Зошто во никој случај не е истиот од пред неколку години! Апсолутно нема шанси да не е заменет со вонземска копија или андроид. Овој талент што го покажува во True Detective некако ми е нереален. Што е следно? Хју Грент со бркови и брилијатна улога во серија за фудбалски клуб составен од канадски Инуити која суптилно ни посочува колку сме всушност мали во овој универзум? Нема шанси да е ова тој Метју МекКонахи, не. Мора да има некое објаснување кое прави смисла.
Но, она што е очигледно, е дека моментално се прикажува серија која дефинитивно останува класика во историјата на телевизијата. И, мило ми е што конечно успеав да го фатам текот на само две епизоди (од вкупно осум) до крајот на првата сезона. Не очекував волку рано да се појави нешто што ќе ми ја пополнува празнината од Breaking Bad. Не правам споредба, само сакам да ја потенцирам генијалноста на True Detective. Темата е сосема различна, а и целиот амбиент. True Detective е далеку помрачна и подепресивна. HBO е можеби стандард за квалитет, меѓутоа ова успева да ја помести линијата после само три епизоди. Четвртата епизода, особено со крајот со сцената во еден кадар, го удри печатот. Шест минути сцена, една од најдобро изрежираните кои ги виделе моиве очи. Без спојлери.
Без никакво претерување, серијата е фасцнинатна од секој аспект. Режија, сценарио, музика и секако актерите. Вуди Харелсон го сакам секаде каде што ќе се појави. Таков е, харизматичен и некако улогите му се местеле баш како за него. Или па е едноставно добар актер и може добро да се справи со стварите што му налетуваат. Океј, не е Иан Мекгелен, ама да не ситничариме. Метју МекКонахи... Запрепастен сум. Никогаш не ни замислував дека може да одглуми ваков комплексен лик како што е Раст Кол. Секоја чест, сериозно. Го допишувам постов и станувам пак да аплаудирам.
True Detective во осум епизоди обработува приказна која е многу повеќе од вообичаениот детективски стандард и шаблон. На моменти не е ни битно со што се занимаваат ликовите додека протнуваат такви дијалози. Дури и за џандарска серија, отскокнува со реалните и човечки ликови. Нешто како The Wire, само што чепка една потемна страна. Форматот е антологиски, што значи дека следната сезона ќе гледаме сосема друга приказна и ликови. Доколку успее да го постигне ова што моментално го прави првата сезона, ќе ме има како верен гледач и понатаму.
No comments:
Post a Comment