништи и оние малкумина кои некако успеале да преживеат. Научниците се блиску до откривање на лекот кој е единствен спас за човештвото и решаваат да искористат жена-киборг која треба да пренесе битна информација за тој лек до главното седиште на групата која се бори за опстанокот на луѓето. Ван Дам е на мисија да го заштити киборгот од банда која сака да го искористи лекот за сопствени цели. Филмот е одличен, но мене Universal Soldier (следува рецензија во следниот Crapwerk Sci-Fi Special) е далеку подобар. Cyborg има уште неколку делови за кои ќе пишувам во иднина.

Eliminators (1986) Од постерот и името, очекував филм каде што банда од "елиминатори" прави пуздер во пост-апокалиптична иднина. Едвај го најдов на солидна VHS снимка и навистина очекував добар филм. Наместо тоа, добив хаотична приказна која претпоставувам ја смислувале додека го работеле филмот, куп неповрзани ствари и 40 минутна сцена каде што главниот протагонист (пилот кој по авионската несреќа, го прават киборг) бега од пијана група на реднеци која го брка со чамец по вода. Тука некаде прекинав да го гледам, зошто нема никакви "елиминатори", уште помалку некаква поента, а елементот за забава комплетно отсуствува. А, пред да го гледам, зборев колку ќе биде ирелевантен рејтингот што го има на IMDB... За малку ќе заборавев, Денис Корзби (Таша Јар за Star Trek фановите) е во главна улога тука.

October 10, 2008

Crapwerk Sci-Fi Special

Киборзи, човек против машина, вонземјани, приказни полни со клишеа, евтини сценарија и ефекти, просечна до лоша глума, одлична музика, купишта акција, згодни девојки и заебан мајкоебач со огнено оружје, фраерски one line-ри и ништо вредно за губење... Состојките за совршен акционен SF (Б продукција) во почетокот на деведесетите или крајот на осумдесетите години. Иако поголемиот број од овие филмови, инспирацијата ја црпеле од Mad Max, The Terminator или Blade Runner, понекогаш може да се најде и нешто оргинално, но не е тоа поентата. Вредноста и убавината на овие филмови е поинаква.

Периодов си ја збогатив мојата колекција на вакви стари филмови и се осеќам ко да ми ги донирале од видеотека, зошто некои се VHS рипови (не се издадени на DVD), а други се DVD, но со послаб квалитет. Повеќето што ги земав, ги имам порано гледано на телевизија, некои едвај ги памтам, а некои видов дека сум ги гледал откако ги мотав да видам каква е снимката. Третите би биле филмовите што повеќето добро ги знаат, не се баш Б продукција, но жанровски можат да се носат со овие кои следат подолу. Имам многу да пишувам на темава, па ќе почнам со филмови што ги имам гледано повеќе пати порано на телевизија, а верувам дека и повеќето ги знаат.

Screamers (1995) Еден од моите омилени филмови од детството е дефинитивно Screamers. Одамна го немам начекано на телевизија и сум среќен што конечно го најдов да го симнам. Значи, ги содржи сите елементи што се набројани на почетокот горе. Мала група на луѓе, се обидува да преживее на планета во пост-воен период каде што меѓу другото, користени се интелегентни роботи кои развиле наква-таква свест, за да можат самите да еволуираат и да се надоградуваат. Верзиите се од мали и брзи машини што се движат под земја, до оперативци со напредно развиена вештачка интелегенција. Во главната улога е Питер Вилер, познат како Алекс Марфи/Робокап. Screamers е совршениот акционен СФ, класи над филмовите во жанрот, за жал многу потценет иако може да се носи со високобуџетни филмови како The Thing. Сценарист на филмот е Ден О’Бенон, типот што ги има напишано Alien и Total Recall. Доволно?

Trancers (1985) Бев речиси сигурен дека го немам гледано, се додека не ги изгледав првите неколку минути. Комплетно го имав заборавено филмов! Главниот лик е Џек Дет, полицаец од 2200 и некоја, и лови “трансери” (да, знам како звучи), зомбифицирани жртви на криминалецот Вислер. Дет се обидува да го фати и Вислер кој се вратил во минатото (1980 и некоја) преку најоргиналниот начин за патување низ времето што сум го видел на филм. Во времето на Џек Дет, постои машина што може да те врати во телото на твој предок со послаб ум. Оргинално, нели? А, тек часовниците кои може да го успорат времето за неколку секунди. Trancers има шест продолженија и се надевам дека ќе ги гледам во скоро време.

Nemesis (1993) Nemesis го памтев, но никогаш не успеав да дознаам како се вика, па порано дури и мислев дека е некое продолжение на Cyborg. Во дистописки свет, каде што киборзите се секојдневна појава, а и кибернетските замени за делови од човечкото тело, постои и терористичка организација која се бори баш против овие работи. Оливиер Грунер е во главна улога, типов е закон и игра се во вакви филмови. Тука го глуми Алекс, бивши полицаец, повеќе машина отколку човек што убива се што ќе му излезе на патот, додека го мачат комплексни прашања за постоењето на човекот и она што го дефинира како таков. Иако со некои вакви детали во приказната, делува како повеќе од Б-филм, но како што е Алекс повеќе машина одошто човек, така и Nemesis и повеќе Б-филм и тоа еден од најдобрите што сум ги гледал. Го обожавам секој момент, од почетокот до крајот е прекрасно доживување, динамично се одвива и има језива сајберпанк атмосфера. Школски пример за Б-филм.

За почеток, нека бидат овие три. Викендов имам уште неколку на листата за гледање, па ќе следи и нова тројка.