Деловите кои беа расфрлани насекаде низ Сончевиот систем во раните епизоди на The Expanse, конечно се заокружија во некаква поразбирлива целина. Спорото темпо, многуте работи кои серијата одлучува да ги прави во исто време, па дури и кадрите кои некогаш ја засенуваат локацијата на која се одвива сцената, лесно можеа да ти го тргнат фокусот од нарацијата и што навистина се случува тука. Онака, да изгледа како да си скокнал некоја епизода. Последните три епизоди се позанимаваа баш со овој аспект на The Expanse, предизвикувајќи повеќе "а-хааа" моменти отколку што можеби си бил спремен да очекуваш. Цела сезона тлееше бавно, но крајниот резултат е задоволителен. Доволно за уште еднаш да си потврдам дека ја гледав најдобрата научно-фантастична серија од првите сезони на Battlestar Galactica навака.
Не знам како се движи оргиналниот материјал и дали вака се однесува кон мистериите и дали е исто вака тензичен, ни дали го негува истиот тон, искрено немам ни некоја желба да откријам. Но, овие десет епизоди беа баш тоа што одамна имав заборавено дека ми недостасува во плејлистата со серии. Да, можеби ги судри настаните кои се одвиваа паралелно, понуди одговори на прашањата што ти ја чешале главата и пак се извлече откривајќи само дел од една многу поголема слика. Допрва треба да поткрепи некои нејасни мотиви кои стануваат сè поважни во конфликтот меѓу трите не-баш пријателски фракции чија критична точка претпоставувам ќе биде главната тема во следната сезона.
Она што The Expanse го прави добро, покрај цврстата естетика и амбиент, се ликовите и нивното постепено развивање. И, сè уште, повеќето од нив можат да ти ја размрдаат довербата со постапките. Амос ми е класичен пример за тоа. Лојален е, но во секој момент може да ти ја разнесе главата. Малку бев скептичен за Холден на почетокот и неговата несигурност во капетанската улога, но со финалето успеа да се избори за поцврста лидерска позиција. Одличен тим се со Милер, а серијата очигледно доволно инвестирала во нив, што не ни приметив дека сум почнал толку многу да се грижам. До самиот крај бев убеден дека The Expanse е само иднина во која човештвото не престанува да работи на сопственото уништување, директно или не, па пресвртот ме фати неспремен и дефинитивно му даде поинаква димензија на целиот заговор за кој пробував да си создадам појасна претстава.
Територијата во која сега стапна приказната значително ги извртува работите и го зголемува интензитетот на опасноста. Едвај чекам да видам како ќе го размрда оној мал дел хармонија кој е останат во оваа иднина доминирана од сини филтри, проѕирни телефони и шизички сајбер панк. Втората сезона е закажана за 2017. Чекањето можеби изгледа предолго, но ете шанса да се изгледа уште еднаш до тогаш. Тотално вреди.
No comments:
Post a Comment