Во последно време, многу бесплатни игри си го најдоа домот на Steam. Има еден куп наслови и жанрови за сечиј вкус и потреби, понудени бесплатно, со микротрансакции, се разбира. Дури и Path of Exile и RIFT се тука. Деновиве се појави онлајн пуцачина во трето лице со карикатурест дизајн што одма ми го привлече вниманието.
Loadout нуди неколку различни мапи и модови каде што играчите може да се испробаат тимски против други. Модовите се стандардни за ваков тип на игри, се избираат со гласање пред почетокот на секоја партија. За победа се собираат ресурси, се краде знаме и се држат одредени точки на мапата. Уникатниот момент кај Loadout, и да речеме главниот елемент, е тоа што играчите сами си ги креираат оружјата. Понудени се некои основни, кои може да се модифицираат на најразлични начини. Генерално се потпираат на модификации на типот на оган, истрели и капацитет на муниција, и колку што можев да видам има доволно за да се создаде уникатно оружје. Модификациите се купуваат со валута која се добива по завршување на партија. Има повеќе слотови за различни оружја кои се отклучуваат во зависност од левелот на играчот.
Играчот може да избере модел на карактер од три понудени, но и тие се склони на опширна модификација. Тука доаѓа делот кој не е бесплатен, бидејќи скиновите и облеката за карактерот се купуваат со вистински пари. Сосема фер, затоа што скиновите и не влијаат на гејмплејот, освен во почетните левели каде што речиси сите играчи изгледаат исто. Но, играта мора некако и да заработува и додека не продаваат ствари кои даваат предност во самиот меч на играчите кои плаќаат, е сосема во ред. Ситниците кои се купуваат со вистински пари, играчот кој не плаќа може да ги добие и бесплатно со отварање на кутии после партија. До сега добив едно вакво парче, ретки се, ама може да отворат. Фин модел, многу сличен со тој на League of Legends и DOTA2. Мило ми е кога компаниите го применуваат ова и не се безобразни со микротрансакциите.
Графиката и дизајнот на мапите се одлични. Карикатурестиот дизајн е појачан со бесмислосна бруталност, па така што често пати на играчот ќе му биде откинат некој екстремитет, ќе му висат внатрешни органи кога ќе е повреден или ќе трча со пола тело откако ќе го заредат со ласери. Или додека умира, ќе покаже среден прст на играчот што го застрелал.
Loadout е преполна со детали од кои ќе испуштам добар дел ако почнам да ги набројувам. Детали кои ја прават забавна и заразна. Се уште е млада игра, а веќе може да се види потенцијалот кој успешно го користи. Нуди премногу за "цената" и дефинитвно заслужува внимание. За хардкор играчите има и компетитивен мод кој сега за сега ќе го прескокнам. Ќе следам како ќе се развива понатаму, во секој случај.
No comments:
Post a Comment