Вестта дека Тод МекФарлејн го завршил сценариото за новиот Spawn филм што го збори последниве години ми ја наежи некроплазмата. 2016 е годината кога решил да го истера до крај и мислам дека нема подобро време. Спон филм треба да е R-rated, а тој бран што го создадоа филмови како Mad Max и Deadpool најдобро е да се искористи додека публиката не го насочила фокусот кон следниот тренд.
Спон одамна не е популарен. Последниве години Image експериментираше со ликот, го отстрани Ал Симонс за да направи место за Џим Даунинг, па го враќаше пак, но и покрај сè Spawn остана дистанциран од мејнстримот. Без разлика на тоа што Image не биле никогаш поуспешни, барем што се однесува на финансискиот дел. Сепак, деновите кога еден број од стрипот се продавал во милиони примероци се одамна поминати, многу пред некои да ги разликуваат хероите на Marvel и DC.
Знаев дека ќе дојде денот кога МекФарлејн ќе се обиде да го воскресне Спон и повторно да понуди моќна "трета опција" и очигледно тоа се случува во моментов. Не само што сценариото е завршено, туку најави и нови Спон играчки. Со стрипот не сум во тек откако го вратија Симонс, ама верувам дека и покрај скромната популарност, талентот е уште таму. Раката на Кудрански е замената со таа на Ерик Ларсен, меѓутоа МекФарлејн ги пишува приказните, па верувам дека ситуацијата е под контрола.
Па, Спон филм во 2016, а? Зошто да не. Но, идеите на МекФарлејн се малку поинакви. Не сака да создаде уште еден акционен суперхеројски филм, туку би одел со помрачна, хорор варијанта на детективска приказна. Не ги спомнува Сем и Твич, детективите од стрипот кои се едни од ретките луѓе кон кои Спон е пријателски настроен, но спомнува дека сака да создаде нешто кое инспирацијата ќе ја црпи од The Departed и Paranormal Activity. Додатно наведува и јапонски хорори. Можеби описот не му е најадекватен, не знам што точно сака да постигне, но планира да го задржи Спон во позадина. Веројатно приказната да биде раскажана од друга перспектива, се надевам на Сем и Твич. Без негативци, без други натприродни суштества, туку само Спон како сенка што демне и нешто од што ќе наебеш ако се најдеш на погрешно место во погрешно време.
Премногу амбициозно, но изводливо. Уште поамбициозно е тоа што е решен сам да го режира ова и смета дека може да го склопи со мал буџет. Се надевам дека ќе најде финансии и поддршка за ова. Ако се одвива сè според желбите на МекФарлејн, филмот би требало до крајот на оваа година да почне со продукција.
No comments:
Post a Comment