Се возбудив за Spawn филмот што можеби и нема да се случи во следниве неколку години. Да, звучам стандардно песимистички, меѓутоа Тод МекФарлејн обожава да најавува Spawn филм од време на време за на крај ништо да не се случи. Но, ова беше прилика за конечно да го фатам текот на стриповите што намерно го губам зошто чекам да се соберат повеќе за читање одеднаш. Приказната во стрипот е линеарна од првиот број, па не се исплати да палиш таблет за еден број секој месец.
Ми се собраа многу. Не ги читав последните броеви со Џим Даунинг, го пропуштив јубелејниот #250, а додека го пишувам ова некој некаде аплоудува пиратска верзија од #261. Последните години Ал Симонс беше заменет со Џим Даунинг. Мистериозен пациент со непознато минато кој се буди од кома и го наследува симбиотот од тазе мртвиот (по втор пат) Симонс. Даунинг е различен Спон, првиот кој фолклорот го памети како жив Спон. Нели, Спон се станува откако ќе умреш и Пеколот ќе ти додели симбиот кој покрај тоа што е крваво црвена фешн наметка е оружје кое може да ги оптерети газовите на стотици душмани во исто време. Даунинг беше одличен Спон, приказната за Исус тип на месија во денешно време беше интересна, меѓутоа и таа доаѓа до точка каде што станува заморна поради недостаток на идеи и терен за прогрес.
МекФарлејн во вистински момент решава да ја смени играта и да го врати оргиналниот Спон, Ал Симонс и да ја направи јубилејната 250-ка уште поспецијална. Покрај зголемениот број на страници, изданието е придружено со уште број, Spawn: Resurrection кој дава причина за неговото враќање. Ванда, изгубената љубов поради која е Спон е мртва и Пеколот води војна за нејзината душа, користејќи ја како мамец на кој секогаш битниот Симонс треба да загризе. Замисли ме сега како зевам на мојот омилен стрип. Јасно е дека секогаш сè околу Симонс е поради Ванда, но овој пат МекФарлејн во обид да избегне една слепа улица, влегува во друга. Иако е освежување пак да се види гневниот Симонс, сè што прочитав тука ми личи на она што го видов во најпрвите броеви. Тоа што Ванда овој пат е мртва, не менува многу, барем не засега. Само битката е преместена на друга локација.
Имам и замерки за новите цртачи. Се навикнав на стилот на Кудрански во Џим Даунинг ерата. Го правеше помрачен, поуметнички, па сето она ломотење на МекФарлејн дека се дистанцира од суперхеројските стрипови на конкуренцијата беше евидентно поиздржано. Барем во визуелниот пристап, Spawn во рацете на Кудрански се двоеше од останатото со слична темата што е пласирано на пазарот. Кога Кудрански ќе ја рашири наметката на две страни и ќе фрли сенката на лицето на Спон, знаеш дека ќе те полази нешто по грбот кога ќе ја свртиш следната. Џонбој е одличен цртач, меѓутоа линиите му се остри и прецизни и како да се обидуваат да го емулираат стилот на МекФарлејн од почетокот на 90-тите. Освен тоа, верувам дека лошата идеја да му се цртаат остри заби на Симонс дошла од самиот МекФарлејн. Не ме заебавај Тод, изгледа како Веном! Спон е завиткан во сенки, баш таа мистичност која го прави ликот недостасува тука.
Има еден супер број на Ерик Ларсен, #258 каде што речиси и да нема текст, туку на дваесетина страници Спон распалува со синџирите по илјада и кусур непријатели. Кул е, деталите ќе те натераат да потрошиш и неколку минути на една страна, но пак некако отсуствува мракот. Спон феноменално му легна на Кудрански, штета што прекина редовно да црта после јубилејот. Види ја сликата погоре во постов, од #257. Тоа е Кудрански и така треба да изгледа Спон. МекФарлејн можеби ја даде душата и урнекот, Капуло имаше одличен цртачки маратон во раните броеви, но за мене секогаш Кудрански ќе се двои како најдобриот.
Загреан сум да видам што ќе се случи во следниот број. Фати стрипот некој арк што ме занима како ќе заврши, но сигурен сум дека после тоа пак ќе поминат година-две додека пак да седнам некое попладне со нов Spawn и пиво. Во меѓувреме, ќе следам што ќе се случува со филмот и ќе се надевам дека ќе го видам додека сум вака млад, убав и заинтересиран.
No comments:
Post a Comment