November 24, 2021

Петнаесет години Crapwerk

Иако вторава пандемиска година не беше најсјајна на неблогерски план, некако успеав да го довлечкам Crapwerk до петнаесетгодишнина. Петнаесет години цели. Како звучи ова, а? Мислиш е мобилен оператор. За жал, настрана од релативно редовното пишување постови, Crapwerk некако ми се слизна од активностите што лани почесто ги фурав. Twtich каналот ми фати прашина малку, ама ете среќен сум што барем со Discord дружината си цепаме со нови игри и по некое претпазливо пиво и мезе. Многу ми е ќеф што го заживеавме тоа.

Фала на сите што низ овие петнаесет години го толерирате местото кое Crapwerk го окупира на домашниот интернет простор. Фала и за секоја дискусија што се појавила после блог-пост. Иако често сме се сложувале, мило ми е за секоја прилика каде што сме си ги вркстиле ставовите. Ама, ајде да не нè убие романтикава. Веќе секоја година верглам некоја варијанта на истово.

 
2021 беше малку пораздвижена на поле поп култура, па така некои од темите што ги прошалтав на Crapwerk ми беа многу позабавни од ланските. Го испративме Бонд на Даниел Крег, се подлажавме со нов MMORPG наслов, цепевме дрва во нордискиот задгробен живот, светот испадавичари за глупа корејска серија, ама најјакото ми е што годинава конечно се случи саглам адаптација на Dune. Филмот ме мотивираше да ги грабнам и другите книги на Френк Херберт во серијалот и презабавно ми е.

За тоа во некоја друга прилика, а сега без тупење - следува традиционалната компилација на постови што добиле најмногу љубов од последниот роденден на Crapwerk до денес. Ете така. Се читаме наскоро.

No comments: