Мојата презаситеност со филмски суперхерои ми го одложи гледањето на Deadpool, а чувството дека веќе имам видено сè што сакав да видам од жанрот не помогна да пристапам со некои големи очекувања. Верував дека материјалот на кој е базиран нема да дозволи катастрофа со пропорциите на Ant-Man, а и тоа дека е првиот филм со ознака "R" откако трендот со стриповски адаптации зема замав, ми создаде дополнителна верба дека еј, можеби е навистина добар како што кажува интернет јавноста и моите мизантропско-нихилистични пријателчиња кои не се баш наклонети кон овој жанр. Лик како Дедпул не е за "целото семејство и сите генерации", па затоа ќе си земам за право да го означам филмот како вистинскиот свеж здив во овој заморен куп од костимирани херои и анти-херои.
Покрај експлицитното насилство, поганите усти, референците кон модерната поп култура и повременото директно обраќање кон публиката, Deadpool успева да го размрда досадниот наратив за зачнување на суперхерои со отскокнување од линеарноста, при што на моменти целосно успева да се одвои од толпата "колеги". Суштината на приказната е едноставна, не нуди ништо ново или различно, меѓутоа начинот на кој што е уреден филмот лесно се ослободува од таа комфортна зона. Онаму каде што тоа е невозможно, не се воздржува да ја отвори устата, па и да намигне кон формулата. За сè што ќе сакаш да измрчиш, Вејд Вилсон веќе те претркал и те држи еден чекор поназад. Хуморот функционира одлично, дури и во моментите каде што е очигледно дека "преплатениот" сценарист се трудел премногу.
Очигледно е дека Рајан Рејнолдс ужива во Дедпул, па се погрижил и ти да се забавуваш. Ликот конечно доби правда после оној безобразен третман во X-Men Origins: Wolverine, но ајде, да го препишеме тоа на лошиот тајминг. Денес публиката е поспремна за консумација на суперхеројски филмови, па отстапувања од тој тип потешко се простуваат. Види го последниот Fantastic Four, тоа е совршениот пример за бришење газ со изворен материјал. Морена Бакарин е другата светла точка на Deadpool. По години владеење со култни телевизиски остварувања, вистинско уживање е да се види тој нејзин уникатен шарм и на ваков медиум. Дали воопшто старее женава? Следното изненадување e Т.Џ. Милер. Иако е актер од кој не можеш да очекуваш друго освен каписла за хумор, одлично се снаоѓа како Визел и го прави пријатен секој момент од неговата дисфункционална врска со Дедпул.
Дали Deadpool е најдобрата стриповска адаптација? Секако дека не, супер е, но мора да се престане со тоа бележење на секој втор ваков филм како "најдобар". Да видиме како ќе остарат на долги патеки, океј? Но, би рекол дека најбитен од овој бран. Доволно е успешен да го ревитализира жанрот со похрабар пристап, и тоа не само суперхеројскиот жанр, туку општо денешните акциони филмови кои ја потиснуваат главната состојка за да бидат допадливи за мејнстримот и публиката помлада од 16 години. Првиот чекор го направи Mad Max, по него зачекори и Deadpool, па доколку R-rated филмовите некогаш се враќаат во блокбастерска форма, нема подобро време од сега. Со малку среќа и ризик од луѓето со пари и контрола, можеби ќе добиеме и нов Dredd филм кој за жал не се случи зошто публиката не беше доволно "подмачкана". Сега мислам дека конечно е. Фала Дедпул.
No comments:
Post a Comment