May 18, 2015

Ex Machina (2015)

Долго го чекав Ex Machina. Како да е следниот Moon. Очекував нешто повеќе, барем да биде поинтензивен со идеите. Сепак е солиден, и покрај тоа што се потпира на веќе видени столбови. Режисерско деби на Алекс Гарленд, лик што веќе има изградено некакво име во научно-фантастичниот жанр како сценарист, па затоа и некако пристапив малку позагреан од што обично знам да бидам околу... ствари.   

Ex Machina поставува едно "древно" прашање. Што нè прави луѓе? Веројатно најзанимливиот начин да се обидеш да го одговараш е преку вештачка интелигенција. Да ставиш човек до машина која е свесна и прави независни одлуки од иницијалното програмирање. Кејлеб е млад програмер, повикан во домот и лабораторијата на неговиот сомнителен шеф Нејтан, кои се наоѓаат на тајна локација, изолирани и со силен безбедносен систем. Откако Кејлеб пристигнува во објектот каде единственото огранско е Нејтан и неговиот алкохол, се соочува со понуда за работа која наводно ќе му го смени животот - да спроведе Турингов тест врз последното достигнување на Нејтан во вештачката интелигенција, андроидот Ава. Можни се мали спојлери подолу.


Иако Ex Machina се обидува постојано да провоцира со идеите и моралните дилеми, не успевав да ги изолирам истите што сум ги подвлекувал во други слични ствари каде што темата е слична како тука. Не добив ништо ново и запрепастувачко, меѓутоа интересен детал ми беше тоа што филмот ги игнорира трите закони на Асимов. Но со нив, целата поента на Ава и идејата за слободна волја би била промашена. Ако веќе создаваш нешто што треба да ти го изедначи интелектот, зошто да наметнуваш било какви правила. Одличен момент е ова, а гледам дека е предмет на дискусии кај публиката која го посочува како дупка. Баш напротив, тотално оди во прилог на целата приказна. Точно е дека Ex Machina има пукнатини во раскажувањето, ама ова не е една од нив.

Интеракцијата меѓу трите ликови е веројатно носечката сила на филмот. Гарленд и покрај ситните маани и очекувани пресврти, успеал да избилда сценарио што ќе задржи напнатост скоро два саата. Внимава на детали, понекогаш и премногу се труди да објасни некои очигледни работи, но претпоставувам дека се водел по тоа дека овој концепт тука некој можеби го среќава за првпат. Имаше неколку референци кон модерна поп култура кои некако ми беа надвор од контекст, непотребно уфрлени да делуваат како надвор од контекст, ама не бодат до толку колку што можеби ги правам да звучат.

Одличен избор и за актерите. Донал Глисон не можам да прекинам да го асоцирам со Black Mirror. Уште во About Time заклучив дека со самото присуство ми носи малку од таа атмосфера, ете до толку ми има "Be Right Back" епизодата оставено впечаток. Во Ex Machina прави да не можам да се сетам на подобар избор за Кејлеб. Оскар Ајзак го гледам прв пат откако го најавија во The Force Awakens. Многу добар актер, не знам кај бил цело ова време. Режијата, фотографијата и осветлувањето во кадрите, контрастот помеѓу сцените од дивината и домот на Нејтан, се феноменални. Иако дејствието е сместено во мал, ограничен, на моменти клаустрофобичен простор, скоро и да нема повторување на кадри на истите сетови.

Сигурно не е најдобриот филм во последните неколку години. Не е ни меѓу најдобрите во жанрот, ама стварно вреди ако ти се губат два поквалитетни саата. Ми дојде како одлично освежување после глупостите што ги видов во Age of Ultron, Chappie и Jupiter Ascending, на пример.

6 comments:

Unknown said...

Хаха чоече, Chapie дали беше фан фикшн за Die Antwoord?

А Jupiter Ascending се се мислам дека е заебанција на браќана, како демек си рекле ај да напрајме филм со најголем број клишеа шо мојме, само шо се занесле и на крај заборајале шо праеле и испаднало она шо е. :D

Бојан Николов said...

https://www.youtube.com/watch?v=ShAeafYCqxk :))

Anonymous said...

колку не е у тек овој Александар, не се појќе браќа Вачовски, едниот е сега некое измеѓу сштество

Unknown said...

Епа немаме ние збор за siblings :D

Кантарот said...

Одличен осврт, мислам дека кастингот е најдобриот елемент во Ex-Machina. Oscar Isaac го открив во Inside Llewyn Davis, a беше брилијантен во Most Violent Year.

Бојан Николов said...

Тенкс. :) Ја тука првпат и многу е добар. Инаку двајцата се во The Force Awakens, ми се промакна тоа кога го гледав филмот. Само Оскар Ајзак знаев дека е.