Вториот Final Destination филм создаде една колективна траума кај мојата генерација со сцената на автопатот со трупците. Каков неповторлив момент. Од тогаш едноставно држиш двеста метри дистанца позади такви натоварени камиони за секој случај и тоа е тоа. Мислам дека таа сцена и денес е останата како највпечатливиот аспект од цел серијал и е првата асоцијација кога филмовиве ќе се најдат во некој муабет. Првите два беа многу популарни во тоа прелазното време од видеотеки во дивидитеки и ми останаа како ептен драги. Не следев нешто многу наклонето после третиот дел, ама истераа уште две продолженија пред да исчезне по 2011.
Чудно како беа потребни четиринаесет години за Final Destination да живне со нешто ново, особено што во меѓувреме сите поголеми хорор франшизи се изнаредија со разни рибути, римејци, приквели, миквели, рекалибирации, реимагинации и други реизмишљотини. Без многу драма и извољевање за некакво "големо враќање", Bloodlines пристигна скромно со трејлер и ветување дека ќе ја добиеш стандардната шема. Долго немав гледано Final Destination филм и некако му се израдував. Мило ми е што серијалот си даде простор да земе здив и да се проба пак во друго време. Bloodlines не само што не е срање какво што лесно можеше да биде, туку е и меѓу најдобрите Final Destination филмови.
Се изненадив колку Final Destination: Bloodlines не пати од идејата одново да го измислува концептот. Има некои моменти каде што се обидува да ја продлабочи постоечката митологија на франшизата, меѓутоа пак се држи прибрано и верно до она што публиката сака да го види, а тоа се секако инвентивните начини да убие некого. Реално, ретко кој седнува да го гледа ова за длабокиот фолклор. Тука си за верижната реакција што носи до нечија насилна смрт. Логиката често изгледа како излезена од цртан филм, ама тоа е и главното својство на Final Destination. Филмовиве не се сфаќале себеси премногу сериозно, во некоја мера отсекогаш била присутна некаква апсурдна, комична нота - макар и ненамерно. Поради тоа и лесно е да им прогледуваш низ фалинките.
Очигледно е дека има огромна количина на свежа креативна енерија во Bloodlines, без да го изгуби комодитетот на сопствениот калап. Некогаш едвај се приметува дека е филм од 2025, мислиш е нешто од видеотека изрентано. Режисерското дуо мајсторски се справува со концептот и точно знае како да ти го сервира тоа за кое си дојден. Тензијата е постојана, па дури и да предвидиш што ќе се случи, има толку многу чекори што ќе ти ги испотат рацете дур кулминира. Чим си нонстоп на штрек, ќе да е успешно. Имав подзаборавено каква вожња знаат да бидат овие филмови.
Како и секој друг Final Destination филм и Bloodlines има еден куп ликови чија главна намена е да изгинат, со тоа што овојпат не се баш типичната иритантна дружина за која навиваш против. Дури и се грижиш за нив во повеќе наврати. Супер се цела екипа актери. Може повеќето од нив нема ни да ги препознаеш во следен филм, ама одлично ги цепаат ликовиве. Bloodlines е и последниот филм на хорор легендата Тони Тод кој почина минатата година. Доколку некој се интересира за меѓусебната поврзаност на филмовите, веројатно уште повеќе ќе му значи неговото присуство кое и онака само по себе е доволно моќно и емотивно.
Моментално Bloodlines котира највисоко од сите досегашни Final Destination филмови - и според публиката и според професионалната критика, замисли. Претпоставувам поради тоа што денес рецензии од друга генерација се вбројуваат во тој рејтинг, односно луѓе кои растеле со серијалот и им значи многу повеќе одошто на тогашните критичари. Мора да има и некаква доза на носталгија во пресметките, секако не е подобар од кецот и двојката. Ова наговестува дека можеби и нема да поминат пак четиринаесет години до следното продолжение, иако би сакал да не се брзаат. Лесно потрошлива формула е, глупо би било ова на "стари години" да се претвори во Saw франшизата.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment