April 25, 2015

Стиховна гимнастика

Тоа што вчера се случи на Саем влегува во историјата на домашната музика. 15 години јубилеј на едно од најбитните изданија на сцената и сосема возможно, последниот концерт на САФ во следните неколку години. Како некој што не е рапер и многу, многу покасно ја открил големината на САФ, ќе си земам право да зборам за настан што веќе остави длабока трага во градов. САФ во полн состав. Прв таков настап од 2008 на "Фонетика", каде што ја имав таа, денес очигледно привилегија, да бидам присутен, ама едвај го памтам тоа, поради... младост. Битно се сеќавам како на импровизираните шанкови вадеа цени од г'з за топло шкарт пиво, ама тоа е друга тема.


САФ го наполнија Саем. Петтата хала. По сигурно пола саат гужвање и вдишување туѓи мишки пред врата, безбедно влеговме внатре каде што имаше слична атмосфера. Цел град и пошироко, сите генерации на едно место. Тие што растеле пред, со САФ и деца родени после Сафизам. По задоцнување кое не беше баш страшно зошто имаше уште луѓе што чекаа надвор и некултурно исвиркување на гостинските диџеи како тие да се криви што обезбедувањето на врата е полу-способно, САФ ја завземаа сцената. Тапа си некад публико, закон беше Mr. Dirty Hairy, башка отвори со "Silent Flight" од The Four Owls.

САФ почнаа да го пичат цел Сафизам, со енергија што си ја гледал некогаш, дали во живо, дали на видеата од концертите пред петнаесет години, како никогаш микрофоните да не им фатиле прашина. Смилен згрми од фотељата на претседателскиот емси со снага што буквално го поместуваше подот во загушливата хала каде единствената "вентилација" беа перките на дронот што повремено леташе над публиката. Мите имаше перфектна комуникација со присутните и емоции кои ги износталгичарија повозрасните. Дури и Гоце го чувме како рецитира! Оддадоа почит на Уличен Ритам и Чиста Околина, а го предаваа микрофонот и на помладите колеги од Легијата кои своевремено ги инспирирале до степен за да денес се достојни да делат сцена со нив.

Феноменален концерт. Веројатно најдоброто нешто што му се случило на Скопје годинава. Се надевам ова ќе ги инспирира за некаков камбек, иако и самите си кажаа зошто не би можеле да творат на тло на кое не се одамна присутни. И без тоа, остануваат најкултното хип-хоп име на домашната сцена, позиција што вчера докажаа дека ќе ја држат и во годините што следат.

Фала САФ за вчера, и општо за сè. Се надевам само дека за петнаесет години Сафизам нема да звучи како тесктовите да се пишувани од лани навака, туку ќе може асално да си остари. Не дека ќе се промени статусот на самиот албум, туку ќе биде малку тажно.

No comments: