Да напишев нешто после првите двe епизоди, ќе звучев превозбудено во однос на постот што ќе следеше за третата и четвртата. Иако ќе дадам шанса на уште некоја епизода, полека ја губам вербата во оваа прва сезона на American Crime Story. Серијата, која (ќе) има антологиски формат сличен на оној на American Horror Story, во првата сезона се занимава со случајот О.Џ. Симпсон. Освен ако информациите не ги црпиш од два македонски медиуми, знаеш дека се работи за американското "судење на векот".
Некои детали се толку добро покриени што на моменти се чувствувам како да го гледам текстот на Википедија адаптиран (инаку е базирана на книгата The Run of His Life: The People v. O. J. Simpson). Серијата почнува во моментот кога се убиени поранешната жена на О Џеј и нејзиниот пријател, кратко пред ѕвездата да биде обвинета за нивното убиство. Судењето во кое Џус е прогласен за невин поради недостаток на докази, во 90-ти било најголемата медиумска сензација во САД. Луѓе се собирале пред телевизори да го следат секој пренос, популарноста ги надминувала и најатрактивните спортски настани, а пицериите не успевале да ги испорачаат сите нарачки, па рајата морала да се забавува со празен стомак.
American Crime Story ги опфаќа сите аспекти на тој циркус, а стартот е доволно тензичен и драматичен да си помислиш дека конечно ќе гледаш квалитетна серија која можеби занимливо ќе пренесе едно крајно сомнително парче од поновата историја. Третата и четвртата епизода велат поинаку. На почетокот бев понесен од целата калакурница, па не приметив каде се распаѓа целото ова. Најголемиот проблем ми се главните актери кои нели, треба да бидат столбот на серијата. Џон Траволта е смешен.
Не знам дали премногу се обидувале да го направат да изгледа како вистинскиот Роберт Шапиро, меѓутоа тука кога и да се појави ја врти целата сцена наопаку со вештачката шминка, маска или што и да е тоа што го прави поодвратен од што знае да биде. Испораката на речениците од сценариото му е очајна и покрај тоа што делува како да се труди. Дејвид Швимер го глуми Роберт Кардашијан, но очигледно "талентот" не му функционира ако нема смеење во позадина во некое станче во Њујорк. Дури и Куба Гудинг Џуниор, кој ја има главната улога овде, не успева да убеди никого. Секогаш кога сценариото ќе побара емотивен израз од нив, се крајно катастрофални. Да сум О Џеј Симпсон, сите овие тројца ќе беа мртви после третата епизода. Еј, еј, еј! Добрата страна е што остатокот од актерската екипа е квалитетен. Сара Полсон е одлична, штета што некогаш мора да дели сцена со некој од овие погоре. Нејтан Лејн е исто супер.
Можам да пројдам низ разгалените деца на Кардашијан за кои не ми е јасно зошто се дел од серијава. Веројатно студиото сака евтино да кокетира со поширока публика, но ајде, тоа нека е најситниот "проблем". Поголемо е тоа што не ми изгледа дека имале прецизен план како ваква приказна ќе ја рашират низ десет епизоди. Станува неподносливо споро. Четвртата е толку досадна што 30 дена притвор во самица звучат како подобра идеја за забава. Ако не почне да се случува нешто поинтересно во следната епизода, ќе го сменам насловот во "Нова глупа серија".
No comments:
Post a Comment