Откако процури верзија на тизерот за Dawn of Justice снимана со тамагочи, WB касно ноќеска пуштија и официјална верзија каде што брадата на Бен Афлек и сомнителните актерски способности на Хенри Кавил може да се видат во висока дефиниција. Види, овие две минути се океј. И, искрено, многу би сакал да можев да ги проширам зениците во транс и воодушевување. Не можам. На една минута го гледам Бен Афлек наместо Брус Вејн, па го гледам Супермен и се присеќам на разочарувачкиот Man of Steel. Ми текнува дека таму некаде се Вондер Воман и Аквамен.
Јасно е дека ќе те допре малку очигледната инспирација од The Dark Knight Returns. Пушката на Бетмен и егзоскелетот, кадарот кога Супермен слетува пред него спремен да му го скрши стариот газ... Самото соочување на овие двајца херои на филм е историско, но не мора да значи дека историјата ќе го запамти како добро. Верувам дека се вложува труд да не биде комплетно хаотично срање и дека овојпат можеби знаат што прават, меѓутоа многу фактори не ми дозволуваат да имам поголеми очекувања од овие. Секако дека ќе се нацртам во кино, се надевам до тогаш со отворен ум, кој ќе чекам Dawn of Justice да ми го разнесе на било каков начин.
Колку и да е ова подлога за Justice League филмот, пак се некако многу ликови кои ќе треба да ги претставиш. Доволно за публиката да ги запознае на филм, а не премногу за да почнеш го гушиш универзумот кој претендира да го "прокрвари" Марвеловиот. Прва работа што очигледно е сомнителна уште на сам старт е кастингот. Некако ќе го преболиш Бен Афлек, може овој пат ќе биде подобар од што беше во противничката банда со Дердевил, Џеси Ајзенберг како Лекс Лутор, ама што правиме со Вил Смит во Suicide Squad? Не значи дека ако еднаш им се посреќи со Хит Леџер дека пак ќе се случи истото, нели?
Batman v Superman: Dawn of Justice излегува во март 2016. Баш кога презаситувањето со суперхеројски филмови може да ми ја достигне критичната точка.
No comments:
Post a Comment