Showing posts with label Atari2600. Show all posts
Showing posts with label Atari2600. Show all posts

February 11, 2014

Ја најдов Atari 2600 играта!

Со години барам една игра за Atari 2600. Првата игра што беше на мојата пиратска верзија од конзолата пред дваесетина години. Ја памтев слабо, а и онака добар дел од игрите се слични и тешки за објаснување. Тоа не ме спречи низ годиниве да листам емулатори и видеа, па се откажав со идејата дека е тука некаде, ама ме издале сеќавањата. Пред некој ден налетав на видеово, и ете ја! Првата игра што се пушташе чим ја штекнеш конзолата и веројатно првата игра што некогаш сум ја играл. Освен ако единствената аркада во тогашната флиперница со Sly Spy (или Black Tiger, не го памтам редоследот баш) е некое време пред да ја поседувам конзолата. Не е ни битно тоа, битно е дека не била само плод на мојата имагинација.

Играта се вика Fox & Goat и успеав да ја најдам денес на една листа на игри за Rambo клонот на Atari 2600. Прилично непопуларна (не е објавена во САД), затоа и фалеше во многу од видеата и листите на најдобрите Atari игри. Инаку, клонот на конзолата е речиси идентичен со Rinco, така што дознав уште една работа, дека тоа моето било Rambo. Двете имаат вградено многу игри, имаат исти џојстици, а се разликуваат малку по бојата (веројатно и хардверот внатре не е многу поразличен).

Еве видео од гејмплејот.

October 1, 2007

30 години Atari2600

Култната гејмерска конзола Atari 2600 го прослави својот 30 роденден. Мојата гејмерска кариера започна со клон на Atari, пред некои 15-16 години. До пред некоја година не ни знаев што точно беше црната конзола, со џојстици со црвени копчиња. Сега знам дека бил клонот на Atari2600, Rinco 256-in-1.

За разлика од вистинската конзола, моево беше цело црно и пластично. Кертриџи за него никогаш не најдов да купам (океј, имаше доволно игри). Среќа, џојстици се наоѓаа лесно, се сеќавам дека купував нови.

Од време на време, покрај
Nintendo NES и MAME32 емулаторите, знам да го пуштам и Atari2600, со надеж дека ќе најдам повеќе од игрите што тогаш ги играв. Ги немаше по имиња, туку се мотаа преку едно копче на самата конзола. Некои ги најдов, некои сеуште ги барам. Од тие што ги знам по име, највеќе ги играв Pitfall!, Dig Dug, Donkey Kong, Pac-Man, Pole Position.

Има океј емулатори, ама не е тоа – тоа. Спремен сум да платам дури и за неисправна
Atari2600 конзола, или уште подобро “Rinco” клон. Не се сеќавам што се случи со мојата, ама мислам дека беше расклопена до последно штрафче, заедно со многуте радивца и Нинтенда. Имав таков период кога расклопував ствари.

Какo и да е, за
Atari2006 ќе пишувам пак во некоја наредна прилика. Мислам дека носталгијата за старите игри и конзоли никогаш нема да си ја излечам...

Доколу некој сака да си освежи сеќавање и да си врати спомени, на линков има Atari2600 емулатори, а и голема листа на емулатори за други конзоли.