Денес, кога веќе никој не се сеќава на Heroes of Newerth, S2 Games повторно се обидуваат да се пробијат на MOBA сцената со нова игра. Strife можеби и не е толку нова, во отворена бета е од август минатата година, меѓутоа ново е тоа што месецов е достапна и на Steam. Обично ретко се залетувам по нови MOBA игри, освен кога се инспирирани од DC Comics или ме асоцираат на Torchlight во период кога сум сериозно навлечен на Torchlight. Ова е плач за помош. Така Strife, со графиката која ужасно потсеќа на Torchlight, ме натера да ја симнам и да ми потроши триесетина саати последниве две недели. И, ова е плач за помош.
Некаде пред Hearthstone да го донесе новиот тренд на игри со карти кој е моментално актуелен, еден куп компании се тепаа да ја извадат следната League of Legends. Веќе кога обидите почнаа да стануваат смешни со неиновативноста, се појави Dota 2 да ги неутрализира, но во исто време да постои и со гигантот League of Legends. Денес се најголемите MOBA игри, реално без некоја сериозна конкуренција, па дури ни Heroes of the Storm.
Чудно е тогаш што бара Strife тука, нели? Ноуп. Strife доаѓа со најдобрите ствари (океј, ова е лична преференца) од двете игри, ја има истата мапа, триесетина херои за секаков начин на играње и неколку детали кои направија ова да ми биде третата опција. Dota 2 никогаш не ме завлече како кецот, веројатно поради новиот начин на играње на кој ме навикна LoL во годините додека конечно излезе, a LoL... LoL веќе не ми го клати чамецот како порано. Strife е баш тоа освежување што малку ми го врати ќефот за жанрот.
Ги спомнав ситниците што ја прават пријатна. Прво, има петови. Секој пет доаѓа со три спелови, од кои еден може да го активира играчот и е наменет за одредена ситуација (нешто како summoner spells во LoL) , додека другите два се пасивни и нема потреба од интеракција на играчот. Генерално, петовите не прават ништо освен што трчаат по играчите, не можат да бидат таргетирани, ама се убава репрезентација на тој "задолжителен" спел што не доаѓа од херојот што си го избрал. Сите херои се отклучени и не постои ротација и опција за нивно купување, па собирањето на овие десетина петови е со валутата што ја добиваш после секоја партија.
Освен ако не штедиш за крафтање на уникатни ајтеми. Да, Strife има систем со кој секој ајтем достапен во играта може да биде појачан и прилагоден според твоите желби и потреби, достапен за купување со златото кое го делиш со другите играчи во секоја партија. Ќе ти го донесе нешто што личи на верверичка, зошто Strife користи курирче како во Dota 2. Спомнав дека има регенерација на HP/MP додека си надвор од борба? Мапата има и два главни NPC-ја кои тимот може да ги убива за буквално да истури хаос врз противникот. Скоро секогаш многу битни за предност и победа, а многу поинтерактивни од Roshan и Nashor. Слично вакво имаше и во Heroes of the Storm.
Целта на Strife е и да ја намали токсичноста на заедницата. Поради тоа што нема класично фармање и пцуење првородено дете за кој последен удрил крип и чет со непријателскиот тим, значително се намалени активностите на дебелите деца од Полска. Скоро и да не сретнав ништо такво до сега. Има играчки со руски имиња и руски јазик на тимскиот чет, ама не се толку неподносливи идиоти што ќе ти ја заебат партијата. Партијата најчесто се заебува ако некој се исклучи пред време, што беше честа појава првите неколку партии. Сега е океј, тие што само ја пробуваа играта на две минути и се гасеа веќе ги нема.
Хероите се интересни, скоро сите што на почетокот ги пробував по случаен избор испаднаа добри. Полесни се за играње за разлика од другите игри. Мислам дека и со го најдов страјфскиот Malzahar, се вика Fetterstone. Само што е дебел и со пиштоли и нема никаква врска со Malzahar.
Strife ќе има добра иднина. Барем подобра од другите MOBA игри кои пробаа да застанат пред Dota 2 и League of Legends. Уште е во бета, така што некои работи допрва ќе бидат полирани, бар оние за кои кенкаат во некои рецензии, а јас не сум ги приметил. Секој ден расте заедницата, во подготовка се нови херои, има и сингл плеер кампања (сингл плеер кампања!) и работи на Windows, Linux и Mac OS X. Само за селаните со конзоли нема верзија моментално. Веќе има и лига доминирана од неколку кланови, на која можеш да си ја гледаш статистиката додека си мантраш дека ова е "само игра".
No comments:
Post a Comment