March 27, 2016

Batman v Superman: Dawn of Justice (2016)

Не беше многу одамна денот кога го најавија Бен Афлек како Бетмен и изгубив свест на биро. Ни оној ден кога излезе првата слика од него во костимот која не успеа да ми влее надеж. Кога се појави првиот трејлер за Dawn of Justice веќе се симнував од забрзаниот суперхеројски воз. Но, онаа попладневна епифанија од минатата недела некако успеа да ми го прочисти умот од предрасуди кон филмот,  до степен да наместо со солзи, од кино излезам со Џек Николсон осмех и исполнет детски сон. 

Претходно ги чув сите муабети. Едни тврдат дека е најлошото нешто што му се случило на светот по Холокаустот на Евреите, други доживеале спиритуална преродба. Мене ми беше забавен. Да, не е најпопуларниот став во моментов, ама ова доаѓа од некој што уште мисли дека Kingdom of the Crystal Skull е феноменален и дека Warcraft ќе му биде новиот омилен филм. За одредени работи не можеш да си секогаш објективен, така што искулирај. Ќе се расфрлам со спојлери подолу, не е како да умрел Хан Соло или нешто (упс), ама сепак ете го задолжителното предупредување.


Batman v Superman: Dawn of Justice е филм со маани како и секој друг. Не знам што точно се случи за критиката да го распне така брутално, а публиката да развие колективна омраза и да тргне да ги забива секирите во тоа што останало од лешот. Сите се фаќаат за приказната, за тоа колку била некохеретна и тешка за следење. Прилично е едноставна и покрај тоа што залците, дури и расцепкани во кратки сцени, изгледаат преголемо. Да, филмот се обидува да скрпи многу ствари одеднаш, некогаш се распаѓаат од сосема други причини, но на крајот сепак се формира во солидна целина. Нелогичности има, сценарио со смешно лоши реплики на моменти исто така, меѓутоа големата слика, па и деталите кои ја градат, е одлична и цврста. Сепак, многумина не се согласуваат со тоа.

Дали е проблемот во тоа што Супермен како лик денес потешко би функционирал? Во време кога и овие шарени суперхерои се стремат кон реалистична прецизност, пак е вонземјанин од друга планета кој се обидува да го симболизира доброто во човештвото. Токму таа совршеност на Супермен не дозволува да го изведеш по "модерен терк", без да е сцена во која Кристофер Риф симнува маче од гранка или Дин Кејн заводливо ѝ се смешка на Тери Хачер во блескав спандекс. Примерите ми се можеби преекстремни за поентата, ама размисли. Каков Супермен сакаш да видиш?

Мене Супермен најубаво ми функционира кога е соочен со нешто кое не е интергалактички ѕвер склон кон уништување на малите луѓе од зелено-плавата планета. А, кога е, сакам да видам како му се предизвикани вредностите кои не се во доменот на неговата физичка моќ. Затоа и сите овие дилеми за неговото место на Земјата кои ги сервира филмот ми беа толку занимливи. Крвта која ја има на рацете е од постапки чиј исход не е намерно таков. Ефикасен е во тоа што го прави, но колатералната штета е неизбежна. Доволно за да му се даде маана на таа "апсолутна добрина". Филмот во суштина ги продлабочува истите идеи од Man of Steel, но остануваат закопани под сомнителниот квалитет на нивната испорака.


Овој Бетмен тука е монструозен и брутален. Се тепа како од Arkham игрите и го жигосува "пленот" пред да го испрати во затвор каде што тој жиг е билет за непријатен помин. Свесен дека тоа што го прави последните дваесет години упорно ќе се повторува. За секој криминалец што ќе го спречи, ќе се појави нов. Мотивот го фокусира на целата планета, наспроти Готам, каде што постапките на криптонското неискусно божество изглегуваат од сечија контрола. Афлек е толку добар во улогата што еве, со задоволство ќе си ги изедам сите гомна што ги посрав за неговиот Бетмен последниве години. Сцената со сонот, визијата или што и да беше,  каде што ќе му се нафрлат додека го набавува криптонитот, а на Супермен војската му се поклонува додека проаѓа, е една од најдобрите во било каква адаптација на овие два ликови. Едноставно е премногу кул, макар и да е уфлена само поради тоа.

Конечното соочување на Бетмен и Супермен е врвот. Можеби причините поради која ја почнуваат и завршуваат битката се дел од неколкуте влажни прдежи на Dawn of Justice, но после тоа можев комотно да станам и да си отидам пресреќен. Го млатна со лавабо, еј. Дочекав да видам како Бетмен го удира Супермен со санитарија и уживав во секој момент. За жал, додека се прибирав од возбудата, дојде и моментот кога Џеси Ајзенберг од благо иритирачки Лутор се претвори во сценаристичка неумешност која го создаде Думсдеј речиси од воздух. Колку и да го третирав Dawn of Justice како лајв-екшн цртан филм, некако не успеав да го простам компјутерски генерираниот Думсдеј целосно. Дизајнот како да сум го видел претходно. Од оној Hulk со Едвард Нортон, до чувства што ги поврзав со последниот Godzilla. Премногу валкано интерпретиран за послужи како ефективен како голем, соодветен негативец.

Но, тоа отвори простор за конечно да дојде моментот за Вондер Воман од која пријатно се изненадив, иако нејзиното присуство повеќе функционираше како надополнување на деус екс макина финалето. Ликот уште не го сакам како што би можел, меѓутоа фин вовед во нешто што можеби ќе испадне интересно. Од скоро сум фан на Justice League, па ќе се потрудам да сум отворен кон следните филмови. Настрана премладиот Лутор, кастингот е одличен. Лутор сакав да го видам како повозрасен, посериозен и секогаш намрштен газда, со малку поцврсти причини за омраза кон Супермен. Тука не добив некој јасен мотив за неговите постапки.


Џереми Ајронс е супер Алфред, но мааните на филмот не дозволија потенцијалот да биде целосно искористен. Во посебен Бетмен филм, верувам дека хемијата помеѓу него и Афлек би можела подобро да се изрази. Кавил е посозреан. Мило ми беше што видов и повеќе од Кларк, но Лоис (Ејми Адамс не ми е баш најхаризматична) е повторно неискористен елемент. Некогаш и средство за да се создаде дупка во приказната. Како Лоис го најде криптонитското копје и како воопшто се најде во таа сцена? Што пропуштив?

Самиот крај нема да убеди никого дека Супермен е мртов, а дополнително може да ја збуни публиката која не е запознаена со овој дел од историјата на ликот. Тука Снајдер прави уште еден голем залет оддавајќи почит на The Death of Superman стрипот, па сцената со погребите колку и да е моќна и трогателна, нема некоја друга функција во однос на приказната која ќе следи понатаму. Освен ако првиот Justice League филм не се занимава со враќањето на Супермен, што баш и се сомневам дека ќе е така.

Балансот е постигнат, за секоја глупост во филмот имаше три работи кои не дозволија да излезам бесен од кино. Можеби не е очекуваниот глобален спектакл, но е сигурно забавен за тоа што е. Убав е за гледање, секој кадар е полн, внимателно промислен и испочитуван, а музиката на Ханс Цимер и Junkie XL се грижи за дополнителната нутриционистичка вредност. Оставам простор за второ гледање. Добив желба уште во моментот кога заврши. Dawn of Justice е многу повеќе од "предолг трејлер" за филмски универзум кој DC толку упорно настојува да го изгради, и планирам да се уверам пак.

4 comments:

proverkanatekst said...

Вчера гледан, конечна 7/10. Мање више се слагам со твоиве констатации :D Думсдеј боље да го оставеа за у еден од следните Супермен делови, обично горило го направиле. Лекс е чуден - не толку лош колку чуден, верувам дека натаму ќе го видиме правиот.

Афлек е мадафака! Сеа едвај чекам да видам што ќе измисли за соло Бетмен филмот. Кавил е (визуелно) одличен Супермен, ама после 2 филма од неговата внатрешна борба мислам дека е доста и дека треба нова приказна.

Сеа едвај чекам JL, а блиску е! :)

Бојан Николов said...

Лекс мене ми беше најглупата ствар во филмов. :/ Сакав некој повозрасен актер, а не психотично дете. Ќе видиме даље како ќе биде. Афлек наводно го завршил сценариото на самостојниот Бетмен филм.

proverkanatekst said...

Јеп, видов. Афлек е бољи режисер и сценарист од глумец, а улогава му легна така да најверојатно (според гласини) ќе му дадат комплетна слобода за соло Бетмен филмот. Ќе видиме како ќе биде. Лекс ми беше онака, се надевам дека натаму ќе биде подобро изведен ликот, а се разочарав кога видов дека претходно улогата му била понудена на Брајан Кренстон :| Како не го избрале бе...

Бојан Николов said...

Закон ќе било со Кренстон! Штета.. :/