Не пропуштам прилика да кажам колку се најдобри првите две сезони на Battlestar Galatica. Скоро го правев муабетот и секогаш е истиот - само првите две сезони, другото тапа. Тие ги имам повеќе пати гледано и секогаш сум се откажувал некаде кон средина на трета. Памтам како цело друштво тогаш се мачеше да ја догледа и последната сезона, што значи нешто не штимало. Ама поминало толку многу време и сега веќе и ми е избледено што конкретно, па сфатив дека веќе не можам валидно да одговарам дека се само "првите две".
Мислев дека архивата на Crapwerk ќе ми помогне малку да се присетам, ама сѐ што најдов беa неколку постови за The Expanse каде што само го верглам истото. Џабе блогирањето осумнаесет години без три реда за една од најдобрите научно-фантастични серии некогаш снимени. Значи, време беше подиректно да се испита квалитетот на Battlestar Galactica денес, па седнав и ја изгледав мини-серијата од 2003 која е практично тричасовен пилот за редовната што почнува со прикажување скоро година дена покасно.
Оваа Battlestar Galactica е всушност римејк на истоимена серија од 1978. Сум пробал и тоа да го гледам во деновите кога сум бил најзагреан, ама никогаш не ми залепи. Мислам дека денес би ми била позабавна, само уште да имав време да го дознавам тоа. Оригиналната Battlestar Galactica има само една сезона и едно пропаднато продолжение Galactica 1980 кое е скинато после десет епизоди. Но, брендот останал популарен и во следните декади, па конечно после неколку неуспешни обиди да се возобнови, во 2003 го добива ова што денес е веројатно првото нешто на кое ти текнува кога ќе се спомне Галактика.
Римејкот маневрира во малку посериозна, потемна насока што ја прави оригиналната да изгледа како цртан филм во споредба. Ризичен потег, ама очигледно исплатлив ако судиме по тоа колку масивно порасна како франшиза. Сигурно едно десет години немав пуштено. Се возбудив ко некој да ми ја донел изрежана на два диска. Не бев сигурен како ќе ја доживеам и дали само романтизирам нешто на кое што можеби времето не му било наклонето. Една друга моја така подрага Star Trek: The Next Generation изгледаше пошкарт со секоја пројдена година за на крај да ми остане со едвај дваесетина добри епизоди. Некако не бев спремен и ова да го видам во некое такво издание.
Не знам како се носи понатаму, ама овие три саати Battlestar Galactica уште се врвни како и секое претходно гледање. Не само што нема ни ден остарено, туку ја држи формата подобро од било кога. Различно ги правеа сериите тогаш. Ковано да трае, а не да биде викенд содржина на стриминг сервис ко сега што ги штанцаат. Aко ја промашиш пилот-епизодата, толку си - немаш серија. Затоа и ќе приметиш колку сѐ e грижливо склопувано.
Уште одма расчистува со што ќе си имаш работа. Не е ова Star Trek на Роденбери или нешто позитивно и весело. Ова е борба за опстанок на човештвото, сведено на мала неприземјена флота вселенски летала откако неговата креација Сајлоните одлучува да им ги изрока колониите со нуклеарки. Нема дипломатија и преговори, ги ловат и преживеаните. Не само што никој не знае кај биле Сајлоните додека траело ова изненадно нарушено примирје, туку сега може да изгледаат и како луѓе и да им се инфилтрираат на осетливи позиции. Со никој не си на чисто, било кој може да биде непријателот.
Толку добро презентирана калакурница што нема шанси да не те завлече. Кога Адама го држи говорот на крајот од овие три саати, ти доаѓа да потстанеш и да им се приклучиш. Феноменално секој пат. Баш ќе продолжам да гледам и прва сезона онака лабаво, нека се и две епизоди неделно. Може ќе се присетам зошто упорно ја баталувам. Ми фалеше нешто квалитетно за гледање, а во моменталната понуда нема нешто што ме влече. Го немам времето како некогаш, се трудам да бирам. Мислев да седнам на Scavengers Reign откако изгледав Blue Eye Samurai пред некој месец, ама сепак ќе пробам да пополнам со Battlestar Galactica измеѓу.
Гази и после дваесет години. Некои работи уште останале недостижни. Иако телевизиските серии напреднаа многу над ова, и тематски и продукциски и на секој различен начин, овој поджанр како тука да си ја испеа песната. Многу кратко после ова едни почнаа да го бркаат трендовскиот Lost формат без да успешно да го доловат тоа што функционираше таму, а други мислеа дека е само доволно да качиш луѓе на прљав вселенски брод, и толку беше - секна надежта за вакви серии. Немаше саглам "вселенска опера" до The Expanse, меѓутоа ни отприлика не достигна такво културолошко влијание.
No comments:
Post a Comment