Нешто не штимаше уште во првата епизода од втората сезона на True Detective. Но, во ред. Прва епизода, шанса да го прифатиш новото, да си ги оставиш споредбите со она што си го видел претходно и со отворен ум, да видиш што следно ќе излезе од устата под мустаќот на Колин Фарел. Бев скептичен до втората епизода. Полека почна да го одмотува тој хаос од претходната, за на крај да фрли клифхенгерски завршеток кој можеби е знак дека серијата има храброст и идеја? Не баш. Ја гледав третата епизода. Подобро да гледав квиз со Лила за кој не сум сигурен дали е нов или извесна национална телевизија пополнува простор со репризи од 1996. Сè што можеше да направи True Detective со сезоната, го изгоре на почетокот на оваа епизода. За среќа, последната што ќе ми одземе скапоцено саат време.
"Јас... јас сум еднодимензионален лик.."
Ајде, повтори по мене - True Detective е срање. Знаеш дека е срање. Лошо и досадно, што си го гледал еден куп пати до сега. Единствениот лик што знам како се вика, фино и културно застрелан во гради, по една недела тензично чекање да ја дознаам неговата незавидна судбина, стана. Стана, се истресе и серијата продолжи по медиокритетниот клишеизиран правец каде што секоја проститутка во стриптиз клуб знае сè за секого. Но, ова го знаеш веќе и не треба да те изненади зошто е така во скоро секој филм и серија секогаш. Си заглавил гадно со некој случај, ти детективу? Без гајле, нека се симне Дестини од шипката, ја има секоја информација што ти е потребна.
Другите ликови се толку небитни што не ме ни интересира што се случува со нив. Задремував неколку пати, мада не верувам дека пропуштив нешто особено важно. Тејлор Ки..ч.. ш го пофалив кога се појави во првата епизода. Ме изненади колку e сменет од John Carter, физички некако одговара за улогата. Беше интересен во втората епизода, и покрај тоа што ликот беше по шаблонот за такви ликови. Во третата приметив дека не ни верува во репликите што ги изговара, уште помалку дека се труди да одглуми. Ликовите и актерите ми го отежнуваат следењето на приказната, која веќе не ме ни интересира што е. И, онака ќе го фатат на крај, никој нема да умре од главните ликови веројатно, а и да умре, нема да ти биде гајле. Веќе ја искористија таа финта, во епизода која убаво ти покажува кој потенцијал нема да биде искористен. Штета, дури и фино почнаа да го билдаат идентитетот на сезоната со пејачката во барот и такви моменти што ќе ги потенцирав како добри фори ако нели, догледав до крај. Толку од мене, детективи.
Последната шанса за гледање нова серија летово ми е она Mr.Robot. Занимливи први две епизоди, добри актери, приказната со малку претенциозни идеи и детали што ми бодат очи, ама ќе дадам шанса на третата епизода неделава.
No comments:
Post a Comment