October 11, 2015

The Martian (2015)

Влегувањето во кино на екранизација на книга што пред некој месец ми остави силен впечаток, беше мисија на која бев спремен за секаква катастрофа. Последниот пат Ридли Скот се покажа доволно нестабилен, за сега шлем со темен визир да ми биде стандардната опрема покрај пуканките. Врзан со три појаси за седиштето и фатен за рака со неколку луѓе што ја читаа книгата, се понадевав само дека нема да бидам сведок на колосално промашување. Освен еден крив поглед кон платното на самиот почеток, следните два и кусур саати задоволно се смешкав на филмот како Вотни на градината со компири. Да, единственото срање во The Martian беше баш тоа природно васионско ѓубриво наменето за марсовско земјоделие. 


Не ми доаѓа на ум ниедна друга адаптација на книга што со вакво уважување го третира оргиналниот материјал. Книгата воопшто не е лесен залак за екранизација, па да можеш едноставно да ја пренесеш со сите научни концепти, темпото, раскажувањето и циничната духовитост на Марк Вотни. Баш поради ова ме совлада тој благ песимизам. Спротивно од моите очекувања, The Martian изненади позитивно. 
 
Успешно е задржана целата атмосфера од книгата и сите ситници кои ја прават приказната за преживување толку моќна. Можеби самотијата на Вотни е невозможно прецизно да ја отсликаш во наратив каков што има филмот, но за сметка на тоа Ридли Скот добива прилика да ги потенцира човечките емоции нормални за ситуацијата кои во логовите во книгата е некогаш тешко да ги видиш така кристално јасно. Но, ликот на Вотни е доволно присебен и кога врнат карпи, па секоја непотребна драма не би можела да процвета дури и за атер на филмот. 

Блеска при моментите кои и во книгата ги читаш со оркестрална музика во глава, пак успева да го создаде тоа фино чувство во стомак при откривањето на Pathfinder, и од време на време да ти ги збуни сетилата со некои монолози. Науката која Енди Вир најексплицитно ја фрла е присутна и тука, само што начинот на Ридли Скот е нешто помалку директен. Без оглед на тоа што средствата за раскажување се различни, совршено се поклопуваат.

И, секој друг аспект е максимално испочитуван. Нема холивудски испади на емоции, ниту нагласен патриотизам, а не се ни обидува да ја третира публиката како група идиоти што се дојдени да гледаат специјални ефекти. Само ги зема клучните моменти од книгата, го неутрализира остатокот кој очигледно не би функционирал на ваков медиум и организира забава со нив. Веројатно единствената адаптација што ја преживеав без ниту една замерка. Мет Дејмон е одличен Вотни, а екипата познати фаци од други филмови и серии само овозможуваат The Martian да биде уште поблизок и безбедно да слета во твојата комфорна зона. 

Види такоѓе: 

No comments: