Дремам десетина минути и се мислам како да го почнам постов. Дали уште еднаш да го обжалам заминувањето на Мет Смит, дали да почнам со тоа дека имавме доволно време да го прифатиме фактот дека Питер Капалди е новиот Доктор, не знам. Второво некако не ми функционира така. Едно е битно, дека Капалди изгледаше како добар избор уште на сликите и тие неколку секунди од првото промо. Уште тогаш бев убеден дека е Докторот. Години пред воопшто да почнам да гледам Doctor Who, претставата што ми беше во глава за кој и што е Докторот, визуелно се поклопува со Питер Капалди. Повозрасен, со посериозна фаца, позади која се кријат стотици години искуство и мудрост стекнати низ времето и просторот. После три помлади доктори, Питер Капалди не само што ја отсликува "километражата" на Стивен Мофат, туку и става некаква прикладна боја на самиот лик. А, за транзицијата да биде уште поприродна, епизодата има изненадување кое тотално не го очекував, ама ќе скокнам детали поради спојлери.
Митологијата која првата епизода од новиот серијал ја нуди, умешно се вклопува во целата историја на Докторот, додека паралелно го користи целиот капацитет на Капалди, вклучувајќи го неговото шкотско потекло и акцент, кои свесно се вметнати во новиот идентитет. Во моментот кога Докторот излегува дезориентиран од Тардисот после регенерацијата, Капалди ги потврдува сите мои очекувања. Дури ни Мет Смит не го прифатив волку брзо. Единствено нешто за кое што верувам дека немаше време да се случи, е да ја прифатам Клара како новиот придружник. Клара е пристуна епизоди наназад, меѓутоа не сум уште решен да ги пуштам Ејми и Рори. Иако приказната на Клара е феноменална, некако не ми е доволно вдомена во Тардисот. Можеби ќе треба уште некоја епиозода, не знам. Ми се свиѓа и новата атмосфера на серијата која дојде со новиот Доктор. Меѓутоа, колку и да е помрачна, успева да се избалансира со речиси детската наивност која дури и кај Капалди не изостанува.
Епиозодата беше супер, ама бев некако презафатен со новиот Доктор, па доколку се создаваше класична епизода пред мене, изгледа пропуштив. Со секој нов Доктор, серијата завзема нов тек, поголем арк што се расплетува за време на присуството на актуелниот Доктор, па така и тука. Едвај чекам да видам која страна на Докторот ќе ја чепне овој серијал. Кулминацијата на Мет Смит со Трензалор беше епска, а како серија што константно еволуира на секое поле, довербата пак ќе си ја оставам кај Мофат.
Во следната епизода Капалди ќе се соочи со Далеците. Секогаш е интересно кога новиот Доктор се среќава со нив, така што многу ме занима каква ќе им биде средбата сега. Патот за новиот Доктор е отворен, моето тело е спремно и неделното попладне ми е резервирано за она што следните месеци има да ми го фрли Doctor Who.
No comments:
Post a Comment