July 20, 2013

Првата сезона на Hannibal

Kога разбрав дека ќе има  Hannibal серија, бев крајно скептичен. Добро, зарем и ова ќе го рециклираат? И, нема да е според книгите, туку само "базирано на"? За чудо, не е воопшто лошо и е многу подобро отколку што мислев. И не, не е воопшто како Dexter. Далеку помрачно и понапнато, но и со малку послаб квалитет што во никој случај не значи дека е лошо. Напротив, Hannibal е супер серија, баш каква што ми фалеше. Одлично ми дојдоа овие 13 епизоди по ред. Таква е што не верувам дека би имал нерви да ја чекам недела за недела. Пред да ја почнам, ги изгледав трите филмови со Ентони Хопкинс, чисто да се потсетам на детали и да ги фаќам референците кои знаев дека серијата ќе ги има во изобилие. 


Hannibal ги прикажува (по)младите години на Ханибал Лектер каде што уште работи како психијатар помеѓу паузи за ручек. И вечера. Мадс Микелсен е феноменален како доктор Лектер. Да, различен е од Ентони Хопкинс и навистина не заслужува споредби, зошто нели, сепак се работи за (делумна) адаптација на пишано дело. Ако не го земеш Хопкинс како репер, Микелсен е тука со полн сјај. Брилијантен, шармантен, ладен и постојано сериозен, одлично ја пренесува суштината на ликот. На моменти, серијата дури и се обидува да го оправда она што го прави, со тоа што ликот е онака, допадлив. 

Сепак, во центарот на настаните е младиот агент Вил Грам (ликот на Едвард Нортон во Red Dragon) кој тука работи како профајлер на сериски убијци. Хју Денси тука првпат ми го привлече вниманието и баш е погоден за улогата. Кај него, за разлика од Микелсен, се осеќа влијанието од претходникот во улогата, што не значи дека е лоша работа. Во секој случај, поголемиот дел од времето е уникатен, зошто и самиот лик е малку поинаков тука. Лоренс Фишбурн е исто добар како Џек Крафорд, со тоа што е нешто помалку серко од оргиналниот Крафорд (мислам на Скот Глен). Исто така, низ сезоната има изненадувачки специјални гости како Еди Изард (не го познав без шминка) и Гилиан Андерсон, ама нема да откривам кои се и што се.

Серијата се занимава со различни сериски убијци, неколку кои добиваат по една или повеќе епизоди. Иако зад голем дел од жртвите стои Ханибал, ФБИ си има работа и со слични на него. Докторот е тука нели, да помага во истрагите како личен психијатар на Вил Грам на кој се обидува да му го сочува разумот. Барем на почетокот. Она што можеби е мала негативна страна, е тоа што серијата често се занимава со случаи кои некако фрлаат сенка на ликот и делото на Ханибал. Оној Ханибал што во The Silence of the Lambs е претставен како најголемиот психопат на сите времиња. Во првава сезона си имаа работа со убијци кои се далеку погрозоморни од него, единствено што не ги јадеа жртвите. Доколку тоа е тоа што го прави Ханибал најлошиот, океј, терајте така.

Ми се свиѓа тоа што се позајмени многу елементи од филмовите. Сцени кои намерно потсеќаат на тој материјал, реплики, дури и ситуации. И што е најинтересно, малата Абигејл, која ќе се спријатели со Ханибал, страшно многу потсеќа на млада Џоди Фостер што мене ми изгледа како објаснување зошто докторот ја прифати Кларис Стерлинг толку лесно. Ако е намерно, признавам дека е јака финта. 

Како што читав, планот е шест сезони. Оптимистички зафат, меѓутоа ако продолжат со истиов квалитет, ќе успеат. Само да ја задржат тензијата и дијалозите како до сега и тоа е тоа. Втората и третата сезона ќе ги отплеткуваат стварите од првава, додека од четврта во план е да се адаптираат книгите, една по една. И, во меѓувреме да ги обезбедат правата за сите ликови зошто ги поседува друго студио кое не им ги дало за првата сезона. Крајот на првата сезона беше интересен, можеби не толку колку што очекував, но сигурно ќе ја следам серијава од следната година.

No comments: