Најдобрите Супермен приказни ми се оние кои се занимаваат со удирање по неговите цврсти морални вредности и мотиви. Кога слабоста е изразена преку него, кога самиот тој е неговата најголема закана. Супермен што се бори со интергалактички машини за уништување и е осетлив на криптонит е често досаден концепт. Како лик, може да биде многу повеќе од совршен бог кој ги спасува домашните миленици на малите луѓе. For Tomorrow раскажува за еден таков Супермен, чии предизвикани идеали се главната причина за неговиот внатрешен конфлик и дискутабилните постапки.
Низ 12 броеви (#204-#215, оргинално објавувани од 2004 до 2005), Брајан Азарело обработува приказна во која Супермен е соочен со последиците од мистериозен настан, познат како "Исчезнувањето". Додека тој води битка во вселената, од Земјата исчезнуваат милиони луѓе во иста секунда, меѓу кои и Лоис Лејн, оставајќи само сенка на местата каде што се наоѓале пред одеднаш да ги снема. Товарот и вината од неможноста да помогне, го носат во една црква во Метрополис каде што довербата ја наоѓа во еден свештеник болен од рак.
Пријателството со Отец Леоне ги истражува неговите егизистенцијални дилеми, улогата која неговата моќ му ја дава на Земјата и создава можност за правилно влечење на религиски паралели, нешто што Man of Steel се обиде го чепне, но безуспешно. Супермен во црква и муабетење со свештеник кои ја градат пола приказна можеби делува чудно, но Азарело е толу прецизен со пишувањето што дијалозите течат речиси поетски низ цртежите на Џим Ли. For Tomorrow постојано гради врз таа идеја на Супермен како бог, но бог кој не е совршен и не може да биде на сите места одеднаш. Некогаш ни самите луѓе не се спремни да ја прифатат неговата помош, дури и кога самиот тој мисли дека постапките му се правилни. Ракот на Леоне е само уште еден дополнителен предизвик со кој не може да се справи.
Колку и да се обидува да се наметне како спасител, сè што прави му се руши на глава. Некои постапки му се толку очајнички што и самите Justice League ќе му го свртат грбот. Одлучува да се "исчезне" сам, со тазе откриениот извор на инцидентот и завршува во Метропија, паралелен свет кој го изградил како прибежиште во случај Земјата да ја затекне истата судбина како Криптон. Во Метропија е навидум безбедно, ја наоѓа Лоис и останатите исчезнати, но Азарело го растргнува и тоа на парчиња, соочувајќи го Супермен со борба за два светови кои не би можел да си дозволи да ги изгуби.
За биде комплетна Супермен приказна, има и џиновски чудовишта кои се доволно моќни да го оштетат како Криптонит, го има и Зод како закана што дополнително го клекнува на колена. Главната тема на For Tomorrow ја градат и многу мали детали, брутално впечатливи и емотивни, што не можеш да ги избришеш од глава. Има еден краток момент каде што се среќава со Бетмен и е толку решен да го потврди своето постоење и намерите, па ќе го предизвика и она на Бетмен. Азарело не само што одлично го третира нивниот дуализам со толку малку, туку успева и да го остави Бетмен збунет кажувајќи ја вистината што сите ја знаеме, дека неговата маска е всушност Брус Вејн.
Азарело некогаш те тера и да се сомневаш во главниот мотив за акциите на Супермен. Дали неговите акции ќе беа со ист интензитет доколку Лоис не беше една од жртвите на "Исчезнувањето"? Во моментот кога ја среќава во Метропија, има неколку страници каде што нивната љубов доаѓа до израз и сè ти е јасно. Ако веќе си инвестиран во приказната од првата половина на For Tomorrow, моментот кога тажниот поразен Кларк и кажува дека само нејзините раце се доволно силни да го држат, фино ќе ти долови како го боли кога е изложен на криптонит. Штета што ваквата врска помеѓу Лоис и Кларк уште не е прописно адаптирана. Очигледно тешко е да бидат погодени вистинските ноти.
Џим Ли е феноменален тука. Секогаш е, но овде се чувствува тој залет од цртањето на Batman: Hush, веројатно мојот омилен нацртан Бетмен. Секоја линија е совршено повлечена и панелите блескаат со грандиозност. Алекс Синклер и Скот Вилијамс и тука се грижат за живописноста на неговите моливчиња да дојде до израз. Истиов цртачки тим успехот го повторува и во Superman: Unchained, уште една Супермен приказна од овој тип, со сценарио од добрите денови на Скот Снајдер.
For Tomorrow e eден од оние наслови што му ги подметнуваш на некој што се двоуми околу Супермен. Покрај Secret Origin како вовед, ова и Unchained би ги препорачал на секој кој првпат изразува желба за ликот. Вистинската влезна дрога во Супермен што докажува дека овој лик има многу повеќе слоеви под она по кое е познат во поп културата. Секогаш кога ќе кажеш "Супермен е семоќен, отпорен на куршуми, лета и може да ги утепа сите" ќе те трескам по глава со колекционерско издание со тврд повез.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment