Daredevil серијата излегува овој викенд. Имам некаква верба во ова, особено по последните трејлери, така што искрено се надевам дека нема да ме оќори со глупости. Пред да почне да ми ги цеди овие неколку додадни слободни денови, излистав некои стрипови колку да си ја освежам сликата. Кога доаѓа време да држиш Дердевил стрип во раце, веројатно Френк Милер е логичниот избор. Зошто? Па, ништо посебно, освен тоа што го има спасено стрипот од пропаст и неговите ангажмани околу ликот се влезени во историја како најдобрите Daredevil приказни. И, ја има измислено Електра. Го немам читано целиот Daredevil што го има напишано, веројатно треба, ама за сега би предложил двa сериозно квалитетни примероци од опусот што вреди да се грабнат доколку сакаш да навлезеш во ликот.
Daredevil: The Man Without Fear (1993) e можеби најдобриот наслов за зачетоците на било кој херој. Краток мини-серијал, пет броја, надвор од редовниот тек на Daredevil стриповите. Милер оди назад во детството на Мет Мурдок, син на боксерот и самохран татко, Џек Мурдок. Животот во Хелс Кичен не е баш најсјаен. Мет е често малтретиран од децата во школото и околината, додека татко му од мафијата за која работи. Во обид да спаси слеп старец од залетан камион кој превезува радиоактивен отпад, Мет наебува во целата ситуација, ослепувајќи трајно од истурените буриња од камионот. Мафијата подоцна го убива татко му, па Мет Мурдок е поприлично затекнат во незавидна ситуација. The Man Without Fear феноменално го проаѓа целиот тој пат на Мет Мурдок до она што го знаеме денес за адвокатот кој навечер дели правда во црвен костим. Тренирањето со Стик, слепиот сомнителен старец кој му е некаков гуру, факултетските денови и пријателството со Фоги, запознавањето на Електра, желбата да се справи со криминалот и неправдите, како и воведувањето на Кингпин како главен душман.
Во The Man Without Fear се појавува и оној црн костим, ако воопшто може да се нарече така, каков што може да се види во трејлерот за серијата. Не сум сигурен колку серијата ќе позајмува елементи од ова на Милер, меѓутоа материјалот е одличен како подлога. Мотивите на Мет Мурдок се детално обработени, приказната е крајно емотивна и е школски пример за создавање на ликови. На самиот крај од стрипот, конечно го гледаш црвениот костим на Дердевил кој за жал, самиот тој не е способен да го види и се надева дека изгледа добро. Според продуцентите, во серијата облекувањето на костимот исто така ќе оди постепено. Веројатно нема во последната сцена?
Неколку години пред The Man Without Fear, како дел од редовниот серијал, Милер, заедно со Дејвид Мазучели го создаваат Born Again аркот, составен од седум броеви. Тука ликот е веќе поставен, Кингпин е исто зацврстен како неговиот најголем непријател, а очигледно на Милер 1986 му се погодила како најдобрата годината во неговата кариера. Да, тоа е годината на The Dark Knight Returns. Во Born Again, Кингпин го дознава идентитетот на Дердевил (го предава бившата девојка) и решава да го уништи на секој можен начин. Да го скрши до степен да изгуби секаква надеж. "Човек без надеж е човек без страв". Една од оние мрачни приказни каде херојот паѓа на тврдото дно пред да се издигне. Милер тука покажува како мајсторски умее да работи со Дердевил. Да навлезе длабоко во она што е под маската, да го сврти наопаку и да го срамни со земја пред да го прероди на крај. Не е Batman R.I.P. на Daredevil, ама има фин завршеток со Авенџерс и Кеп.
Следно за читање ми е Guardian Devil на Кевин Смит. Пробав да ги листам и новите Daredevil стрипови од 2014, ама некако не ми кликнаа баш најубаво.
Види такоѓе:
Следно за читање ми е Guardian Devil на Кевин Смит. Пробав да ги листам и новите Daredevil стрипови од 2014, ама некако не ми кликнаа баш најубаво.
Види такоѓе:
1 comment:
naravoucenie od prvata prikazna so slepiot starec i kamionot - nemoj da pomagas nikomu oti ke naebes
Post a Comment