Showing posts with label The X-Files. Show all posts
Showing posts with label The X-Files. Show all posts

March 2, 2016

Конечниот крај на Тhе Х-Filеs. Се надевам.

Како и да почнам да зборувам за новава "сезона" на The X-Files пак имам некоја глупава фаца на мене. Пробував некако да релативизирам, да препишувам постапки на носталгија, да се утешам со тоа дека Крис Картер само сакал да се зеза со остатокот од екипата, но не. Дури сакав да верувам дека бил опседнат и од некакво паранормално присуство. Некој ладен воздух во соба среде топло лето? Мора да е дух што управува со него и го присилува да измислува вакви глупости! Оваа моја фаца има израз на човек брутално силно шутнат во јајца.

Петтата епизода не ја ни догледав до крај, така што се извинувам ако стана добра од пола натака. Молдер на ЛСД трип во кој игра на квази-кантри во клуб со шешир на глава ми ја закопа последната верба дека Картер сепак чува нешто во ракав за крај. Новите агенти што наводно требаше да бидат млади верзии на Молдер и Скали очигледно не му биле доволни, па решил да ги стави и во "големото финале". За да е уште посмешно, имаше таглајн THIS IS THE END. Демек толку, а? Нормално дека Картер не мисли така. Мисли дека ова се 90-тите и дека вакви фори ќе запалат кај публиката. Клифхенгерот на крајот беше ужасен потег, евтин и непотребен. Особено ако тоа претходно не било баш највозбудливо.


Која е поентата да најавиш "специјален, единствен настан" и да ја пропуштиш шансата да го зацврстиш уште толку култот кон серијата? Замисли колку лошо звучи секој втор збор на ликовите да им е "вонземска ДНК". Вонземска ДНК. Ако нешто не е јасно, тогаш мора да е вонземска ДНК. Одговорот на секое прашање? Вонземска ДНК. Светот умира, а Скали има уште десетина минути од последната епизода за да го спаси. Веќе погодуваш како ја синтетизираше магичната вакцина. Не Бобо, не беше магична, имаше вонземска ДНК. Знам, испадна се фатив за ова како Крис Картер за вонземска ДНК. Ќе речеш дека е обичен детал, стандарден "мекгафин", но ова дефинитивно не е третманот што серијата заслужи да го добие. 

Очекував повеќе од the Cigarette Smoking Man. Добив само дим. Повеќе се потрудија да покажат како е жив од последниот пат кога го видовме отколку за новиот заговор. Не можеш нешто што си го градел толку сезони да го замениш со една реченица. Не можеш, не го прифаќам. Мислев дека тоа што го начна првата епизода од новиве нема да оди натаму, но ете. Што беше целата поента тогаш?

Сакам да верувам дека Картер не успеал да ги убеди FOX да му дозволат уште еднаш вака да изврши нужда. A, изгледа ги спрема за такво нешто. И, покрај тоа што двата нови ликови (глупави имиња патем, агентката е Ајнштајн, а агентот Милер) не ми изгледаат способно да износат десетина минути сцена, не па нова сезона. Тоа еднаш веќе го видовме. Или го виде ти можеби, јас престанав да следам The X-Files кога Молдер беше заменет со Т-1000. Ако некогаш технологијата напредне до тој степен да можеш да си избришеш нешто од сеќавање, ова ќе ми биде првото бришење пред

February 11, 2016

Третата и четвртата епизода од новите Тhе Х-Filеs

Новава мини-серија сега се брои како десетта сезона, а? Барем според тоа што моментално стои на Википедија и IMBb. Не дека е некоја завера, ама сигурен сум дека не беше вака. Мислам, не е битно, дај да видиме до кај се со содржината. Ги изгледав третата и четвртата сезона. За третата не знам од кај попрво да фатам. Направија директна пародија на "monster of the week" епизодите, со исфорсирани шали на сопствена сметка, дури и рингтонот на Молдер беше музичката тема на Марк Сноу (последен пат така телефоните ни ѕвонеа пред десетина години), но со која цел? Види, разбирам дека некогаш е забавно да извадиш нешто од минатото што денес изгледа смешно, па ќе се посмееме сите, но зошто ова? Која е поентата на постоењето денес на The X-Files, освен очигледниот профит и гребење по носталгијата на фановите? Ова ли е сè што остана?


Новиве епизоди премногу се потпираат на форите што ја дефинираат серијата, што веќе целиот ќеф на Крис Картер почнува да заликува на детска лакомост. Да, веројатно "Mulder and Scully Meet the Were-Monster" ќе изгледаше трагично без таа самосвест, но ако веќе сметаш дека нешто нема да функционира така, направи го поинаку. Референците кон минатото и целиот 90-ти тон на The X-Files се подобри кога се посуптилни. Во прекумерни количини се смешни од сосема други причини.

За среќа четвртата, "Home Again" беше многу подобра од претходните три. Кои патем, благодарение на способноста на FOX да го менува редоследот на епизодите, пак не се баш хронолошки и се крпени отпосле. Неприметно, да не прочитав немаше да знам, ама тоа не е ништо ново за оваа телевизија. Не знам кој и зошто одлучува за тоа, но во ред е. "Home Again" е епизода на Глен Морган, истиот тип што ја има напишано "Home", една од најпотресните епизоди во цела серија. Насловот можеби ќе те наведе да мислиш дека е некакво продолжение, меѓутоа освен тоа што делат заеднички збор, нема никаква друга сличност. Океј, можеби е малку поемотивна, но од сосема други причини. 

Исто така е првата епизода каде што Андерсон навистина глуми. Талентот е веројатно изненадно предизвикан од вонземска ДНК или можеби Картер ги седнал двајцата, неа и Духовни и им рекол дека ова мора да го истераат малку попрофесионално. Или едноставно, сценариото допрело и до нив. Можеби на моменти епизодата премногу се обидуваше да направи некаква паралела помеѓу главното чудовиште (ова беше вистинската "monster of the week" епизода во новиве, изгледа) и вината и одговорноста на Скали кон напуштениот син Вилијам, но сепак солидно изведено. Оваа мрачна територија недостасува во овие The X-Files и мило ми што конечно вистински ги искористија тулите за ваков потрадиционален пристап. Ете, сепак возможен бил сериозен третман, а да не изгледа евтино и застарено. 

Остануваат уште две до крај. Остануваат уште две до крај од кои една ќе се надоврзе на она што го започна првата епизода. Сакам конечно да видам чад од цигари, а Вилијам Б. Дејвис е излистан како дел од три епизоди, што значи дека тоа се следните две. Нема пак да прифатам само неколку секунди од него. Треба да се појави и да ми објасни зошто гледам нови The X-Files во 2016. Ајде, чекам.

January 27, 2016

Првите две епизоди од новата Тhе Х-Files мини-серија

Имам измешани чувства за новава The X-Files мини-серија. Го загледав мит-аркот пред некоја недела и некако ми е тешко да се адаптирам сега на ова. Првата епизода почнува супер, со нарација од Молдер како во старите денови. Зборува за НЛО појави низ историјата, се расфрла со некои статистики и завршува со тоа дека денес луѓето само се смеат на вакви ствари. Ова ми создаде некаква сигурност за пристапот кој The X-Files ќе го има во 2016, за теренот на кој се обидува да игра и публиката кон која го пружа материјалот. Оргиналната шпица, препознатливата режија, па дури и деталите како имињата на локациите каде што се одвива дејствието, потврдуваат дека и покрај тоа што серијата е свесна за предизвикот, се труди да си ја сочува автентичноста. Но, по краткиот вовед, целиот чад создаден од носталгија почнува да се расчистува и открива нешто кое можеби и не е толку... стегнато.


Поминати се многу години. Телевизијата е сменета. Публиката е исто така различна, дури и таа што растела со The X-Files. А, деценискиот јаз најмногу се чувствува кај самите актери. Духовни никако не може да ме убеди дека е повторно Молдер. Не само што изгледа како да довозел неотрезнет од Californication, туку и ентузијазмот го има заборавено некаде во четвртата сезона од истата серија. Не може некој што очигледно ги чита репликите од картон позади камера да биде убедлив. Самиот Духовни делува како да му е смешно тоа што му го дале како сценарио, па добар дел од забавата со новиве епизоди на The X-Files ми доаѓа баш од ова. 

Симпатично е. Симпатично до степен да изгледа како пародија на себе, со што целото присуство на серијата во 2016 го прави да биде добро од што е лошо. Андерсон не е многу подобра, но барем се труди да ја глуми Скали од 90-ти. Ако е тоа добро воопшто. Или, едноставно тоа е лимитот на нејзиниот талент, па само ми изгледа така. Хемијата меѓу нив двајца не е ни отприлика како порано. Дојдени се само за лесни пари и тоа е тоа. Најсмешни ми се моментите каде што треба да прочитаат нешто сериозно, а тоа звучи толку апсурдно и исфорсирано, па чекам во секој момент и они да се прснат од смеење. Некогаш чекам и Чарли Ранкл да се појави од негде, но ни тоа не се случува. До толку е Духовни надвор од ликот или јас премногу го асоцирам со некој друг?

Што се однесува до приказната, тоа е еден посебен циркус. Наместо да се надоврзе на оргиналната митологија, изгледа како да сака да се измоча врз сè што нè наведоа да веруваме пред години. Иако осеќам дека на крај и ова што се обидуваат да го исфураат сега пак ќе се склопи со стариот фолклор, некако ми е премногу вадење од газ. Нели, малку? Не можеш да ме убедиш дека сè што се случувало претходно е некој ваков голем заговор. Веќе еднаш видовме голем заговор и супер функционираше. Инцијално е крајно контрадикторно, но пак се надевам дека Крис Картер е свесен за ризикот. Мене сигурно нема да ме разочараат, колку и да сум фан, зошто си најдов друг начин на кој се забавувам со овие епизоди. 

Ако остане овој ненамерен хумор до крај, јас сум задоволен - сум си изгледал супер лесна серија. Одамна пројде времето кога се потресував за тоа кој стои зад сите заговори, за Синдикатот, за сестра му на Молдер и неколку пати излегов доволно среќен од тоа што триста вакви мини-серии нема да успеат да ми го нарушат тоа. Секогаш кога овој Молдер тука ќе спомне "Обама" или "Сноуден" или ќе референцираат некоја модерна технологија што ја немало тогаш, ми се полни душава. Затоа и останувам да догледам до крај. Смешно е од многу погрешни причини, можеби и намерно е така, можеби е и заговорот што треба да го откриеш ти, како публика. Вистината е таму некаде, еј. Гледаш, не можам да плукам по The X-Files.

January 14, 2016

Сакам да верувам дека новите Тhе Х-Filеs ќе бидат добри

Мојата последна средба со The X-Files беше пред некои пет-шест години. Тогаш си реков дека ми е доволно од Молдер и Скали за еден живот и бев сигурен дека "досието од 90-ти" е конечно затворено. Имаше еден болно досаден филм пред некоја година што немав снага да го догледам до крај, а подоцна Молдер се претвори во друг лик со кој мислев дека засекогаш ќе ја остави ФБИ значката да фаќа прашина во некоја фиока во која никој не би се осмелил да ѕирне. Очигледно не бев во право, зошто Молдер и Скали се враќаат во нова мини-серија која треба да се појави до крајот на месецов. Добро, нели заврши приказната? Зарем уште може да се извлече некој интересен материјал што ќе функционира во ова модерно време? 


Имам некој впечаток дека денес последните НЛО фанатици на планетава постојат само во изолирани руски села. Таа параноја што колку-толку The X-Files можеше да ја подгрева пред дваесетина години сега веќе е смешна. Или барем мене ми е. Тогаш, веројатно и најголемите скептици можеа да се замислат поради некоја лоша аматерска VHS снимка од шарени топки на небото, денес тоа може само нестабилниот Миленко. А, The X-Files инспирацијата ја црпеше баш од таму, од некоја линија каде се допираа имагинацијата и сомнежот. Овој пат The X-Files се обидуваат да излезат од нивната природна околина со еден друг тип на параноја, спојувајќи го пост-Сноуден светот со паранормалното. Барем така трејлерите за новата мини-серија најавуваат. Колку тоа реално би можело да испадне добро без да биде само носталгично патување со потенцијал да е ненамерно смешно? 

Еве, пробај види како имаат остарено The X-Files. Со исклучок на неколку квалитетни епизоди кои не се дел од славниот "mytharc", остатокот е одамна дотраен. Тоа не значи дека серијата не е добра, туку дека телевизијата е значително напредната од деновите кога Молдер, Скали и нивните случаи ти биле забавни за гледање. Што е следно сега, Sliders ќе ги модернизираме? Изгледав две епизоди од The X-Files вчера за да ја видам разликата. И, тоа две од најдобрите самостојни што ги памтам. "Ice" и "Triangle".  Првата директно црпи инспирација од The Thing, а втората мојот Скали скептицизам за престојната мини-серија ми го претвори во желба уште еднаш да ги изгледам "mytharc" епизодите. Веројатно тоа и ќе го правам додека не се појават новите епизоди. Ете како ми пукна назад во лице сето ова. 

Носталгија или не, главната приказна на серијата можеби сè уште вреди исто. Сепак, the Cigarette Smoking Man ми е еден од најдобрите антагонисти во историјата на телевизиски серии и се сеќавам колку сум уживал тие епизоди. Тој дел од The X-Files е толку закон што сакам да верувам дека не застарува како "чудовиштата" од "monster of the week". Ако решиш нешто гледаш од The X-Files пред новиве, не копај подлабоко мит-аркот. 

Првата епизода од новата мини-серија ќе биде прикажана на 24 јануари 2016. Наместо трејлер, еве го гостувањето на Духовни и Андерсон кај Џими Кимел.