Ја имам Counter-Strike: Global Offensive повеќе од една година и за тоа време имам изиграно над 100 саати. Ми влијае некако катарзично и секако е подобро отколку да употребиш вистинско оружје после напорен ден. Мирен човек беше, би рекле комшиите. За тие што одамна ги напуштиле играчниците (самите газди на играчниците исто) CS: GO е апгрејд на онаа Кантер на која што мојата генерација своевремено ги оставаше сите пари, време и муабети. Енџинот е апгрејдуван, има нови мапи, измени на старите, додека останатото е отприлика исто.
Издигнувањето пред епскиот пад
CS:GO има повеќе модови во кои нема да наглегувам во детали, зошто тука сум да се исплачам сега, така што за модовите друг пат, океј? Неделава, почнав интензивно да го играм компетитивниот мод, на турнирските мапи што најчесто ги избегавам поради мапите со заложници. Пошто кежуал е за пичиња нели, а во последно време веќе не ми беше предизвик. За да влезеш на глобалната ранг листа, потребни се 10 компетитивни победи. Лесно, нели? Нели? Мислам, играм сега и со снајпер, без да пијам апче да ми се смири раката, добар сум, креирај ајде!
Тие што имале прилика да ми ги запратат пцовките додека возам, сега буквално би си ги затнале ушите. После две победи, мојата тазе кариера во компетитвниот CS гејминг отиде по патот на кариерата на Де Ниро. Во партиите кај што не играв катастрофално лошо, тимот ми беше составен од руси, сомнителни германци и обавезно бот што пополнува место на некој што се исклучил после првиот хедшот. Едвај се комуницира на англиски, па координацијата е тешка дури и на мапи каде што најосновната работа што треба да ја прави тимот е да ги чува глупите заложници. Кога во тимот немам играчи што се викаат ПсихоУбийца02 (да речеме бројката е година на раѓање), имам такви со една рака и едно око.
И, така. Постот си ја направи поентата. Ми требаше да напишам дека можеби е време за ново хоби што намалува стрес. Пример, балет.
No comments:
Post a Comment