Showing posts with label Spawn. Show all posts
Showing posts with label Spawn. Show all posts

June 3, 2024

King Spawn Vol.1 - Vol.4 на Шон Луис и Хави Фернандез

Колку одамна немав саглам пипнато Spawn. Последно нешто што читав беше она кога го вратија Ал Симонс откако Џим Даунинг беше Спон со години, а според тоа што моментално го имам во дигиталната колекција некаде таму имам и застанато. Редовно читав Spawn порано и обично чекав да се соберат повеќе броеви за да не чекам нов месец за месец, ама изгледа бааги сум се заборавил овој пат.

Во меѓувреме се фрлив на читање други наслови од Image Comics, ама отприлика следев како последниве неколку години го збогатуваат Спон каталогот со нови стрипови и ликови од истиот универзум. Годинава најавија уште едно купче, што некако и ми е сосема логично, со оглед на тоа што редовниот Spawn стрип веќе тера над триесет години во ист наративен континуитет и време е да истражат нови, посвежи опции и приказни кои би биле помалку оптеретени од главниот наслов. Освен тоа, бизнис перспективата секако игра улога тука и сигурно полесно ќе уловиш нова публика со број на издание што не е #353.
 

King Spawn е отприлика таков случај. Mе донесе и мене иако не сум баш нова публика. Нова редовна серија која моментално оди паралено со обичниот Spawn и чиј прв број продаде пола милион примероци што е сериозно голема количина за лик кој едвај има излезено од медиумот едно дваесетина години. Го листав првиот број сосе Spawn's Universe #1 и Gunslinger Spawn #1 кога беа тазе, ама очигледно и ова останало да се "присобере" и не да се присобрало. Во овој момент King Spawn е стигнат до #34 и веќе има четири колекции каде што се собрани првите 24 броја.
 
Ги читав само колекциите. Многу е позгодно вака отколку да бркаш нов број секој месец и да губиш тек со приказната. Веќе одамна не можам така да читам стрипови. Ако не е некако завршено или собрано, не го ни почнувам. Форматот на King Spawn не отскокнува од индустрискиот стандард. Далеку е полесен за следење и собирање од оригиналниот наслов, иако и тоа супер пасува во компактни колекции. Така склопени шест броја се помало парче од поголема тековна приказна и барем сега за сега нема нешто што се двои како независно. 

Ми се свиѓа колку малку предзнаење ти треба за King Spawn доколку си нов или немаш долго време читано. Неколку страници и веќе имаш контекст, јасно ти е кој е Спон и како отприлика функционира светот во кој постои. Иако е еден вид на спин-оф, не мора да си во тек со тоа што се случува или се случило во редовниот Spawn, приказната тече така што сите битни работи ти ги сумира и објаснува. МекФарлејн овој наслов го има замислено да движи паралелно со редовната серија во истиот континуитет, нешто како Batman и Detective Comics, така што е стариот добар Спон, само затекнат во друга ситуација. 
 
Oвој пат ситуацијата се обидува да го позиционира Спон на буквален трон кој него апсолутно не го интересира, меѓутоа терористички култ инспириран од библискиот псалм 137 и разни мекфарлејнски натприродни сили и фракции инсистираат на нов владетел. Со тоа што ни отприлика не успевам прецизно да ја опишам основата на приказната, затоа што Spawn стрип како Spawn стрип, секогаш за кратко бидува искомплициран колаж од повеќе исплетени слоеви, пресврти и специфична митологија. Не е тешко за следење, ама секако ќе спојлнам ако навлезам подетално.

Баш ми се читаше нешто вакво немилосрдно и брутално. Додека тековните Marvel и DC се натпреваруваат чив херој има најуникатен родов идентитет, Image Comics ги собраат сите гнасни елементи од приказната на Спон и ги амплфицираат до нови екстреми, без теретот да го задоволат секој постоечки и непостоечки демографски калап. Корените на ликот имаат помрачен сериозен тон, а бидејќи King Spawn настојува да го претстави Спон одново, приказната мора да замине и до неговата рана историја каде што сретнав некои ликови кои ги немав видено повеќе од десет години. Функционира од каде и да му пристапиш, a Шон Луис умее да биде иновативен и покрај тоа што работи со лик кој реално и нема некоја значителна еволуција.

МекФарлејн му дал огромна авторска слобода на моменталниот тим, меѓутоа ако имаш читано Спон точно ќе приметиш чии насоки се од самиот газда Тод. Мило ми е што го гледам МекФарлејн вака инволвиран, добро е да го видиш дека прави и нешто различно од продавање фигурчиња и празни муабети за нов Spawn филм. Фернандез и екипата цртачи се одлични. Уште мислам дека ерите на Капуло и Кудрански се најдобро нацртаните страници во историјата на овој лик, ама и King Spawn е потполно ефикасен и во склад на тоа што го бара приказната. Кудрански доловуваше еден посуптилен хорор елемент, меѓутоа овде тоа е повизуелно, а налудничавите идеи на Фернандез тука го двојат како еден од најмаркантните артисти кои се занимавале со Спон. Може и да му ги пролистам тие неговите Nightwing ангажмани од DC Rebirth.

Петтиот том на King Spawn ќе излезе оваа есен. Приказната до сега заврши сосема океј за да не ми е до брзање. Има други Спон наслови од истиот универзум за до тогаш. Може да ги разлистам Gunslinger Spawn, The Scorched, мини-серијалот Spawn: Unwanted Violence што е комплетно сценарио на Тод МекФарлејн, Rat City би требало да има собран пејпербек, a може и да се провери тековниот серијал, чисто за да видам колку и како се двои од King Spawn. Никогаш до сега немало волку избор за Спон приказни, мило ми е што Image Comics видоа дека сепак имало голем потенцијал во ова. Веројатно популарноста на другите неповрзани наслови на Image Comics и пропаста на стриповските Marvel и DC отворија некој пазар што еве очигледно ќе се искористи.

Види такоѓе:

February 29, 2016

Spawn: Воскреснувањето на Ал Симонс

Се возбудив за Spawn филмот што можеби и нема да се случи во следниве неколку години. Да, звучам стандардно песимистички, меѓутоа Тод МекФарлејн обожава да најавува Spawn филм од време на време за на крај ништо да не се случи. Но, ова беше прилика за конечно да го фатам текот на стриповите што намерно го губам зошто чекам да се соберат повеќе за читање одеднаш. Приказната во стрипот е линеарна од првиот број, па не се исплати да палиш таблет за еден број секој месец. 

Ми се собраа многу. Не ги читав последните броеви со Џим Даунинг, го пропуштив јубелејниот #250, а додека го пишувам ова некој некаде аплоудува пиратска верзија од #261. Последните години Ал Симонс беше заменет со Џим Даунинг. Мистериозен пациент со непознато минато кој се буди од кома и го наследува симбиотот од тазе мртвиот (по втор пат) Симонс. Даунинг е различен Спон, првиот кој фолклорот го памети како жив Спон. Нели, Спон се станува откако ќе умреш и Пеколот ќе ти додели симбиот кој покрај тоа што е крваво црвена фешн наметка е оружје кое може да ги оптерети газовите на стотици душмани во исто време. Даунинг беше одличен Спон, приказната за Исус тип на месија во денешно време беше интересна, меѓутоа и таа доаѓа до точка каде што станува заморна поради недостаток на идеи и терен за прогрес. 


МекФарлејн во вистински момент решава да ја смени играта и да го врати оргиналниот Спон, Ал Симонс и да ја направи јубилејната 250-ка уште поспецијална. Покрај зголемениот број на страници, изданието е придружено со уште број, Spawn: Resurrection кој дава причина за неговото враќање. Ванда, изгубената љубов поради која е Спон е мртва и Пеколот води војна за нејзината душа, користејќи ја како мамец на кој секогаш битниот Симонс треба да загризе. Замисли ме сега како зевам на мојот омилен стрип. Јасно е дека секогаш сè околу Симонс е поради Ванда, но овој пат МекФарлејн во обид да избегне една слепа улица, влегува во друга. Иако е освежување пак да се види гневниот Симонс, сè што прочитав тука ми личи на она што го видов во најпрвите броеви. Тоа што Ванда овој пат е мртва, не менува многу, барем не засега. Само битката е преместена на друга локација. 

Имам и замерки за новите цртачи. Се навикнав на стилот на Кудрански во Џим Даунинг ерата. Го правеше помрачен, поуметнички, па сето она ломотење на МекФарлејн дека се дистанцира од суперхеројските стрипови на конкуренцијата беше евидентно поиздржано. Барем во визуелниот пристап, Spawn во рацете на Кудрански се двоеше од останатото со слична темата што е пласирано на пазарот. Кога Кудрански ќе ја рашири наметката на две страни и ќе фрли сенката на лицето на Спон, знаеш дека ќе те полази нешто по грбот кога ќе ја свртиш следната. Џонбој е одличен цртач, меѓутоа линиите му се остри и прецизни и како да се обидуваат да го емулираат стилот на МекФарлејн од почетокот на 90-тите. Освен тоа, верувам дека лошата идеја да му се цртаат остри заби на Симонс дошла од самиот МекФарлејн. Не ме заебавај Тод, изгледа како Веном! Спон е завиткан во сенки, баш таа мистичност која го прави ликот недостасува тука. 

Има еден супер број на Ерик Ларсен, #258 каде што речиси и да нема текст, туку на дваесетина страници Спон распалува со синџирите по илјада и кусур непријатели. Кул е, деталите ќе те натераат да потрошиш и неколку минути на една страна, но пак некако отсуствува мракот. Спон феноменално му легна на Кудрански, штета што прекина редовно да црта после јубилејот. Види ја сликата погоре во постов, од #257. Тоа е Кудрански и така треба да изгледа Спон. МекФарлејн можеби ја даде душата и урнекот, Капуло имаше одличен цртачки маратон во раните броеви, но за мене секогаш Кудрански ќе се двои како најдобриот.

Загреан сум да видам што ќе се случи во следниот број. Фати стрипот некој арк што ме занима како ќе заврши, но сигурен сум дека после тоа пак ќе поминат година-две додека пак да седнам некое попладне со нов Spawn и пиво. Во меѓувреме, ќе следам што ќе се случува со филмот и ќе се надевам дека ќе го видам додека сум вака млад, убав и заинтересиран.

February 15, 2016

Уште само Spawn фалеше

Вестта дека Тод МекФарлејн го завршил сценариото за новиот Spawn филм што го збори последниве години ми ја наежи некроплазмата. 2016 е годината кога решил да го истера до крај и мислам дека нема подобро време. Спон филм треба да е R-rated, а тој бран што го создадоа филмови како Mad Max и Deadpool најдобро е да се искористи додека публиката не го насочила фокусот кон следниот тренд.

Спон одамна не е популарен. Последниве години Image експериментираше со ликот, го отстрани Ал Симонс за да направи место за Џим Даунинг, па го враќаше пак, но и покрај сè Spawn остана дистанциран од мејнстримот. Без разлика на тоа што Image не биле никогаш поуспешни, барем што се однесува на финансискиот дел. Сепак, деновите кога еден број од стрипот се продавал во милиони примероци се одамна поминати, многу пред некои да ги разликуваат хероите на Marvel и DC


Знаев дека ќе дојде денот кога МекФарлејн ќе се обиде да го воскресне Спон и повторно да понуди моќна "трета опција" и очигледно тоа се случува во моментов. Не само што сценариото е завршено, туку најави и нови Спон играчки. Со стрипот не сум во тек откако го вратија Симонс, ама верувам дека и покрај скромната популарност, талентот е уште таму. Раката на Кудрански е замената со таа на Ерик Ларсен, меѓутоа МекФарлејн ги пишува приказните, па верувам дека ситуацијата е под контрола. 

Па, Спон филм во 2016, а? Зошто да не. Но, идеите на МекФарлејн се малку поинакви. Не сака да создаде уште еден акционен суперхеројски филм, туку би одел со помрачна, хорор варијанта на детективска приказна. Не ги спомнува Сем и Твич, детективите од стрипот кои се едни од ретките луѓе кон кои Спон е пријателски настроен, но спомнува дека сака да создаде нешто кое инспирацијата ќе ја црпи од The Departed и Paranormal Activity. Додатно наведува и јапонски хорори. Можеби описот не му е најадекватен, не знам што точно сака да постигне, но планира да го задржи Спон во позадина. Веројатно приказната да биде раскажана од друга перспектива, се надевам на Сем и Твич. Без негативци, без други натприродни суштества, туку само Спон како сенка што демне и нешто од што ќе наебеш ако се најдеш на погрешно место во погрешно време. 

Премногу амбициозно, но изводливо. Уште поамбициозно е тоа што е решен сам да го режира ова и смета дека може да го склопи со мал буџет. Се надевам дека ќе најде финансии и поддршка за ова. Ако се одвива сè според желбите на МекФарлејн, филмот би требало до крајот на оваа година да почне со продукција.

September 20, 2012

Околу последните броеви на Spawn

Се мислев, меѓутоа и нема баш да навлегувам детално во тоа што се случуваше после Spawn #208. Во секој случај, има многу да се збори за Spawn, кој моментално го има статусот на најпотценет стрип на денешницата. Океј, еден од најпотценетите. 

При читање на последниве броеви, бев решен да го опишам од листата на стрипови за следење. Приказната направи чекор во правец кој делуваше веќе видено и рециклирано. Во еден момент помислив дека пак ќе ја читам приказната за напатениот Спон и неговиот вечен душман Малеболџа. 

Откако Џим Даунинг е Спон, Мекфарлејн пробува некакво "враќање на корените", кое повеќе личеше на обид да се пополни празнината која ја остави Симонс. Враќаше ликови, одолговлекуваше ствари без потреба и стигна до момент кога ќе се запрашаш дали стрипот тапка во место. За среќа, успеа да изненади, да ги поврзе точките и да му даде смисла на Спон. Без разлика дали погодил нечиј вкус или не.

Факт е дека стрип како што е Spawn денес и нема некаква формула за успех. Темите инспирирани од библиска митологија не палат како пред дваесет години, а токму тоа е сржта на ликот. Кога ќе поставиш такви корени, малку е тешко да избегаш од тоа. Дури и самата приказна околу Џим Даунинг доби таков размер. Даунинг со своите способности убеди огромен број на луѓе дека е "Второто доаѓање", доби низа слебеници кои го третираат како (модерен) Исус. И, тоа е сосема на место спакувано и одлично претставено. Приказната забегува до тој степен што во целиот тој хаос се мешаат и Ватикан, сомнителни инвеститори и организации, и покрај тоа што си има стандардните врагови од Пеколот.

Овие броеви фрлија и светло на непознатото минато на Даунинг и зошто баш тој е наследник на Симонс. Симбионтот си доби посебен третман, и тоа во најубаво нацртаните стрип-табли што сум ги видел во последно време. Кудрански е БОГ и одговорно тврдам дека е најдобриот цртач на Spawn, подобар дури и од Капуло. Мислам дека и не е возможно помрачно да се пренесе атмосферата која владее во стрипот.

МекФарлејн припомага со приказната и тоа баш во моменти кога има некој критичен пресврт. Како газда на целата франшиза, сосема професионално си ја врши работата и точно знае кога е потребна негова интервенција. И, плус кога ќе ја видиш насловната на #221...

Ме занима што ќе случува понатаму. Симонс како да ѕирка од некој агол, ама ми се чини дека е прерано да го вратат. Во секој случај, продолжувам активно да го следам Spawn.

July 2, 2011

Spawn #201 - #208

Како што ветија Image Comics после јубилејната 200-ка, за некои шест месеци Spawn доживеа дури осум нови броеви. Помина некое време додека последните неколку се појавија во електронска верзија, меѓутоа чекањето и те како се исплатеше.

Spawn продолжи со приказната за Џим Даунинг, оставајќи го Ал Симонс да почива на раат. Претходно веќе спомнав дека многу ми се свиѓа новиов Спон, и баш ме занимаше како ќе продолжи понатаму. #201 отвара со гостување на Џим во ток-шоу, преку кое се обидува да го открие својот идентитет. Откако никој нема да одговори на неговиот повик, Џим во шоуто ја презентира својата исцелителска моќ (која оди во комплет нели со неговата улога на новиот hellspawn) и успева да се здобие со целото внимание на јавноста. По серија настани предизвикани од неговото "излагање", завршува правејќи чудо кое ќе му обезбеди титула на месија и еден куп следбеници. Притиснат од неговата нова "улога", бидејќи е топ тема на сите вести, се повлекува во сенките на Њујорк, во форма на Спон. Почнува општа потрага по него. Полицијата го бара, а следбениците си го бараат нивниот спасител. Во целата оваа фрка, Твич успева да го лоцира и мислејќи дека е Ал, бара помош за спас на Сем кој е смртно ранет и се наоѓа во болница.

Сем не е единствениот што го бара Спон. Се вратија и неколку стари непријатели кои тргаат по симбионтот на Ал Симонс, чија приказна допрва треба да почне да се расплетува. Што значи, очекувам понатаму стрипов да се развие уште подобро. Исто така, цртањето во последниве неколку броеви е на највисоко ниво, до сега веројатно и најдоброто во овој наслов. Најголемата заслуга оди кај Szymon Kudranski, дечкото е феноменален, успеа да внесе сосема поинаква и помрачна атмосфера и му даде нов живот на стрипот за само неколку изданија. Браво!

МекФарлејн е потпишан на повеќето како еден од луѓето задолжени за приказната. Мислам дека тоа што собра нови и млади артисти и писатели, беше добар потег за да се живне малку Spawn како стрип. Со нетрпение го очекувам секој нов број, и се радувам што постојано има прогрес.

Spawn #209 излегува за некој ден.

January 22, 2011

Spawn #200

Месецов го донесе и јубилејното издание на Spawn, бројот 200. Десет преубаво нацртани насловни, дело на неколку звучни имиња кои некогаш биле или сè уште се активни во создавањето на стрипов, моќна приказна и фасцинантни цртежи и вовед напишан од Роберт Киркмен.

Од последното нешто што се случуваше во Spawn, јас сум презадоволен со правецот кој му го одредија на новиот Спон. Иако отсуството на Ал Симонс створи поинаква атмосфера во стрипот, не очекував дека толку добро ќе го прифатам Џим Даунинг. Обично вакви "освежувања" знаат да бидат комплетно дисфункционални. Но, ете, Spawn како стрип, некако успеа да си го задржи сјајот токму со оваа промена.

За случувањата во Spawn #200 не би зборел многу, препорачувам читање (клик тука). Појавувањето на Ал Симонс беше очекувано во секој случај, така да тоа не е и некој спојлер. Ова беше одлична прилика конечно да заокружат една етапа од постоењето на стрипот, баш како што прилега. Можеби и не толку шокантно како на крајот, но останува да видиме што смислиле и што ќе понудат. Верувам дека со ова издание, Spawn ќе успее да стекне нова публика, а исто така да врати и стари фанови, и покрај незавидливите рецензии што се појавија на реномирани сајтови. Како за јубилејно издание, е сосема солидно. А, јас како пристрасен фан, ретко сум разочаран од било што поврзано со Spawn (лошиот филм од 1997 настрана, тоа е сериозно лошо).

Исто така, добра вест е тоа што поради целото ова доцнење на новите броеви, Image Comics најавуваат издавање на следните пет (#201-#205) до крај на март годинава.

May 18, 2010

Spawn: Endgame

Последниве години, компанијата на Тод Мекфарлејн профитот го вади од играчки, додека стриповите полека им умираат. За жал, Spawn е единствениот стрип на Image Comics што колку толку успева да се одржи, и тоа благодарение на успехот во 90-тите.

По Армагедон аркот, Spawn и немаше баш кај и да оди, веројатно и МекФарлејн го сконтал тоа уште тогаш, меѓутоа му требаа години да се обиде да го мрдне стрипот од мртва точка. По Армагедон аркот, имаше лош обид да се рестартира приказната, дури и буквално. Откако светот е уништен, Спон наоѓа начин да го врати назад комплетно со помош на мистични фактори, измислени веројатно во последен момент, во фрка, кога сценаристите барале начин како да продолжат понатаму. Во реконструираниот свет, приказните не се воопшто сјајни, а за да биде полошо и Никс е сеуште присутна. Искрено, се надевав дека некој ќе види колку е лош и исфорсиран ликот уште во првите неколку броја откако се појави. Веројатно МекФарлејн со вакви глупости, wicca, вампири и слични инфантилни теми (претставени во најкатастрофална форма) се надевал на гот/емо/твајлајт публика. Сценаристите упорно се губат во наоѓање некаква замена за Ког, еден од најдобрите ликови кои се имаат појавено во Spawn. Откако ќе го снема, квалитетот на Spawn значително се намалува.

По крајно чудната приказна (лоша е, но си има моменти достојни за внимание) за Ал Симонс и неговата трансформација во Хелспон, МекФарлејн го прави најхрабриот чекор во 15 годишниот развој на стрипот, го убива Спон. Баш делуваше некако симболично, Симонс со последни сили успева да си ја разнесе главата и конечно да умре, како што МекФарлејн со последни сили прави обид да го врати сјајот на Spawn.

Со смртта на Ал Симонс, почнува Endgame аркот каде што симбионтот и моќта се префрлаат кај Џим Даунинг, пациент кој со години бил во кома и нема никакви сеќавања. Под сомнителни околности, во болницата, исчезнати се сите информации за Џим Даунинг и се води како "Пациентот 47". Единствената личност која му е блиска е медицинската сестра Сара, која се грижела за него додека бил во кома. По Џим трага тајна организација, а со добивање на симбионтот и разни ентитети од рајот и пеколот, меѓу кои и Кловнот (The Violator) кој се враќа назад во стрипот по години отсуство. Џим полека почнува да се трансформира во Спон, незнае што му се случува и е во постојана потрага по одговори, како за новите физички промени, така и за сопствениот идентитет. Постепено дознава за необичните моќи, симбионтот и Ал Симонс и на крај конечно станува комплетен Спон. Во меѓувреме, дел од болните од болницата каде што престојува Даунинг мистериозно се излекувани. Вака завршува Endgame аркот од неколку броја, а од тогаш излезе само еден нов.

Endgame го рестартира Spawn, многу поуспешно од претходно. Приказните во Endgame во духот на првите броеви, кога главна движечка сила на стрипот беше развојот на главниот лик и неговата емотивна страна. Искрено, ми беше тешко да ја прифатам смртта на Симонс, иако сум сигурен дека во иднина некако ќе се врати. Друго битно за спомнување е тоа што МекФарлејн се враќа како сценарист, додека Грег Капуло (според мене, најдобриот Spawn цртач) е исто назад со насловните и еден број комплетно негов. Да, маркетингшка фора за колку да се привлече назад старата публика, но и последниот обид на МекФарлејн да си го спаси она што го направи богат и познат.

Искрено, ми требаше две читања на Endgame за да видам дека сепак има некаква вредност и надеж за Spawn. Со малку повеќе креативност и труд, наместо шарено чкрабање демонски ентитети со смешни имиња, Spawn ќе блесне повторно и ќе може да се надеваме дека некогаш ќе видиме нов филм или анимирана серија. Ќе следам редовно што се случува, ме интересира до каде ќе оди приказната и како ќе се расплетуваат мистериите околу Џим Даунинг. Враќаат многу од старите ликови, како Сем и Твич, па може МекФарлејн ќе се договори Нил Гејмен за Колиостро.

May 17, 2008

Spawn стрипови за симнување

Линковите од минатиот пост одамна се скинати, па решив да почнам да аплоудувам Spawn од почеток. Значи, скенирани, супер квалитет, секој број е околу десетина мегабајти. За почеток, ова што е доле. Ќе има апдејт наскоро.

April 10, 2008

Spawn

Првпат се сретнав со Spawn пред некои 10 години. Многу често го вртеа филмот на телевизија. Тогаш не знаев дека е правен според стрип. Некаде 2003-2004 налетав на стрипот, првиот број, сосема случајно, на ЦД кое го земав за сосема друго нешто. Spawn како лик ми остави јак впечаток уште од филмот, така да кога го прочитав првиот број, ми стана уште поинтересен. Тој период имав dial-up, не можев да симнам повеќе, ниту па да најдам од некој, а камоли да набавам на хартија. Конечно, на почетокот на 2005 имав АДСЛ, и почнав со симнување на Spawn скенови...

Како што навлегував во приказната, толку повеќе се приврзував за Spawn, развив некоја чудна емпатија што се уште ја чуствувам кога го читам стрипот. Можеби и премногу навлегов во суштината на ликот и работите што му се случуваат.


Кој е Spawn? Spawn е формата во која Al Simmons, платен убиец со меко срце (pun intended), се враќа по неговата смрт. Убиен и предаден од неговиот шеф, Al завршува во Пеколот. Поради преголемата љубов кон неговата жена Wanda, Al во Пеколот склучува договор со демонот Malebolgia, да се врати на Земјата, под услов да ја води армијата на Пеколот. Al Simmons станува Hellspawn, суштество со натприродна моќ. Malebolgia го враќа на Земјата, но 5 години во идинината, каде што Wanda е мажена со неговиот најдобар другар Terry и има дете со него. Spawn му го врти грбот на Пеколот, и останува во средина на битката помеѓу Пеколот и Рајот, чии што сили се обидуваат да му наштетат - секоја страна со различна цел.


Тоа е воведот отприлика. Најинтересното беше некаде околу 100 број, приказна што кулминираше дури после 60 броја. Нема да раскажувам што и како се случува, најдобро е да се прочита. Битно, во ниеден момент не стана досадно. Стрипот е моментално до 177 број, го чекам скенот да се појави негде за симнување. Баш поради ова толку време ги читав старите броеви, не сакав да дојде време да треба секој нов број да го чекам вака. :)


Првиот број на Spawn се појавува во 1992 година, а зад него стои бившиот Marvel цртач, Todd McFarlane исто познат како создавачот на Venom. Колку и да е добар McFarlane, мислам дека стрипот најубаво изгледа додека е Greg Capullo одговорен за цртање. McFarlane понатаму се грижи само за насловната на стрипот, уредувањето и одговарање на писма од читатели што обожавам да ги читам и ги читам само во Spawn. Денес веќе ни тоа не го прави, туку се грижи за копанијата. Покрај главниот серијал, Spawn изобилува со мини-серијали и spin-off серијали кои се исто така добри.


Во 1997 се појавува и филмот што го спомнав погоре. Добар е, само е многу различен од стрипот, најмногу поради малиот буџет кој им бил доделен. Нешто подоцна се појавува и анимирана серија која е речиси иста како стрипот, и затоа ја обожавам. Веќе со години се најавува нов филм и серија, и никако да ја видат светлината на денот. Има и неколку игри кои уште ги немам играно...

Толку сега за сега. Нека биде мал вовед во она што планирам да го пишувам за Spawn. За мене е најдобриот стрип-херој што некогаш бил измислен.

January 1, 2008

Spawn стрипови за даунлоуд

Oдамна ги имам собрано (и прочитано) скоро сите Spawn стрипови, нормално, скенирани. Низ годиниве ги собирав од разни даунлоуд сајтови, p2p програми и што уште не. На овој линк, има еден куп Spawn стрипови за даунлоуд. Од редовната серија, плус мини-серијали. Rapidshare линкови се, секој број може посебно да се симне.

Spawn ми е омилен стрип со години, а пред недела дена го завршив и сајтот/семинарската, на тема Spawn. :)

UPDATE: Линкот за даунлоуд погоре не работи, затоа клик тука.