September 27, 2009

Transformers: Revenge of the Fallen (2009)

Да го гледав Transmorphers: Fall of Men, можеби вториов Трансформерс немаше да биде најлошиот филм за 2009. Не дека имав големи очекувања, но сигурно не се надевав на толку глупости во еден филм што трае неиздржливи 150 минути. Ефтин хумор како во Американска Пита 9, цел саат непотребни сцени, олигофренични Трансформери и никаква конзистентност во приказната, го спречуваат Transformers: Revenge of the Fall да добие и прелазна оценка. Последните 30 минути прекинав и да следам што се случува.

Ајде по ред. Има еден куп тинејџерски комедии каде што главниот лик заминува на колеџ, родителите му се со незавиден коефициент на интелегенција, па целиот хумор се базира на комбинација од овие елементи. Нема никаква поента да го гледаме истово и во Трансформерс филм. Голем дел од непотребните сцени што ги спомнав, се баш со овие очајни обиди за хумор. На другата страна се двата Автоботи што зборат на црнечки сленг, што голем број фанови, а и медиуми, ги искритикуваа дека поттикнувале расна дискриминација. Искрено, ме здоболе за тоа. Јас ќе ги искритикувам продуцентите за дебилниот потег, што го преполниле филмот со вакви идиотизми, далеку од било каков хумор. Не верувам дека за наменети за помладата публика, освен ако филмов нема некоја едитирана верзија каде што се тргнати бројните вулгарни реплики.

Кога Transformers: Revenge of the Fallen не се обидува да биде комедија, има "сериозни" сцени со Трансформери кои изгледаат како биолошки да остареле, имаат метална брада, бастун и се сенилни. Иако можат да изразуваат и силни емоции, ова не престана да ми биде чудно.

Шаја и Меган Фокс ми станаа најодвратните фаци во Холивуд, така да нема да потрошам ни збор повеќе за нив од оваа реченица. Филмов нема никаква приказна, туку е колаж од случајно нафрлани сцени, така да на секои 10 минути скока во друг хаотичен правец. Бидејќи сите ликови имаа по вкупно 8 минути време, не видовме никаков развој, а камоли Трансформери. Освен ако немало Трансформери во неколку сцени со експлозии кај што има само чад, оган и метал и едвај може да се забележи било што. Елементот за забава е сведен под нулата, не ми се верува дека нешто што е базирано на искучително забавна серија/линија играчки може да има ваков исход. За жал, ни специјалните ефекти не го вадат, денес и А1 Метео има исти такви...

Првиот беше подобар. Сега е време конечно Transmorphers да добие шанса.

2 comments:

Unknown said...

Ѓубре е филмов!

Duko said...

soglasuvam so gore napisaniot komentar i go dopolnuvam so zborot bljuvotina